ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Потребно време за читање: 2 минути

39. Трај си и свиркај си

Сцената во полумрак. Седнати еден спроти друг премиерот Зајко и неговиот советник Трајко. Разговараат полутивко и се слушаат меѓусебно со внимание.

-И што велиш, советнику Трајко, како по ова?

-Премиеру Зајко, нема како поинаку. Исто како пред ова.

-Мислиш да си траам и да си свиркам?

-Мислам. Трај си и свиркај си и колај работа.

-Ама ова не е како пред ова. Толку е смотано и намотано што не може да му се најде ни почетокот ни крајот. А и опозиционериве ми одат на нерви сè повеќе.

-Послушај ме и овојпат како досега. Не сум ти џабе советник. Трај си и свиркај си.

-Ма нема проблем со трај си. Ама со свиркањево ко да претерав. Уста ме боли, усните ми отекоа. А и ми досади, советнику. Ја си свиркам свое, а сè повеќе ми иде онаа народната…како беше?…Со какви идеи си ти, народе…Така нешто.

-Не, не и не! Тоа никако! Како ти иде? Па тоа е патриотска песна. Повикува на будење на народот и кревање на нозе, против тиранија, ропство, страховладеење. Во контекстов на нештата кревање против тебе како властодржец и твоите властољупци. Да не ти текнало да почнеш да ја свиркаш!

-Засега не ми текнува, ама ти велам некако сама ми иде за свиркање. Туку…Што мислиш, што ќе биде по ова?

-Нема да биде ништо! Како сè што беше пред ова. Ако ме слушаш. Трај си и свиркај си.

-Добро де, ќе те послушам. Не си ми џабе советник и како таков те плаќам со народни пари. Само…Многу ми е смотано и намотано. А и опозиционериве…

-Затоа ти велам, премиеру наш црпнат. Не заборавај на вториот дел од мојот совет. Колај работа.

-Да колам?

-Така се вели народски. Демек, терај работа. Терај си со страховладеењето, па ова само ќе си го најде почетокот и крајот.

-Јас сепак мислам дека нешто треба да сменам. Мене ми се некако во колизија трај си и свиркај си и страховладеење. Ова ми е како резултанта на таа колизија. А да попуштам со страховладеењето? Што мислиш?

-Можеш. Нема проблем. Но мене ми се чини дека е предоцна за тоа. Се согласувам дека се некако во колизија. Од друга страна, опозиционериве ти одат на нерви…Затоа те советувам трај си и свиркај си…Да знаеш, така правеле сите политичари наместени на власт во минатото опредеделно свршено и несвршено време. Си траеле и си свиркале сè дури нештото не достигне кулминација. Потоа правеле решителни чекори, прекуноќ расчистувале сè, па продолжувале да си траат и да си свиркаат.

-Добро, советнику Трајко. Ај ќе те послушам и овојпат…А да не имаш ти некоја нова за траење и свиркање, што ептен би ми легнала?

-Јас лично немам, но има многу…Се сетив. Премиеру Зајко, од сега па натаму, сè до ново ова да си го свиркаш „Тешкото“. Биди сигурен дека со него ќе траеш, ќе страховладееш долго како наш премиер. И јас, и моите колеги, и сите други властодршци и властољупци со тебе.

-Тоа е многу тешко за свиркање! Ај некако ќе ги научам зурлите. Ама тапаните…Како тие да ги свиркам?!

-Ти се чудам на умот! Па, нормално е дека не може да се свиркаат тапани. Тие ќе му ги оставиш на народот. Знаеш како оди „Тешкото“, нели? Полека, чекор по чекор, една нога, друга нога, тешко, мачно; при крајот, пред да се забрза ороводецот се качува на тапан, па…Биди сигурен дека штом ќе почнеш да ги свиркаш зурлите, народот ќе почне да го игра и…колај работа.

-Арно велиш. Да си жив и здрав, советнику Трајко. Ептен ми се докажуваш како советник.

Премиерот Зајко и советникот Трајко стануваат и просто нечујно ја напуштаат сцената.

Leave the first comment