Потребно време за читање: 3 минути

56. Коренот

Се случи лани, есеноска, еден понеделник:

Имаше големо и силно невреме. Прво надојде силно северно ветриште. Дуваше со часови, цело попладне и цела вечер. Сè посилно и посилно, и сè постудено. Тоа донесе густи, модри и црни облаци. Ги туркаше еден кон друг, ги допираше еден со друг, едни вовлекуваше во други. На два часа пред полноќ конечно се собраа во еден, неизмерно голем облак. Натежна над градот, а секавиците стануваа сè почести, поогнени, со сè порезливи грмотевици. Потоа истури, цел час врнеше пороен дожд. Одамна немало толку големо и силно невреме како тоа лани, есеноска, еден понеделник.

Среде градот имаше мала дабова шума со земјени патеки за спокојна прошетка низ неа и клупи за починка. Меѓу дабјето како средишна точка стар даб. Разгранет, со широка и висока крошна, со стебло што не можеа да го опфатат многу луѓе заедно, со корен на поврвнината на земјата и којзнае колку длабоко во неа. Сигурно најстар меѓу дабјето, иако никој не знаеше колку стар. Тоа не беше забележано на дрвена или метална плочка крај него, како крај другите, ниту издлабено на неговото стебло. Можеби одговорните за шумата сметаа дека тоа не е потребно оти беше очигледно најстар, а и средишен. Другите го беа опкружиле на прилично голема оддалеченост. Помеѓу нив, пак, чистина, всушност уреден и негуван тревник, со земјена шетачка патека до него. А околу, во речиси правилен круг негови дебели и тенки корени.

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман, 60

Во ноќта во таа ланска, понеделничка, есенска ноќ одекна силен, заглушувачки трескот. Сите знаеја дека удри гром близу, среде градот, но во големото и силно невреме никој не се осмелуваше да излезе од домот за да види, да провери. Чекаа да престане. Само да не направил некоја штета, некому да не му наштетил, да не предизвикал трагична последица.

Ѕвездана и Апостол не чекаа да се раздени. Само што се потсмири, излегоа и се распрашаа што се случи. Каде удрил громот? Некои случајни, прилично вознемирени минувачи ги упатија кон дабовата шума среде градот.

Брзо стасаа, речиси со трчаница до стариот даб, средишната точка. Беше пресечен наполу и сиот во пламен! Веќе беа насобрани луѓе со кофи вода во рацете, обидувајќи се да го угаснат, огнот да не го пеплоса до корен, па и сосе него. Им требаше цел час. Ѕвездана и Апостол стоеја немо, со вкочанет поглед насочен кон стариот даб, со забрзано, исплашено дишење.

Мораа да го пресечат речиси до самоти земја. Го спречија огнот да му го зафати коренот на поврвнината на земјата. Одговорните за парк-шумата решија да го остават до напролет. Тогаш да го откорнат и да го уредат местото. Можеби како цветно сонце со водоскок.

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман

Денеска е среда, убав, пролетен, сончев ден. Претпладне, накај пладне. Ѕвездана и Апостол се договорија попладне, по училиштето да отидат во дабовата шума среде градот. Му предложија на татко им Пламен да појде со нив, но тој ги одби со образложение дека решил да поработи на проектот  подземна куќа, на доводот на струја и вода во него, а му останал за решавање и проблемот со отворите за дневна светлина. Ги одби и Славка. Тоа попладне испланирала да оди во градот по покупки.

Ѕвездана и Апостол решија да прошетаат по патеките низ дабјето со најпрва намера да видат што се случува со коренот на удрениот од гром и изгорен стар даб. Во меѓувреме го откорнале и на неговото место направиле цветно сонце со водоскок?

Неизмерна им беше радоста кога уште од далечина забележаа дека местото е како што беше есеноска, по големото и силно невреме, громот и огнот по него. Потрчаа по шетачката патека. Обајцата почувствуваа во себе некаква нејасна надеж. Да не му е коренот жив?! Одговорните за парк-шумата се откажале од намислата?

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман

Радоста им беше неизмерна кога го здогледаа малиот и тенок надземен коренов изданок! Мал? Веќе израснат речиси еден метар! А и коренот на поврвнината им се виде пораширен, испреплетен со подебели и потенки продолжетоци. Им се виде или, пак, замислија дека се испреплетил како легло комотно за двајца? Легнаа во него, се погледнаа, се изнасмеаја.

Решија да преземат сè што треба за да ги зачуваат коренот и кореновиот изданок на стариот даб. Тој да продолжи да расте слободно.

Ѝ напишаа SMS порака на мајка им Бисера:

„Ти пишавме што се случи со најстариот даб во дабовата шума, во ланското есенско невреме. Удри гром во него, го расцепи на средина, по срцевината, и го изгоре до самоти корен. Сега не можеме да ти ја опишеме радоста кога го видовме кореновиот изданок и испреплетениот корен како легло за двајца. Го снимивме, ти го испраќаме видеото.

Ова со продолжувањето на животот на стариот даб, благодарение на раширеноста и длабината на неговиот корен, е со голема порака? Има многузначна симболика? За нас да! Сигурни сме дека видеото и тебе ќе те замисли. Поздрав.“