35. Љубен и љубена
Нешто што досега воопшто не е спомнато кога е збор за меѓусебниот однос меѓу Бисера и Пламен (од уште многу други нешта): меѓусебното љубовно обраќање со „љубен“ и „љубена“. Како изразување на обострани постојани чувства, но и како искажување на нивната неприкосновена љубов пред други. Забележливо е дека тоа се менува откако се разделени! Не толку свесно, баш дека разделеноста, поточно самотноста неизбежно ги менува нив и нивниот однос. Не како некакво заладување на односот, на почеток на меѓусебно оттуѓување, туку како, според нив, несоодветност во секојдневното интернетско контактирање. Обајцата сметаат дека обраќањето со „мил мој“ и „мила моја“ е исто како со „љубен“ и „љубена“, особено кога е тоа проследено со „Те сакам“ и „Ми недостасуваш“ (во последниве две-три недели обајцата со „Ми недостасуваш сè повеќе“).
Меѓусебното обраќање на Бисера и Пламен баналност? Особено како изразување и докажување на нивната неприкосновена љубов? Во други ситуации и констелации можеби, да, но по ова нивно прво разделување и самотност секако не! Дали тоа значи дека нешто почна да се менува помеѓу нив и во нив? Засега не може да се потврди ни како навестување. Напротив, разделеноста и оддалеченоста од ден на ден како да го јакне чувството на меѓусебно недостасување. Тогаш? Тогаш таквата, од обајцата сè уште незабележлива промена, единствено може да ѝ се припише на зачестената, речиси секојдневна интернетска комуникација.
Еднаш, кога беа заедно во Скопје, во татковината Македонија, сериозно разговараа токму за интернетското меѓусебно изразување близост и љубов. Не се согласија сосем, но заедничка им беше оценката дека една од негативните далекусежни последици е „заладувањето“, конкретно губењето на чувството на заемност, па и обусловеност.
Бисера:
„Се губат заемноста и обусловеноста, но од друга страна интернетската комуникација едновремено ја продлабочува и штити интимноста. Јас и ти можеме да комуницираме меѓусебно на Viber или да си испраќаме SMS пораки без „посредник“, без следење односно сведочење на трет, значи лично или тајно. Тоа најмногу ја докажува љубовта која во својата суштина е лична, интимна, тајна, таинствена, па и споделена со друг, со трети“.
Пламен:
„Но, ќе се согласиш дека таквата комуникација е „студена“. Разменети зборови на каков било начин немаат топлина зашто не овозможуваат допир…Можеби во интимната лирика…Тоа најмногу се потврдува кога станува збор за страста. Невозможно е таа да се доживее интернетски, нели“.
Пламен почувствува некаква нелагода, некако најблиска до сомнеж, читајќи ја најновата SMS порака на Бисера:
„Љубен,
На Невролошкиот институт при Универзитетот МекГил сум опкружена со млади колешки и колеги, но и средовечни и близу до моиве години. Многу се љубезни, секогаш ми се на припомош во совладување на некои задолженија. Ги запознав Ед Рутазер и Роберт Затор, во светот прочуени невролози со интересни проекти и истражувања…Ќе се обидам што поскоро да се вклучам во некои нови, тимски. Се надевам на успех.
Двајца помлади од мене, не од институтот, од ден на ден ми се сè поблиски и сме сè почесто заедно. Едниот е Французин, четириесет и двегодишен виолинист, се вика Жан Кадре, а другиот е Канаѓанец, сликар; името му е Сем Пери, има педесет и една година. Заедно неколкупати го посетивме Place des Arts, најголемиот културен и уметнички комплекс во Канада, со Операта, Балетот, Симфонискиот оркестар на Монтреал, Музејот на современата уметност…За него посебно другпат. Поздрав“.