ШТОМ ЗАОДЕВ, СЕКАКО ЌЕ ДООДАМ или СЕКИДНЕВНИ НАСТАНИ И ДОЖИВУВАЊА ВО ЖИВОТОТ НА КОРЕН СТАМЕНОСКИ СО ПРЕКАР ИМЕ, минијатурен политички роман

Потребно време за читање: 3 минути

Доживување X

Костец, неговиот град, градот на браќата Вител и Извор, на сестрите Галена, Калина и Јагода, градот на татко му Стојмир и мајка му Милица, е со надземни и подземни живеалишта. Надземните како во сите големи градови, неколкукатници и многукатници, а подземните пространи куќи од камен, греди, глина, со многу одаи за дневно престојување, починка, спалнa, кујна, трпезарија, бања. Зошто надземни и подземни? Поради долгите сушни лета и мразните зими, со силни ветришта, луњи и секакви невремиња.

Повеќе куќарка одошто куќа подземната на Име, во која е роден и во која се одвивале, значи не се случиле мигум и ненадејно мошне брзите умирачки на татко му и мајка му. Куќарка опкружена со неплодна земја и река што тече крај неа, а извира во далечна планина на исток.

За првпат во неговата подземна куќарка Верна, средовечната, седокосата, со ведрата насмевка, убавото лице со модри подочници, искривениот нос, малата црна брадавица на левиот образ и двете длабоки брчки на челото. Во одајата за дневно престојување, во круг сончевина што иде од отворот среде до надземи.

Верна:

-Значи, пак ја одложи нашата средба на Мостот на великите. Можеби ќе ја поврзеш со едновремени настан и доживување?…В ред, ти решаваш. Само да знаеш дека јас не заборавам договорено…Зошто ме викна во твоево подземно живеалиште?

Корен Стаменоски:

-За заедно одново да ги доживееме двојните смрти на татко ми Стојмир и мајка ми Милица. Неколкупати ме праша како се можни, да не грешам во нивното прекажување, па решив јас и ти како жива да ја надминеме таа недоумица.

Верна:

-Навистина, зошто двојни смрти?!

Име:

-Се разбира дека не се умира двапати освен по клиничко природно.

Смртта на татко ми беше ненадејна како разделба засекогаш без збогување, како физичко исчезнување од овој свет, а се одвиваше цели седум месеци на смртна постела. Со вкочането тело и безгласност. Веќе ти раскажав дека го оставивме едно делнично утро сам дома оти ни се виде здрав и прав. Ведар, насмеан, станат од постела, исправен, жизнерадосен. А не нѐ дочека жив. Кога се вратив од работа ме пречекаа лелеци, плач, неговото чисто, бело, речиси проѕирно лице и здрвеното тело. Го нашле брат ми Вител и сестра ми Галена кога се вратиле од училиште. Спружен крај креветот, со скрвавено лице. Доживеал брза смрт од тежок срцев удар што му го распарчил срцето на милион парчиња. Само два дена по наполнување на шеесет и девет години.

Мајка ми умираше долго, мачно и болно. Да, еднаш ти раскажав дека проживеа по татко ми, без него само три недели, како сенка што се снове низ куќарката, а другпат оти се разболе од канцер на двете дојки година ипол по неговата смрт. По двегодишни измачувања, операции, хемотерапија, други терапии и секакви традиционални лекови. Еднаш и оти почина во куќаркава, а другпат во болница здогледувајќи го доаѓањето на смртта. Нѐ напушти неколку дена пред да наполни шеесет и шест години.

Верна:

-Си испомешал две нејзини смрти? Едната замислена додека боледувала, а другата согледана како одвивање?

Име:

-Ма не. Ништо не сум испомешал. Таа умираше долго, мачно и болно цели две години, борејќи се едновремено со својата и со смртта на татко ми, а проживеа само три недели потоа како сенка што се снове низ куќаркава. Потоа почина во болница под морфиум.

Верна:

-Разбрав. Татко ти и мајка ти починале во љубов и со љубов во заеднички издив.

Име:

-Да. Исто како јас, мојата Роса, ќерка ни Смирна, син ни Трајан. Мигум во ран утрински час, четири ипол на жежок летен ден четврток, тринаесетти во месец август на илјада деветстотини деведесет и осма година…Само јас жив…Конечно решен да почнам нова живеачка со љубов, заедничка со Илина.

Име на разделба:

-Знаеш што ми падна на ум? Некој ден да појдеме заедно, јас, Илина и ти во Музејот на љубовта, ние веќе бевме неколкупати, а потоа на Мостот на великите. Прифаќаш?

Верна:

-Имаш посебна причина?

Име:

-Имам. Заедно да ја согледаме нераскинливата врска помеѓу животот, љубовта и смртта и да си докажеме на себеси дека во светот на великите тие ни заедно не се изборуваат против заборавот без творечката енергија.

Leave the first comment