36. Мразно
Мразново како неизвесност
меѓу самрак и ноќна тишина
во мене што навалило
морам што поскоро
да го надвладеам
како минливо време без мене.
Мразново како стравување
дека сум веќе немошен
да ги воспримам промените
во катадневието кое
ту забавува, ту забрзува
едновремено со градби
и урнатини
од мој, од нечиј опстој
во паметење.
Мразново како замолк
што во ниедно време
ми ја оковал слободоумноста,
та не можам да се кренам,
да се исправам на нозе
помеѓу прв воздив
и последен издив,
белки ќе успеам совреме
коски да му соголам
до нивната срцевина,
па да му ги расфрлам
во бескрајна пустелија,
никој ниту една
како трага на живот вековит
ни случајно да не може
да ја сретне лунѕајќи низ неа
до бессознание.