КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), XIII, роман

Потребно време за читање: 4 минути

XIII

Дали Гласномисленикот е бескомпромисен колумнист? Да, во доволна мера. Што значи тоа?

Тоа значи дека компромисот воопшто го прифаќа како дел од секојдневниот живот. Човек мора во него да прави секакви компромиси-големи, мали, тешки, лесни. Но, како секој слободоумен и тој не прифаќа никаков компромис кога станува збор за суштествени стојности на постоењето во животниот простор и животното време. Тоа еднакво се однесува на проблематизирањето на приклученијата од локален и глобален карактер, со настојување да се пронајде нивен заедички „именител“, тие да имаат значење и за индивидуата и за заедницата.

Се разбира, Гласномисленикот е бескомпромисен како како критичар, така и со своите формирани заложби и заклучоци.

Дамјан од Истин е бескомпромисен борец? Зависи кој како го дефинира таквиот. Тој себеси се смета дека е пред сè со генералната цел на неговите колумни; да ги буди заспаната свест и совест во човекот, тој соодветно да реагира на секојдневните собитија и проблеми; едновремено да се опира и да инсистира тие да се надминуваат, а деноноќно од власта да бара лична конкретна одговорност и казна за консеквенциите од лошо или ненавремено сторено и од несторено.

Гласномисленикот во своите колумни,со заеднички наслов „Поенти“, најчесто изнесува наспоредни и споредбени глобални и локални факти и аргументи, па донесува свои заклучоци и ставови. Неретко со полемичен тон.   

Две поенти во овие денови пред многу години    

1. Предизвик: глобално затоплување

Организацијата за заштита на животната околина, Светскиот фонд за природа, предупреди дека најразвиените земји се соочени со сѐ поголем недостиг на вода.

Во извештајот на организацијата се вели дека е тоа последица на комбинација на климатските промени и лошата употреба на постојните резерви на вода. Во многу од најбогатите градови, како Сиднеј и Хјустон, се троши многу повеќе вода отколку што е можно да се надомести. Во други пак, како Лондон, потрошувачката на вода е преголема поради застарени водоводи и вкупната инфраструктура.

Британската академија на науките објави извештај во кој најавува дека недостигот од вода ќе доведе до сѐ поголеми суши на сите подрачја. Едно од нив е и јужна Европа. Дека тој тренд веќе започна, сведочат сушите и шумските пожари ширум Средоземјето.

Најлошо е во Шпанија, која научниците во следните неколку децении ја гледаат како делумно пустинска земја. Голем дел од потрошувачката на вода во оваа земја отпаѓа на туризмот, а посебно на одржувањето на терените за голф што никнуваат како печурки, но не по дожд. Додатен проблем претставува фактот дека цената на водата во Шпанија е дури 30% пониска отколку во останатите делови на Европската унија. Ситуацијата не е подобра ниту во соседната Франција.

Со неколку научни истражувања светот е предупреден на сѐ поприсутното топење на ледниците на Алјаска, Гренланд и Антарктик, што директно ги загрозува живеалиштата на поларните мечки и другите поларни животни.

Воопштеното научно објаснување е дека овие промени се предизвикани од јаглеродниот двооксид кој ја задржува топлината и другите гасови што во атмосферата се испуштаат со горењето на јаглен, природен гас и согорувачкиот бензин.

Меѓународната комисија на ОН за климатски промени утврдила дека количествата на јаглеродниот двооксид во атмосферата во последните 100 години е зголемена за 30%, како и оти просечната температура на површината на планетата пораснала за 1 степен. ОН предупредуваат дека во следните 100 години температурата на Земјата би можела да порасне од 1,5 до 6 степени Целзиусови.

Една од „најсмирувачките“ прогнози е онаа на истражувачот на климатските промени од универзитетот „Рутгерс“, Ентони Броколи: дека живиот свет можеби нема да изумре ако глобалното загревање не се запре, но секако животната средина ќе биде мошне, мошне поинаква.

Некои учени согледувачи на „големата слика“ прогнозираат дека територијата на Македонија скоро (-по неколку децении) ќе стане пустина, а како резултат на „човекиот фактор“, геостратешките планови и интереси. Да, пустина со  минимален, заскитан и адаптиран број „човечки фактори“.

Дали сме подготвени за „подивена“ животна средина?

Колку и на кој начин секој од нас може да ѝ помогне на нашето единствено живеалиште-планетата Земја, на нашата животна и работна средина, на околината што нѐ опкружува, да си помогнеме на самите себеси?

Можеби е време на основната порака на екологистите „Мисли глобално, дејствувај локално“ да ја додадеме и следната: „Дејствувај колективно, но многу повеќе индивидуално“.

2. Сиромаштијата и гладта во светот сѐ поголеми

Што се случува во светот? Сè повеќе богати на сметка на сиромашните или се работи за два паралелни света, толку разделени, оддалечени што веќе нема можност за никакво заедништво, за споделување на судбината, за заедничка иднина? Не е ли сосема спротивно од она што го очекуваа, на што многумина се надеваа и не гледаа никаква алтернатива-глобализмот? Имаат ли право антиглобалистите дека и тој е „направија“ на богатите за сметка (експлоатација) на сиромашните и гладните.

Поразителен е фактот дека од една страна богатството сѐ повеќе се концентрира, се натрупува во сѐ потесен круг, а од друга постојано расте бројот на оние што одвај преживуваат секој ден, надевајќи се дека ќе одживеат макар уште еден.

Дефинитивно се поразени светските лидери, особено на најбогатите земји. Време е да престанат да го лажат светот, имено дека за неколку децении ќе го преполоват бројот на гладните. Време е да ги симнат маските пред него.

Над 800 милиони луѓе живеат во најсиромашните земји на светот. Во таа група се наоѓаат 50 земји, а најмногу од нив во Африка, јужно од Сахарa. Останатите се во азискиот и пацифичкиот регион.

Обединетите нации на секои 2 години ја анализираат и оценуваат состојбата со гладта и сиромаштијата во светот, а помеѓу критериумите што се анализираат се економската структура и бруто националниот доход, смртноста кај децата, здравството, исхраната и образованието. Се издвојува подсахарска Африка, регион во кој третина од луѓето нема доволно храна. Мали, Еритреја, Либерија, Хаити, Бангладеш и Непал се дел од големата група во која битката против сиромаштијата е мошне тешка, но засега не дава речиси никакви резултати.

Една од главните причини за големата сиромаштија е невработеноста, чија последица се, меѓу другото, помали даноци и неможност да се финансира во здравството и образованието. Меѓутоа, некои експерти сметаат дека токму на тој план „лежи“ главниот проблем: погрешно вложени пари. Наместо во нив, тие сугерираат дека треба да се инвестира во производството и инфраструктурата.

Сиромаштијата во Македонија од ден на ден станува сѐ поголема и подлабока, загрижувачка, па и алармантна. Повеќе од една половина од населението не може да ги задоволи најосновните животни потреби, а третина одвај се прехранува.

Што може да се стори? Може и мора пред сѐ власта, и тоа на сите нивоа. Да работи и дејствува посветено, напорно, упорно, секојдневно, да сработува и доработува. И да не дозволи да биде заробена во тесните домашни-„домородни“ полит-бизнисменски и олигархиски кругови.

Leave the first comment