Староста и самоста

-Како старее, човекот е сè повеќе со својата самост. Најпосле, единствено се он и она во претсмртен час.

-Не си сосем во право. Тоа е индивидуално. Знам стари кои никогаш не биле,  ниту се неминовно со неа. Се согласувам дека е таа во човекот уште од раѓање, потисната, немоќна и оти без престан се обидува да овладее со него. Некогаш ѝ успева, но само некое време или по собитие со непријатни, може и болни последици. Да, познавам и случаи на луѓе кои се цел живот сами. Тоа значи дека самоста ја прифатиле како своја единствена друшка. Но, и случаи на луѓе кои не ја ни чувствуваат, а камо ли да дозволуваат да ги обземе.

-Велиш случаи на луѓе. Јас не мислам на случаи, туку на дел од природниот процес на стареењето на човекот од една страна, а од друга на сè поголемата изразитост на неговата самост.

-Според мене, во врска со таа, да ја наречеме обусловеност е поголем  друг проблем. Директно и индиректно поврзан со социјално-економската состојба во општеството: грижата за старите луѓе.

Прочитај и за ... >>  Возвишеност

-Тоа е познато и нема потреба од промислување. Јас мислам на човекот и неговата самост независно од тоа дали он е или не е со луѓе. Сеедно со блиски или далечни. Значи, самоста и како посакувана и како болно, дури може трагично последична.

-Добро, прифаќам. Значи, како старее, човекот е сè повеќе со својата самост. И? Што така? Што тие потоа?

-Само ќе додадам дека и човекот и самоста се сè повеќе заедно и поради сè поголемото присуство на минатото наспроти сегашноста.

-Мислиш на спомените во него.

-Мислам. И тоа во минатото свршено време, сосе неможноста одново да ги оживеат спомените. Ех, кога би можело некои од нив да станат сегашност…

-А што мислиш за осаменоста?

-Нема што да мислам. Сè се знае за неа. Таа нема врска со староста. Има со текот на животот и собитијата во него. Ги следи или им се опира…Осаменоста е во суштината на отуѓувањето. Неретко е болест.

Прочитај и за ... >>  Настроение

-Ние сме сами?

-Мислам да. Затоа што не сме заедно, не сме блиски и сме сè подалечни.

-Прифати го тоа како неменливо. Одамна е.

-За жал, старееме секој со својата самост.        

МОЛКНАТИ ДИЈАЛОЗИ, раскази/ескизи, 34

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.