ШТОМ ЗАОДЕВ, СЕКАКО ЌЕ ДООДАМ или СЕКИДНЕВНИ НАСТАНИ И ДОЖИВУВАЊА ВО ЖИВОТОТ НА КОРЕН СТАМЕНОСКИ СО ПРЕКАР ИМЕ, минијатурен политички роман

Потребно време за читање: 3 минути

Настан и доживување I

Мене, Корен Стаменоски со прекар Име, ми е многу важно дека татко ми и мајка ми ме зачнале во првата недела од стапувањето во брак, но не и како посакувано прво машко во нивното идно многудетно семејство. Тоа значи дека сум рожба на голема љубов, еднаква во страста, нежноста, соништата и надежта.

Што се однесува на важноста и вредноста на моето лично минато и мојава сегашност, и дека тие ми се поважни од колективните, сакам да докажам колку би требало да се тоа за секој кому му се пред сѐ друго личниот идентитет и интегритет.

Имено, моето лично минато и мојава сегашност во Костец во ниеден момент не биле, ниту дозволувам да постојат или опстојуваат наспоредно, а камо ли да се спротивстават. Напротив, и кога промислувам и кога дејствувам и кога создавам тие се секогаш испреплетени. Неретко се дури меѓузависни, особено кога ми е најважно искуството или ми е неизвесна иднината. Доколку тоа и таа не ми се доволно очевидни или проверливи, најчесто ја повикувам на помош љубовта, една од оние што ми се со иста страст, нежност, соништа и надеж како на татко ми Стојмир и мајка ми Милица. Знам за неа од нивни меѓусебни, сочувани, значи за мене сѐ уште живи писма, како и од избледени и пожолтени заеднички фотографии. Немало една единствена помеѓу нив? Да, како и на секој во кое било животно доба. Иако немам ништо за доказ, сигурен сум дека и нивната не била.

А во врска со моето раѓање, чувствувам потреба да раскажам кога и како открив дека сум заживеал во куќарка опкружена со неплодна земја и река што течела крај неа, а извирала во далечна планина на исток.

Открив сосем случајно, на една од заедничките избледени и пожолтени фотографии на татко ми и мајка ми. Ме збунуваше, беше како насликана заднина, мошне реалистична, со природни основни бои: куќарката кафеава и црна, неплодната земја жолта и бела, реката сина и црвеникава, а далечната планина на исток со нејзиниот извор бела, зелена, сина и жолта. Тие во крупен, преден план, еден до друг, загледани еден во друг, со ведри, но сериозни лица, и јас на три години помеѓу нив. На задната страна датум на настанување на фотографијата. Многу години подоцна од некои мои далечни роднини разбрав дека таа била направена пред куќарката на неплодна земја, реката крај неа и изворот во планината на исток, а фотографот само ја ретуширал со нагласување на боите.

Незаборавен ми е почетокот на запознавање на Костец. Се разбира, по квечерта на брегот на Камена река и средбата со средовечната седокоса жена, со убаво лице, модри подочници, искривен нос, мала црна брадавица на левиот образ и две длабоки брчки на челото.

Воопшто не обрнав внимание на нејзината забелешка дека оној што ќе се загледа во неа станува дел од неа. Ме замисли нејзиниот исказ за течението во минатото, дека го го делела градот на два еднакви дела, а неговите жители од ден на ден се оддалечувале меѓу себе сѐ повеќе, се гледале напоречки, се замразувале меѓусебно. И ден-денес не разбирам зошто ја окривиле неа, па ѝ го направиле новото корито. При разделбата забележав дека не ми се допаѓа, просто ми е одбивна Централната населба со облакодери што ја изградиле во нејзиното корито низ градот. Па уште обѕидана со дебели бедеми.

Многу време го запознавав Костец, но многу повеќе ми требаше да го прифатам како свој, роден. На почетокот не го сакав, дури ми беше некако одбивен. Централната населба и сега не ми се допаѓа. Според мене, неговите жители во облакодерите во меѓувреме не почнаа да се приближуваат, уште повеќе се гледаат напоречки, продолжија да се мразат меѓусебно. Напротив, имам многу аргументи дека е уште повеќе разгорен огнот на омразата.

Ја паметам многу кусата средба на изгрејсонце со средовечната седокоса жена, со убаво лице, модри подочници, искривен нос, мала црна брадавица на левиот образ и две длабоки брчки на челото, на една од стражарските кули на бедемот. Траеше минута-две. Всушност, се сведе само на едно мое прашање и нејзин одговор. Прашањето:

„Костец е модерен град?“

Нејзиниот одговор:

„Што е тоа модерен град? Знаеш? Ако мислиш на организиран и функционален, тогаш е. Но не е кога ќе го согледаш животот во него, особено неговите вредности. Во голема мера е хаотичен, стресен, со многу обврски, ограничувања и одговорности, а сѐ помалку лични слободи. Луѓето во Костец нема кој да ги организира, да ги предводи, да ги поттикне да се фатат во костец со сето тоа. Што им го наметнуваат политичарите и политикантите“.

Leave the first comment