3.
Сонцева почина точно на полноќ, кога се преклопија сказалките на големиот часовник во нејзината болничка соба и кога последното песочно зрно падна во долната половина на малиот песочен часовник, на шкафчето крај нејзината претсмртна постела. Ги склопи очите и за последен пат издиша длабоко, со блага насмевка на усните.
Половина час претходно од ближните го викна Македон. Тој се изненади зошто само него, му дојде непријатно пред другите најближни, може еден од нејзините тројца синови, туку е син на нејзината постара ќерка Ѕвездана (Ма) и зетот Љубен (Иле). Но, му стана сосем разбирливо откога внимателно го ислуша нејзиното обраќање:
-Македон, како што ми откри одамна, ти си единствен што успеа скришно да се здобиеш со мало парче лорандит. Жаровито црвен. Ми рече дека си го нарекол Сонцева крв. Не знам дали името го поврза со моето или оти си моја крв. Тоа воопшто не е важно. Важно е дека го имаш. Да го чуваш, да го вардиш, да не ги изгубиш, да не дозволиш никој да ти го одземе.
Знам дека знаеш за неговата животворна и вековита моќ. Како зрак сончевина, како извор на вдахновение. Сакам да ти откријам кога и како е таа моќ најголема. Кога најцврсто ќе чекориш по патот на самодокажувањето, извишувањето, на затврдувањето на твојата самобитност; од кога ќе создаваш, ќе градиш, ќе надградуваш; и како ќе им оставиш на потомците многу непорекливи, неприкосновени и единствени дела за опстој и за траење.
Замолче некое време, втренчено загледана во него, издиша длабоко, па продолжи:
-Старите ковачи ќе ти кажат кој е најдобар помеѓу нив, а ти од него ќе побараш да изработи штит со шеснаесетзрачно сонце и розета во центарот.
Македон:
-Како штитот на Александар?
Сонцева:
-Да, ист. Во неа ќе го ставиш лорандитот, па ќе ја видиш и ќе ја почувствуваш неговата моќ. Со светлината, енергијата, дејственоста и хармонијата.Ти ги знаеш симболиката и значењето на круговите, сино-виолетовата розета, осумте помали и осумте поголеми зраци. А кога нив ќе ги поврзеш со Сонцева крв, ќе знаеш што и како потаму со системот на нашите четири темели-енергијата, земјата, човекот и волјата.
Сонцева крв ја погребаа кај што сакаше. Во запустеното село Мајден.