21. Стоење в место
Стоиме в место,
а не знаеме до кога.
Тоа е секогаш прво
и најважно
од каков годе чекор
назад,
како што е прво
и најважно
каков ќе биде
чекорот напред
потоа.
Некои мислат,
дури се обидуваат
да нѐ подучат дека
стоењето в место
е добро ако се стои
на вистинско место.
Но не одговараат
на моето прашање
кое е тоа,
да не треба ние сами
тоа на себеси
да си го докажеме?
Јас од искуство
знам и мислам дека
вистинско место
никогаш нема
за стоење в место;
сѐ дури ги следиме
времињата
во нашето траење
и дури живееме,
дури дејствуваме,
дури создаваме,
дури мислиме,
дури чувствуваме,
дури дишеме
будни на сончевина.