25. Родољуби
Сите знаеја, но никој од нив не претпоставуваше дека толку брзо, само по два ипол месеци разделени и далечни, само по себе ќе им се наметне и толку силно ќе го чувствуваат, ќе го доживуваат родољубието. Во не мала мера како веќе да ги разболува. Секако дека се така одгледувани, образувани и воспитувани, да си ја сакаат родината, да ја негуваат, бранат и чуваат во своите срца, да им е врежана длабоко во свеста сосе корените во неа и сосе времињата минати и сегашни. Секако дека тоа во голема мера иде од разделеноста, заедно живееја во Македонија сплотени и во хармонија. Далечините ги надминуваат со непречена секојдневна Viber комуникација (и тон и „жива“ слика), но од ден на ден сè повеќе им се чинат несовладливи без близост, допир, заеднички секојдневни обврски и задолженија, радости и грижи, возбуди и спокојства, доживувања и преживувања.
Ѕвездана, за која музиката е сè, на која определбата да биде композитор и пијанист ѝ е несомнена:
„Мене ми е ступидна мислата дека родината е таму кај што на човек му е добро. Не оти притоа не се знае конкретното добро, односно треба да се наведе, а ако се повеќе да се набројат без да се заборави ниедно, ами поради ноторната вистина дека родољубието не е ниту менлива, ниту минлива категорија. Па уште ако се има предвид дека секое добро мора да се надградува постојано, инаку со време може да се престори во лошо, едноставно не е можно равенство помеѓу родината и доброто. Јас би рекла: родината е таму кај што ми е вкоренето постоењето“.
Апостол, скорашен компјутерџија-информатичар, најверојатно програмер со врвна цел-да стане софтверски девелопер:
„Јас мислам дека космополитското нема никакви допирни точки со родољубието, па следствено нема ни некаква позначајна заемност. Не ја земам предвид политичката димензија на космполитското, градењето хумани општочовечки односи, а ни безвременоста на родољубието. Јас сум човек на светот, како живо самосвесно битие, со сопствен идентитет, самоименуван, но и со докажано и непорекливо потекло, со свое минато како темел на мојата лична сегашност и мојата со дело затврдена иднина. Космоплитизам наспроти потекло?! Идиотштина!“
Интересно е и размислувањето за родољубието на Славка, веќе сосем во родителска улога:
„Родољубието е внатрешно чувство на припадност кое се добива од самото раѓање на човек. Се негува и развива, созрева и се докажува сè до неговата конечна смрт. Значи, просто е невозможно тоа да се нема во себеси. Во таа смисла, доколку не се искажува, особено кога е нужно, или свесно се потиснува или, пак, станува збор за предавство. Најнакрај и за велепредавство.
Многу смрти пред конечната се поврзани со тоа внатрешно чувство, а се предизвикани од суштествувачки причини. Со право се вели дека родољубието е во срцето на човек со свое и заедничко време со ближни, сожителни, сопатници и споделувачи“.
Пламен, од Бирмингем:
„Без оглед каде се наоѓа моментно, привремено или долготрајно, како сега ние прилично оддалечени меѓусебно и од нашата Македонија, родољубието на човекот го определува неговиот опстој; дури го конкретизира со дејствување, истовремено и наспоредно со егзистенцијалното или кариерното. И го прави надежно. Тоа е најважното и најцврсто врзовно ткиво со минатото, традицијата, културата, творештвото на народот. Истовремено со индивидуалните и колективните достигнувања во сите области. Тоа го прави да се чувствува горд, да ги истакнува личното достоинство и националниот идентитет. Во таа смисла и јас и Бисера и нашите Ѕвездана и Апостол сме националисти. Всушност, го нагласувам она што е општо познато, имено дека национализмот е синоним за родољубието. Се разбира, не непријателски настроениот кон други, туѓи родини, кон окупација и асимилација“.
Бисера, од Монтреал:
„Родољубието е секогаш силно во човечкото срце, но се искажува и докажува како најсилно сплотувачко кога човек ќе се оддалечи за кратко или подолго време од својата родина. Тој дури има потреба и да го покажува тоа јавно, транспарентно, бележано со основните нејзини симболи, односно националните обележја на народот и на државата-знамето, грбот, химната. Но не само со нив, туку тоа го манифестира и со традиционални, културни и други дејствија.
Постојано ми се наметнува мислата, поточно пораката на нашиот Блаже Конески:
„Послушајте Македонци!
Јазикот е единствената наша татковина. Сѐ додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски–ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште.“
Да, за нас Македонците тој е наша татковина, но дали единствена? Да како загрозувачки од окупаторско-асимилаторскиот источен сосед, но и заедно со други како дел од затвден и непореклив национален идентитет.
Прочитав негде за некакво си модерно родољубие! Никако не можам да доумам што значи тоа. Дали значи дека е наспроти „старомодно“ или „заостанато“?! А тоа дека сè во животот едното го „имитира“ другото, односно тие неретко се „проткајуваат“? А што е со „обновувањето“ на „старомодното“, со неговата „реинкарнација“? Реков дека не можам да доумам, но сè повеќе ми се наметнува заклучокот дека станува збор за будалаштина на некој неписмен, полуписмен или недоветен, кој со родољубието манипулира примитивно. Кој со „модерно родољубие“ всушност се обидува да „покрие“ свое предавство и изродништво.
Овде, во Монтреал јас веќе запознав приличен број Македонци и Македонки кои секојдневно следат на телевизиите и на Интернет што се случува во нашата Македонија. Поврзани се, се дружат, прославуваат верски празници, настани и личности од блиското и далечното македонско минато, организираат седенки и веселби. Разбрав и дека постои Заедница на Македонците од Монтреал, но сè уште не сум стапила во контакт со нејзиниот раководител или некој нејзин член.
Го запознав и сè почесто сум заедно со семејството Грозданови. Тодор, жена му Стојанка, синовите Блажо на шеснаесет, и Александар на тринаесет години, и единаесетгодишната ќерка Невена. Прекрасни се! Секогаш ми се на припомош за што било и кога било. Веќе осумнаесет години се во Канада. Во Монтреал осум, претходните десет во Торонто.
Тодор и Стојанка се од Битола. Имаат свој, семеен бизнис-сервис за автомобили. Живеат во сопствена куќа од стотина квадрати, стара, реновирана, во населбата Поинт-Сен-Шарл. Тие ми станаа главни „водичи“. Веќе ги посетивме заедно Биодоми, петте екосистеми пронајдени низ цела Америка; природа среде град создадена од човек, најголем природно-научен музејски комплекс во Канада (биодом значи куќа на животот), и Ботаничката градина-природна флора и фауна, тематски оранжерии и кинеска фенерска градина.
Со Тодор и Стојанка на повеќе наврати разговарав за етичноста на родољубието. Се согласуваме дека тоа во суштина е морална вредност. Човекот мора да ги постави интересите на народот или нацијата пред личните, партиските или на некоја посебна група. Жртвата и саможртвата, а во војна и жртвувањето на животот се неминовни. Во тој контекст, јас инсистирав на родољубието како врвно индивидуално и национално самодокажување далеку од родината. Конкретно, кога станува збор за нас Македонците тоа значи непрестана борба за одбрана на македонизмот и запознавање на светот со неговите стојности“.