fbpx Прескокни до главната содржина

Комарци

Басни без наравоучение

Фатиле големи и долги летни горештини, со месеци не паднала ни капка дожд, па се здружиле млади и стари комарци за со заеднички сили да најдат некого кому ќе му ја пијат крвта сè додека не ја угаснат својата жед. Летале околу-наоколу, овде-онде, тука-таму, па долетале до еден старец кој дремел во сенката на дабот среде дворот на неговата трошна куќарка.

Комарците тргнале да го касаат по лицето и рацете, па на старецот му се пресекла дремката. Пред да почне да ги растерува и еден по еден да ги отепува во лет, им се обратил строго:

-Кај најдовте, комарци низаедни, да налетате баш на мене, дремлив старец, од сè живо и диво оставен на мира? Зарем горештиниве до толку ве збудалеле, што не разликувате младешка од старечка крв? Ај бегајте од мене дури сте живи, дури не ве испотепам сите до еден.

Младите и старите комарци се зачудиле на зборовите на старецот, почнале и да се плашат оти веќе отепал приличен број од нив. Пред да го послушаат, да одлетаат кон некоја друга своја жртва му рекле:

Прочитај и за ... >>  Натажен кловн

-Фала ти, мудар старецу, што нè потсети на разликата меѓу младешката и старечката крв. Летниве горештини се големи и долги, та толку ожедневме што сме пред збудалување. Извини. Ти продолжи да си дремеш под сенкава на дабов, а ние ќе одлетаме и белки ќе долетаме живи и здрави до младешка крв.

А старецот срдито:

-Одлетајте по ѓаволите, џенем! Но, ако сакате да останете живи и здрави, вратете им се и испијте им ја крвта на оние неранимајковци, предавници, платеници, завојувачи, изроди што ве испратиле да најдете млади луѓе кои ќе ги направите малокрвни и ќе ги снеможите. За после они да навалат на нив, да ги покорат и да ги направат слуги покорни. Белки во меѓувреме ќе научите дека крвта на младите во своите домашни огништа од памтивека е толку горешта и распалена, што секој комарец бидува мигум мртов штом ќе испие капка од неа.             

БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, 62

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.

Важна напомена: Сите права се задржани. Не е дозволено какво било преземање, копирање, објавување или преработка на делови или цели содржини од овој портал без претходно одобрение од авторот, редакцијата и/или издавачот. За секоја повреда на авторските и сродните права, Паноптикум го задржува правото да побара надомест и соодветна правна заштита.

Уредничка напомена: Во подготовката на содржината може да се користи дигитална/AI асистенција како помошна алатка за јазична, структурна, истражувачка или визуелна обработка. Финалниот текст е уреднички прегледан и објавен под одговорност на авторот и/или редакцијата. Главната илустрација на написот може да биде фотографија, авторска/архивска слика или AI-генерирана концептуална илустрација создадена за визуелна поддршка на текстот.