СВЕТОВИ, поезија/припеви, 16-20

Потребно време за читање: < 1 минута

16. Исто

Исто како ништо
да не било што е
и како да сме ништо
да не бевме што сме.
Ден без ниедна ноќ,
ноќ во секаков ден
за љубов и живост.

17. Источник

Стасавме до источник
во наш оган,
тајна со наша замисла
на свет од тишини,
соништа и плодови.
Тој во него блика,
клокоти, се радува
оти сме најсетне
заедно мироносни.

18. Гласовито

Од сите страни
и од сите полустрани
гласови во глас
собрани
за да ги слушаат
силно, гласовито
неми и страшливи
пред последно,
пред неминовна
смрт до заборав.

19. Безизразни

Со безизразни никогаш
да не си ни миг на пат
кон незнајно каде,
ако сакаш да стасаш
до негде
меѓу блиски и далечни
доброти
на луѓе тажни весели,
насмеани, слободни,
доблесни, разиграни,
воспеани од птици
секакви.  

20. Голак

Се искачил на стена
спроти зајдисонце
голак.
Се надева таков
да го види сиот свет;
кој од пред некое
невреме
го остави да разбива
напади на ветришта
и маглишта.