92. Срцевини
Срцевини в коски
и во дрвја вековити
исто зборат за времето
што го одживеале:
дека секој миг
самосвесен
остава неизбришлива
трага во паметењето,
во личниот опстој,
во плодната земја,
во безмерната убавина
на играта, летот, гласот
и песната.
Срцевини в коски
и во дрвја вековити
исто зборат за издивот
нивен последен:
дека ја совладале
менливоста на светот
дребнав
од изгрев до залез,
сосе ноќта
громовита, бессона;
за мисла
вкоренета во знак
на нова рожба
и за намисла
да се продолжи живот
јадровит.