Соживотот е еден од оние зборови што во Македонија ги изговараме толку често што понекогаш повеќе и не се прашуваме што навистина значат. Го има во политички говори, декларации, празнични пораки, стратегии, проекти и повици за толеранција. Се појавува секогаш кога односите меѓу заедниците ќе станат политичка тема и секогаш кога треба да се покаже дека државата, барем нормативно, знае каде сака да оди.
Вистинската мерка сепак не е во свечените реченици. Таа се гледа во училиштето, на работното место, во институцијата, на шалтерот, во маалото, на социјалните мрежи, во медиумот и во политичкиот говор. Се проверува тогаш кога човекот пред нас има поинакво име, говори друг јазик, се моли во друг храм, гласа за друга партија или носи поинакво сеќавање на истиот историски настан.
Токму затоа заедничкиот живот не е само прашање на добри меѓучовечки односи. Тој е и политичко прашање. Прашање за тоа каква држава градиме, како ги организираме институциите, што ги учиме децата, како зборуваат политичарите и медиумите и дали граѓанинот го гледаме прво како човек или како припадник на категорија.
Македонија не е апстрактно мултикултурно општество
Различноста во Македонија не е политички слоган туку демографски и историски факт. Според податоците од Пописот на населението во 2021. година, во земјата живеат Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Бошњаци, Власи и припадници на други заедници, со различни јазици, религии и културни традиции.
Тоа значи дека прашањето како ќе живееме едни со други не е теоретска вежба што можеме да ја одложиме за подобри времиња. Тоа е дел од секојдневното функционирање на државата.
И тука започнува потешкиот дел. Физичката близина не произведува автоматски заедништво. Можно е луѓето со децении да живеат во исти градови, да се разминуваат на исти улици и да работат во исти институции, а сепак меѓу нив да постојат цели паралелни светови. Различни медиуми, различни политички приказни, различни културни кругови, различни историски мемории, понекогаш и различни претстави за самата држава.
Отсуството на отворен конфликт е само минимум. Заедничкото општество бара нешто повеќе – доверба дека институцијата е и моја и твоја, дека законот не прашува кој си пред да важи за тебе и дека правото на едниот не се доживува автоматски како загуба за другиот.
Различноста не е проблемот – проблемот почнува кога ќе стане политичко гориво
Ниту една етничка, верска или јазична разлика сама по себе не произведува омраза. Луѓето можат да бидат различни и да соработуваат, да тргуваат, да се дружат и да создаваат заеднички институции. Опасноста започнува кога разликата ќе се претвори во средство за политичка мобилизација.
Тогаш граѓанинот повеќе не е човек со работа, сметки, семејство, здравствени проблеми, талент, образование, надежи и стравови. Тој станува Македонец, Албанец, Турчин, Ром, православен, муслиман, „наш“, „нивни“, лев, десен, патриот или предавник.
Категоријата го проголтува човекот.
Политиката одамна знае колку е моќна таа техника. Политиката што владее преку страв нема постојано да зборува за сложени институционални проблеми, ниска продуктивност, образование, корупција или функционалност на јавните служби. Многу полесно е да понуди противник. Некого поради кого „ние“ сме загрозени, запоставени или понижени.
Стравот од другиот е политички евтин, а изборно може да биде исклучително употреблив.
Но неговата општествена цена ја плаќаат сите.
Кога државата ќе почне да ги брои луѓето пред да ги гледа
Македонската политичка реалност по 2001 година не може сериозно да се разгледува без Охридскиот рамковен договор. Тој произлезе од вооружениот конфликт и постави рамка за мирно политичко решавање, поголема застапеност, локална самоуправа, јазични права и заштита на идентитетите на заедниците.
Дел од таа архитектура подоцна беше вграден и во уставниот поредок. Уставните одредби ја утврдуваат еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, а со уставните амандмани се гарантира правото на заедниците да го изразуваат и развиваат својот етнички, културен, јазичен и верски идентитет.
Тоа се важни демократски гаранции. Малцинска заедница што не може да се препознае во институциите тешко ќе ги доживува тие институции како свои.
Но тука се појавува и една од најчувствителните дилеми на македонскиот модел: како да се заштити правичната застапеност без целиот јавен живот да се претвори во трајна етничка аритметика?
Зашто ако човекот во секоја прилика мора најнапред да биде преброен според потеклото, а дури потоа проценуван како граѓанин, професионалец, лекар, наставник, инженер или службеник, механизмот создаден за интеграција може да произведе нова форма на сегментација.
Општеството тогаш навидум се интегрира преку институционални механизми, а истовремено продолжува да мисли низ „наши“ и „ваши“ места.
Македонскиот идентитет не мора да исчезне за другиот да биде рамноправен
Разговорот за заедничкото живеење понекогаш запаѓа во друга замка – како почитувањето на различноста да бара потиснување или релативизирање на мнозинскиот национален идентитет.
Тоа е погрешна почетна точка.
Македонецот не мора да биде помалку Македонец за Албанецот да биде рамноправен граѓанин. Албанецот не мора да се откаже од својот јазик и културна припадност за да ја смета Македонија за своја држава. Истото важи за Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците и другите заедници.
Како што веќе беше отворено во текстот за идентитетот и припадноста, зрелиот идентитет не треба да се храни со исчезнувањето на другиот. Колку е човек посигурен во тоа што е, толку помала потреба има туѓото постоење да го доживува како закана.
Никој не мора да се откаже од себе за да го признае другиот. Потребна е само јасна граница меѓу љубовта кон своето и презирот кон туѓото.
Таа граница понекогаш изгледа тенка, особено во општества што долго живееле со историски конфликти и натпреварувачки национални наративи. Но без неа нема демократска заедница, туку само групи што привремено ја делат истата административна територија.
Минатото мора да се памети – но не мора секој ден повторно да се војува со него
Македонија е земја во која историјата ретко останува само историја. Таа влегува во политиката, во односите со соседите, во образованието, во идентитетските дебати, во партиските кампањи и во разговорите за тоа кому му припаѓа некое име, настан, херој, јазик или културно наследство.
Не може, а и не треба, минатото едноставно да се избрише. Историското паметење е дел од идентитетот на народите и заедниците. Македонскиот народ има право на сопствена историска меморија, исто како што секоја заедница има право да ги памети сопствените искуства.
Проблемот започнува кога историјата престанува да биде знаење и станува секојдневна мобилизациска алатка.
Тогаш предците повторно се повикуваат за да ги решат конфликтите на потомците. Стара неправда се користи за оправдување на нова. Индивидуалната вина се претвора во наследна вина на цели групи. Денешен човек станува одговорен за нешто што го направил некој што живеел пред тој да се роди.
Таквата логика нема крај.
Зрело општество не бара да заборавиме што се случило. Бара да не дозволиме мртвите постојано да управуваат со односите меѓу живите.
Сиромаштијата, неправдата и клиентелизмот се исто така дел од проблемот
Многу лесно е меѓуетничките односи да се разгледуваат само како прашање на идентитет, симболи и јазик. Но незадоволството ретко се раѓа само таму.
Човек кој смета дека не може да добие работа без партиска врска, дека институциите не го слушаат, дека правдата е селективна или дека напредувањето зависи од припадност наместо од способност лесно станува ранлив на политички пораки што неговата лична фрустрација ќе ја претворат во групна.
Тогаш економскиот проблем добива етничко толкување.
„Не успеав затоа што тие добиваат повеќе.“
„Нас нè запоставуваат.“
„Ним им е дозволено, нам не.“
Понекогаш зад таквите ставови стојат реални нееднаквости што мора да се решаваат. Понекогаш станува збор за политички произведена перцепција. Во двата случаи, нефункционалната држава е најдобриот сојузник на поделбата.
Кога правилата се јасни, институциите работат и критериумите важат за сите, просторот за етничка параноја се стеснува. Кога системот е клиентелистички, секоја неправда лесно може да добие национална боја.
Не може да има доверба ако децата растат во паралелни реалности
Односот кон различноста не се учи со еден проектен ден посветен на толеранцијата. Се учи со години.
Дете што речиси никогаш нема вистински контакт со врсници од друга заедница лесно може да ја изгради претставата за нив од семејни приказни, политички говори, видеа на интернет или од најгласните примери што ги нудат медиумите.
Предрасудата најлесно расте таму каде што недостасува личното искуство.
Многу е лесно да се мрази апстрактно „тие“. Потешко е кога „тие“ имаат име, седат до тебе, играат фудбал со тебе, ти помогнале на испит или биле покрај тебе кога ти било тешко.
Образованието затоа има задача многу поголема од пренесувањето факти. Треба да создаде граѓани способни да разликуваат историски факт од пропаганда, критика од омраза, колективна припадност од колективна вина.
Ако секоја нова генерација повторно ја воспитуваме во истите стравови, не треба да нè изненадува кога политиката повторно ќе ги употреби.
Јазикот може да биде мост, а може да стане граница
Ниту една политика на заедништво не може да го игнорира јазикот. Преку него човекот не само што комуницира, туку го доживува светот, семејството, културата и сопствената припадност.
Токму затоа јазичните прашања се толку чувствителни.
Проблемот се појавува кога јазикот престанува да биде право и средство за комуникација и ќе стане знак преку кој се мери политичка победа или пораз. Тогаш секоја табла, формулар или административна одредба може да се претвори во симболички фронт.
А зборовите што ги користиме во тие расправи имаат последици. Panoptikum во столбот „Јазик, мисла и манипулација“ ја отвора токму таа врска – начинот на кој именувањето ја обликува стварноста.
Кога некого постојано го нарекуваме закана, натрапник, предавник или непријател, ние не само што го опишуваме. Ние подготвуваме начин на кој јавноста треба да го доживее.
Медиумите не се невини набљудувачи
Современото медиумско опкружување дополнително го усложнува проблемот. Алгоритмите, социјалните мрежи и економијата на вниманието го наградуваат токму она што најбрзо предизвикува реакција.
А гневот патува побрзо од нијансата.
Една навредлива изјава може за неколку часа да стане „став на цел народ“. Инцидент меѓу двајца луѓе може да се претвори во доказ за карактерот на цела заедница. Непроверена информација што ги потврдува нашите постојни предрасуди ќе биде споделена многу побрзо од исправката што ќе дојде утредента.
Затоа медиумската одговорност во поделено општество не е прашање на пристојност. Таа е демократска потреба.
Новинарството не треба да ги прикрива конфликтите. Треба да ги опишува точно. Да прави разлика меѓу сторител и заедница, меѓу политичар и народ, меѓу факт и толкување.
Инаку медиумот престанува да биде посредник на стварноста и станува нејзин производител.
Кога политичкиот противник веќе не е сограѓанин
Поделбите во Македонија не се само меѓуетнички. Последните години покажаа колку длабока може да биде и партиско-политичката поларизација.
Проблемот не е што луѓето имаат различни политички ставови. Демократијата постои токму затоа што тие ставови се различни. Проблемот започнува кога политичкиот противник ќе престане да биде легитимен соговорник и ќе стане морално сомнителен човек само поради тоа што се наоѓа „на другата страна“.
Во текстот „Кога политичкиот противник станува непријател“ токму оваа линија меѓу несогласувањето и исклучувањето е поставена како едно од централните прашања на современиот јавен живот.
Зашто поделбата на „наши“ и „ваши“ не завршува со партиските штабови. Таа влегува во администрацијата, културата, медиумите, бизнисот, па и во приватните односи.
Ако човекот мора да праша која партија стои зад лекарот, професорот, уметникот или новинарот пред да одлучи дали ќе му верува, тогаш проблемот е многу подлабок од изборниот резултат.
Мирот не значи молчење за неправдата
Една од најопасните заблуди е дека во име на добрите односи треба да се избегнува секоја непријатна тема.
Не треба.
Ако постои дискриминација, треба да се именува. Ако постои национализам, треба да се критикува. Ако некоја институционална политика создава неправда, треба да се преиспита. Ако нечии права се повредени, нивната заштита не е напад врз заедничкиот живот.
Мир што зависи од молчењето на незадоволните е само привремена тишина.
Затоа е важно да постојат институции во кои конфликтот може да се артикулира без да стане насилство. Демократијата не ги укинува различните интереси. Таа создава правила според кои тие можат да се судрат без да го уништат заедничкиот простор.
Во таа смисла, и Европската комисија во Извештајот за Македонија за 2025 година повторно ги поставува владеењето на правото, институционалните реформи и фундаменталните права меѓу областите што ја определуваат демократската зрелост на државата. Довербата меѓу граѓаните тешко може да биде стабилна ако тие немаат чувство дека правилата важат еднакво.
Заедничката држава не е збир од туѓи дворови
Најлошата можна верзија на мултиетничко општество е онаа во која сите се формално застапени, но речиси никој не чувствува вистинска заедничка припадност.
Тогаш државата личи на зграда поделена на станови во која соседите имаат ист покрив, но немаат чувство дека нешто друго им е заедничко.
Од таков модел тешко се создава солидарност.
Зошто би се грижел за сиромаштијата на човек што постојано го доживувам како припадник на „другите“? Зошто неговата неправда би била и мој проблем? Зошто би го бранел неговото право кога политички ми е покорисно да молчам?
Токму тука се гледа разликата меѓу население и политичка заедница.
Заедничката држава мора да има нешто над етничката распределба. Не заедничка етничка припадност, туку заедничка идеја за правичност: дека јавните пари не се партиски плен, дека законот не знае презиме, дека институцијата е сервис, дека достоинството не зависи од бројноста на заедницата и дека слободата што ја барам за себе морам да бидам подготвен да ја признаам и на другиот.
Одговорноста не завршува кај политичарите
Многу е удобно за секоја општествена поделба да ги обвинуваме само политичарите.
Тие имаат голема одговорност. Располагаат со институционална моќ, буџети, говорници и медиумска видливост. Една нивна реченица може да смири ситуација или да ја запали.
Но политичката манипулација функционира само ако во општеството постои материјал со кој може да работи.
Кога без проверка споделуваме приказна што ја оцрнува цела заедница, политичарот не го создава нашиот избор – само го користи. Кога навреда на етничка или партиска основа ја оправдуваме затоа што „и тие нас нè навредуваат“, веќе сме ја прифатиле логиката што наводно ја осудуваме.
Секој човек има свој мал дел од јавниот простор. Некогаш тоа е семејната маса, некогаш групен разговор, Фејсбук-профил, канцеларија или училница.
Таму се решава дали предрасудата ќе продолжи понатаму.
Најтешката лекција: другиот не мора да стане како мене
Можеби најтешкиот дел од вистинското заедништво е сознанието дека неговата цел не е сите на крај да станеме исти.
Другиот можеби никогаш нема да ја гледа историјата како мене. Можеби ќе говори друг јазик дома, ќе има друга религија, ќе гласа поинаку и ќе има сосема различна претстава за некои политички прашања.
Демократската зрелост започнува токму таму: кога ќе сфатиме дека не мора да победиме во секоја разлика за да можеме да живееме заедно.
Тоа не е релативизирање на вистината. Не значи дека сите ставови се еднакво точни, ниту дека треба да се откажеме од сопствените уверувања. Значи само дека човекот не го губи своето достоинство затоа што не успеавме да го убедиме.
Во суштина, заедничкиот живот не бара љубов кон сите. Тоа би било нереално. Бара систем во кој дури и луѓето што не се сакаат, не се разбираат или не се согласуваат можат да живеат без меѓусебно да си ја одземаат слободата, безбедноста и правото на иднина.
Македонија ќе биде заедничка онолку колку што неправдата кон другиот ќе ја чувствуваме како сопствен проблем
По децении политички декларации за мултиетничност, Македонија можеби треба поретко да го повторува зборот соживот, а почесто да прашува што произведуваат нејзините институции, училишта, партии и медиуми.
Дали создаваат граѓани што можат да живеат со различност или групи што постојано стравуваат една од друга?
Дали човекот учи дека државата е заедничка, или дека треба да најде „свој човек“ во системот?
Дали правата ги разбираме како универзални или ги браниме само кога се наши?
Токму тука е вистинската мерка.
Македонија нема да стане позрело општество кога Македонецот, Албанецот, Турчинот, Ромот, Србинот, Влавот или Бошњакот ќе престане да знае кој е. Ќе стане тогаш кога никому нема да му биде потребно другиот да исчезне, да молчи или да стане помал за тој да се чувствува сигурен во сопствената припадност.
И нема да стане послободна кога ќе исчезнат политичките несогласувања. Ќе стане тогаш кога политичкиот противник повторно ќе може да биде сограѓанин.
Државата, на крајот, не е навистина заедничка затоа што тоа го пишува во некој документ. Заедничка е кога човекот може да ја брани сопствената припадност без страв – и истовремено да го брани правото на другиот да ја има својата.
Можеби токму тука почнува зрелото општество: во мигот кога ќе разбереме дека достоинството не е ресурс што мора да го одземеме од некого за да го имаме повеќе ние.









