Настан и доживување IX
По цели три ипол години, по трагичната смрт на неговите Роса, Смирна и Трајан, во Име одново се роди љубовта. Се разбира, не е и не може да биде иста како со Роса.Таа останува најдлабока, најискрена, најблагородна и неповторлива. Но, и спрема Илина е несомнено голема, жизнерадосна и надежна.
Првата интимна вечер со неа му мина во занес, малку зборови и многу смеа, загледувања еден во друг, нежни допири на рацете. Да, се знаат долго време, заедно се во „Просторно планирање“ веќе осум години, но се случи токму тоа што го посакуваа обајцата: почеток на ново поглавје во нивната близост и интимност.
Долго разговараа за стравувањето дека длабокото и споделувачко пријателство може да се престори во однос на споделување, исполнување на меѓусебни обврски, од ежедневни до интимни, во доверба условена од расположби, тежнини, леснини, од други, од трети, од споредни и епизодни настани и доживувања. Се договорија дека тоа нема да си го дозволат, не смее да се случи, дека ќе внимаваат и ќе ја бранат нивната љубов од неминовните навики еден на друг, од неминовниот секојдневен ред на нештата, од монотонијата.
Останаа во ресторанот „Црвена роза“ до доцна во ноќта. Беа последни гости. Повеќе зборуваше таа. Име ја слушаше внимателно, напати воодушевен од нејзината нему позната, докажана беспрекорна логика, продлабоченото и критичко промислување. Особено кога надолж и нашир зборуваше за нејзините очекувања во брачниот живот, откако се договорија дека ќе стапат во брак во најскоро време. Таа не размислува за многудетно семејство. Ако имаат рожба в ред, а ако немаат нема да дозволат тоа да ги оптоварува. Обајцата имаат доволно сексуално искуство, обајцата имале „нормален“ сексуален живот. („Што е тоа?“, го праша а по неговиот одговор следеше обострана невоздржана смеа: „Сакаш да ти покажам и да те научам ноќва или таа лекција ќе ја одложиме?“) И воопшто не се сомневаат дека ќе им биде сосем усогласен.Неминовно е работните обврски во студиотода ги „преселуваат“ во заедничкото живеалиште, Иако некои нивни колешки и колеги сметаат дека тоа воопшто не е добро за брачниот однос, тие се доволно зрели и опитни за да не дозволат во ниеден момент од денот или ноќта да бидат преокупирани од нив.
Име не ја прекина во продлабоченото и критичко промислување за неговото пројавување како личност:
-Јас сосем го разбирам твоето незадоволство од состојбиве во кои сме втурнати од неодговорни политичари. Кои не се тоа, туку провинциски, примитивни политиканти. Кои не знаат дека дневната политика не е политика, туку менаџирање со државата, но се учени од мали нозе дека властодржачката моќ е безгранична и овозможува брзо, дури прекуноќно лично богатење. Ама не ми е прифатливо ти да се ангажираш политички, наметнувајќи се како личност со јасни гледишта за модерното општество и модерната, деполитизираната живеачка. Без оглед на револтот што во тебе од ден на ден расте сѐ повеќе. Особено оти актуелниве се докажуваат како деструктивци, рушители на вредното и националното, изродници, па и велепредавници.
Име:
-Сѐуше не сум одлучил за политичко ангажирање…
Илина го пресекува во зборот:
-Јас ниту ти сугерирам, ниту сакам да влијаам, а најмалку да те убедувам. Тоа нема апсолутно никаква врска со нашиот меѓусебен однос, со нашата љубов. Само велам дека љубовта најмногу се потпира на почитувањето, а знаеш дека мојата почит кон тебе и твоето градителско творештво е неизмерна.
Име во два-три збора ѝ ја претстави актуелната состојба во Костец која и нејзе ѝ е позната во сите детали. Дека никој не може да ја наруши воспоставената рамнотежа помеѓу материјалниот и духовниот живот, а негова најцврста одбрана е затврдениот систем и организација што се конкретизирани со прецизна законска регулатива и лична одговорност. Врз неа не можат да влијаат политичките партии, ниту е можна најмала, најмаргинална интервенција од личен односно парцијален интерес. Ја потсети на засега ненадминливата разлика со опкружувањето, пред сѐ со соседниот град Сивота, на бездната што ги дели, а над која засега е изградена само автострада без пешачки патеки. Со најголеми последици врз духовните врски, сожителството, па и заедништвото. Загрижувачка е сѐ поретката комуникација помеѓу Костечани и Сивотачани, како и нејзиното сѐ поголемо отежнување особено со нови и нови јазични бариери.
Илина се сети на неговата животна случка или доживување што ѝ ја раскажа еднаш како ука и поука:
-Зошто си останал прилично разочаран од кукларот со марионети, со кого си бил накратко на плоштадот? Дали од неговите накај триесет години и неговиот изглед-млад, слаб, со испиено, бледо и брадосано лице? Можеби од неговите марионети кои танцувале во ритам на негова музика? Зашто бил и гладен и жеден, па си се сожалил и си го однел во ресторанот спроти?
Име:
-Затоа што сам ги направил марионетите и сам ја компонирал музиката како дел од трагикомедија! Се разочарав поради тоа и оти и тој, како мнозина други млади творци, почнал како своевиден протест јавно да ја искажува својата апатичност, помирливост, прифаќање на состојбите како condition sine qua non. Реков се разочарав? Поточно е дека се револтирав. Го нахранив и му ја изгаснав жедта од револт. И го немам видено оттогаш на плоштадот оти не сакам да го видам.
Илина:
-Корену мој, те сакам каков што си.
Име:
-Илино моја, и јас те сакам каква што си.
Излегоа од ресторанот „Црвена роза“ во ниедно доба на ноќта.