Доживување XII
Корен Стаменоски со прекар Име подолго време сите видни луѓе во Костец, од двете спротивставени групи на бизнисмени и политичари, просто го одбегнуваат како мислечка личност. Дури настојуваат да не се разминат со него. Како да им боктиса со своите гледишта и стојалишта за организацијата на секидневниот живот, особено неговиот квалитет, односно за влијанието врз општеството, врз процесите во него, борбата против какво било дејание на секој поединец што се обидува да се наметне.
Случајно или намерно, сеедно, по подолго време молчаливост вечерва пак се најде на јавна предизборна трибина, организирана за граѓаните со право на глас. Немаше каде ни како, мораше да се прикаже со вистинското лице. Повеќемина и од едната и од другата група го прозваа да каже што мисли за демократијата и за каква демократија се залага лично тој.
Име со рамнодушен, напати тивок глас кажа:
-За неа знаеме дека е систем на владеење на сите луѓе, и тоа директно или индиректно односно преку претставници. Дека постојат два вида на политички режими: демократски и недемократски или апсолутистички-автократски и тоталитарен. Првиот се темели на власт на мнозинството, слобода врз критиката и опозиција на власта, заштита на малцинствата и нивна лојалност спрема државната власт. Во вториот поединецот се грижи за личната егзистенција, но не и за социјалниот живот.
Значи, клучни во демократијата се власта и организацијата на владеењето. Конкретно, во современата претставничка демократија демократијата е синоним за одговорна и менлива влада која на власт доаѓа по пат на слободни и повеќепартиски избори. Во посредната извршувањето на власта е претставничко, а тоа еднакво се однесува и на претставничкиот и на императивниот мандат. Во непосредната, пак, не постојат посебно избрани органи и народни претставници, туку народот одлучува сам користејќи различни облици: референдум, собраниски облик на непосредна демократија, народно-законодавна иницијатива, право на вето и право на отповикување.
Сето наведено го знаеме и во минатото постои голема опитност. Но, јас сакам да ја потенцирам организацијата на владеењето и ќе употребам термин кој мислам дека е најсоодветен за она на што инсистирам: системска демократија. Која најконкретно ја дефинирам како одговорно одлучување и раководење на експерти и професионалци, а не неодговорно на политички дилетанти и политиканти. Внимавајте, акцентот го ставам на еднакво одговорно одлучување и раководење, а кога тоа му го спротивставувам на неодговорното не ги спомнувам, не мислам на политичарите. Имајте ги предвид и суштественото значење и комплексноста на системот; дека тој е поставен, оформен, прецизно дефиниран и строго применуван токму од страна на експерти и професионалци. Политичарите никогаш не биле, не се, ниту можат да бидат применувачи и бранители на тој систем. Тие што се ставаат себеси во таква улога се политички дилетанти и политиканти. Политичарите односно политичките партии се и треба да бидат нешто сосем друго од она што и кај нас се сѐ уште-наводни борци за освојување на власта и нејзина злоупотреба. Но, тоа е сосем друга тема за која сега не сум подготвен да ви говорам.
Ќе завршам со една моја заложба која би сакал да ве замисли сите вас:
Со системска демократија против системска корупција и дилетантска политика.
Ви благодарам што ме сослушавте.
Корен Стаменоски со прекар Име ги поздрави присутните со одмавнување на десната рака и ја напушти говорницата. Ги остави насобраните граѓани во молк. Како наеднаш да исчезна во спокојната ноќ на Костец.