ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Потребно време за читање: 3 минути

22. Овчар и овци

Се разбира, и јас како вие знам многу приказни за овчар и овци. Некои ги имам запишано, прекажано и раскажано. На пример за народ како стадо овци што ги пасе овчар избран од него.

Приказнава што сега ќе ја раскажам скечуално е од поновите за едно стадо и нивен овчар: стадото е партија на власт во една параспур држава, а овчарот нивен лидер и главен властодржец. Тоа наедно значи дека таа сè уште нема многу верзии. Згора на тоа е и прилично актуелна односно свежа.

Овците во стадото се еднобојни, еднолични, а за чудо меѓу нив нема ниту една црна. Овчарот, пак, е докажан модерен политичар, голем демократ и ептен голем лажго кога е збор за надворешната и внатрешната политика, а особено при конструктивни судири со опозицијата.

Дошло време за конгрес на партиското стадо овци на кое најдемократски треба да се реизбере нивниот овчар како нов, а со оглед на огромните успеси на добрососедски план и заедничката историја. Го собрал овчарот стадото, се истопорил пред него и му порачал:

-Овци мои и понекој овен меѓу вас, дојде време за одново да ме изберете за ваш овчар односно лидер. Јас ви се кандидирам, а вие за да ме изберете најдемократски најнапред треба да констатирате дека нема и не може да има друг кандидат освен јас.

Заблеала една овца:

-Овчару наш, лидеру наш, ние сосем те разбираме, ама мислам дека поради граѓаните и опозицијата најдемократски би било да избереме макар уште еден од овните како противкандидат. И тоа со гаранција дека ќе се договориме за тебе да гласаме деведесет и девет запирка девет насто од нас.

Меѓутоа, лидерот сржел и овцата била пишман што воопшто заблеала:

-Не доаѓа предвид, овцо моја! Тамам работа да имам противкандидат, па преку ноќ случајно да се случи да се сврти работата и за овчар да изберете овен. Ај подразмисли што ќе стане со кучињата што ве бранат од крвожедни опозиционерски волци? Тие ми се мене верни, па ако случајно не ме изберете и тие заедно со мене ќе ве остават во небрано. А слушнете што сè смислив и измислив како моја партиска програма со прецизни рокови на извршување. Ја нареков: „Нема трте-мрте со мене на ваше чело, како ваш овчар-лидер и прв властодржец во идната власт“.

Додека овчарот ја изложувал и образложувал, со чести и френетички копитоплескања и блеења на стадото, на пасиште во непосредно соседство мирно паселе говеда предводени од стар и искусен говедар. Се разбира, до нив допирал јако озвучениот говор на овчарот, па говедата многу се вознемириле кога дочуле од него:

-Вие, овци мои, морате пак да ме изберете за ваш овчар-лидер зашто во наредниот властодржачки мандат имам намера да престанам со виткање рбет, како да сум без`рбетник. Сè што се бараше од мене направив, и народ и држава разнебитив, па е време да се исправам и гордо, со кренато чело да ве поведам во нови евро-атлантски перспективи, кон нови пасишта и нови стрижења и молзења.

Тоа не им се допаднало, па најголемото меѓу нив му се обратило на говедарот:

-Говедару наш, слушна што рече овчарон? Ако овците и понекој овен пак го изберат за свој лидер и премиер, тој ќе престанел да го витка `рбетот! Демек ќе престанел да коленичи, ќе се исправел и ќе го повел стадото кон нови територии. Може и кон нашава.

Говедарот одговорил:

-Се разбира дека чув, говедо мое. Не сум глув, а и озвучувањето му е на најјако. Ич да не се секираш ни ти, ни сите вие други мои говеда. Цел свет го научи најнапред како ептен голем лажливец. Само се перчи пред неговите за тие да продолжат да му веруваат, да го поддржуваат и пак да го изгласаат за свој лидер. А и кучињата што ги чуваат од волци се наши, па ич да си немате гајле.

Говедата продолжиле да пасат и да се смешкаат меѓусебно слушајќи ги новите испланирани лажги со и без опашки на овчарот-лидер.

Leave the first comment