СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, поглавје 52

Потребно време за читање: 2 минути

52. Слепиот мислител

SMS кореспонденција меѓу Пламен и Бисера.

Пламен ја потсетува Бисера:

„Се сеќаваш на Гоце, слепиот мислител? Малкумина го знаеја по име и  малкумина го забележуваа на неговото „визионерско место“, под првиот лак на Камениот мост од страната на плоштадот. Ретко кој одеше кај него да го чуе што зборува сам со себе. Најчесто го викаа „Пророкот“ и „Визионерот“. Како да се штрекнуваше кога некој од него ќе побараше одговор за нешто“.

Бисера:

„Како може да не се сеќавам?! Седнат скрснозе, од утро до ниедно време во ноќта, исправен, со дигната глава. Како да не се поместуваше и ниту јадеше, ниту жед гаснеше. Обично молчеше долго, како да го слуша течението на матниот Вардар, и одвреме-навреме тивко збореше. Обраснат со долга бела брада и долга бела кадрава коса, како никогаш во животот да не се избричил и не се истрижал…Што во врска со него?“

Пламен:

„Одамна го нема под Камениот мост. Никој не знае дали е уште жив или отишол во неврат незабележано. Не беше ни скитник ни бездомник, но најверојатно немаше ниеден ближен свој.

Те потсетив на слепиот мислител Гоце, „Пророкот“, „Визионерот“, зашто се сетив на неговиот одговор на нашето прашање за иднината на Македонија. Ти тогаш не го прифати, одвај успеа да не се насмееш гласно дури не се оддалечивме. Се сеќаваш што ни одговори?“

Бисера:

„Не баш. Мислам нешто во врска со растурање на светот за тој одново да се прекрои, да се преуреди и скорашна светска војна што тоа ќе ја предизвика. Баш пророчки“.

Пламен:

„Јас му го паметам кажаното од збор до збор, а сега гледам дека навистина беше не пророк, туку несомнено надарен со визионерство:

„Ништо добро не му се пишува на македонскиот народ. Нормално, преуредувањето на светот и светската војна што ќе го предизвика тоа пак ќе ги водат големите и силните против малите и слабите. Всушност, судирот ќе биде меѓу народите и нациите, а целта ќе биде уништување на преостанатите мали исконски народи во светот. Меѓу нив и македонскиот. Ме прашувате дали тоа неминовно разнебитување може да се спречи? Зависи од силата и големината на народите. Спасот на малите ќе биде само еден, одамна докажан по уништувањето на народи во минатото: културно и духовно обединување на нивните „остатоци“, на растурените, раселените низ светот, како и чување на корените на нивното опстанување сосе трагите во времето“.

Претпоставувам дека следиш што се случува овде кај нас, со нашиот народ и нашава држава“.

Бисера:

„Ме потсети за да ми докажеш дека треба да се вратам и јас, па заедно да ја продолжиме личната и заеднчиката борба за одбрана на македонството?“

Пламен:

„Го нема Гоце, слепиот мислител. Сигурен сум дека ќе ни докажуваше уште многу во врска со борбата…Не, не те потсетив за да се вратиш. Треба уште да размислуваме пред да решиме. Со оглед на нашите години и собитијата, ќе треба да донесеме дефинитивно решение…Мислам дека ни недостасуваат такви како Гоце“.

Крај на SMS кореспонденцијата:

Бисера:

„Зачна голема тема…Која бара темелна и детална расправа…Ќе ја расправаме кога пак, скоро ќе бидеме заедно“.

Leave the first comment