Тоа е термин на германската книжевна критика и на науката за книжевност, збор застапен во германските јазици: witz-досетка, досетливост, остроумност; духовита шега. На преминот во 19. век неговото значење дефинитивно се ограничува на самата духовита досетка, секогаш шеговита или потсмевачка, па со тоа значење терминот е преземен и во нашата книжевна критика.
Граѓанската публицистика на 19. век од 40-тите години издавала хумористични неделници во кои, освен сатиричните и шеговитите раскази и написи, доминирале вицевите.
Од хумористичната или шеговитата приказна вицот се разликува според тоа што кај приказната основно значење има дејствието-фактум, а кај вицот говорот-диктум, па вицот мошне често се служи со игра на зборови.
Техниката на вицот оди на тоа да го изненади слушателот со неочекувани обрти, па неочекуваноста е основна негова категорија, што го прави сроден со комиката.
Фројд точно ја утврдил агресивноста како главна карактеристика на вицот. Таа агресивност е насочена против општествената цензура, против табуираните подрачја на општествениот живот. Оттаму и големиот број на еротски и политички вицеви.
Кај што нема општествена цензура, вицот не може да се одржи. Религиозните вицеви исчезнуваат во заедниците каде што црквата изгубила општествена власт.
Неочекуваноста на вицот е техничко средство во наизглед наивно руво да се провре агресивна содржина.
Вицот може да биде кратка приказна, краток расказ, а може да се состои и само од две реченици. Како и играта со зборови, со која вицот радо се служи, тој е средство на борба на немоќниот.
Вицот ќе дејствува посилно и со тоа што раскажувачот ќе умее поубаво да го насочи вниманието на слушателите на крив колосек, за неочекуваноста да може да постигне максимален ефект.
Фројд со право го издвоил вицот од комиката и хуморот, иако не мора да се прифати неговата аргументација.
Инаку, книжевната теорија на вицот до ден-денешен не е докрај доработена.
Како илустрација на оваа куса теоретската елаборација нудиме два вица по случаен избор:
Ефект со изменети улоги:
Жената го вика мажот по телефон и го прашува:
-Миличок мој, дали купи храна за ручек?
-Да,- одговара мажот.
-А го постави ли ручекот?
-Да.
-Е, па тогаш морам да ти кажам,- вели на крајот жената- дека дома ќе дојдам дури утре.
Ефект со игра на зборови:
Судијата прашува:
-Дали е вистина дека на тужителот сте му рекле дека е слон?
-Ве молам, Господине судија, тоа не е вистина,- одговара тужениот.- Јас само му реков да не биде слон.