19. Најтешка одлука
И во нивниот досегашен живот до оваа имало тешки и лесни одделни, лични и заеднички одлуки, но последната е секако најтешка. Не само за нив. И тие, како сите нивни роднини, пријатели и познајници, одлуките ги мерат најпрвин според последиците, а потоа некогаш и повеќе со оглед на саможртвата.
Се разбира, последната одлука да се разделат некое време, тој-Пламен и таа-Бисера, тие и тие-синот Апостол и ќерката Ѕвездана, не можејќи да проценат колку, до кога, да продолжат како самотни сопатници, е не тешка, туку најтешка. Еднакво според последиците и со оглед на саможртвата.
Попрво од сè им тежеше и ќе им тежи до којзнае кога неизвесноста. Им тежеше и ќе им тежи како што им натежнува, навалува, им се наметнува од ден на ден сè почесто. Да, ја спомнуваат во нивните контакти преку Интернет. Меѓусебно мошне видливо сè повеќе ги онерасположува, па и ги натажува. Сите подеднакво, и Пламен и Бисера и Апостол и Ѕвездана, па и втората братучеда на Бисера, Славка. Разбирливо? Донекаде. Баш како самотни сопатници од неодамна.
Неизвесноста не им тежеше и не им тежи, а се надеваат дека нема ни да им тежи поради егзистенцијалноста, материјалноста на животот. Без оглед на неуспехот со приватниот бизнис, може да се рече дека во татковината имаа и имаат релативно висок животен стандард; без поголеми напори обезбедуваа доволно средства за живот во Скопје, во куќа од осумдесетина квадрати во најновата елитната населба „Габерија“, опкружена со негуван тревник и секакви цветни леи, а на источната страна отворен голем базен.
Неизвесноста не им тежеше ни од политичките и економските собитија во Македонија, но ја споделуваа загриженоста, скептицизмот, сè поголемата бесперспективност во врска со нејзината опстојба, нејзиното разнебитување, како и властодржачките велепредавства на македонскиот идентитет, на македонските корени и македонските вредности.
Неизвесност во остварувањето на животните и професионалните амбиции на Бисера и Пламен во нивните нови, како што не пропуштаат да нагласат, привремени живеалишта? Неизвесност дали ќе им биде овозможено да продолжат со напредувањето и богатењето на нивното знаења, во профилирањето како експерти во своите области? Таа најмала.
Одделно ми ја кажаа и можам да соопштам дека на сите им е една иста: ја нарекуваат осаменост како постапно оддалечување едни од други. Неминовно? Никако! Тоа нема да го дозволат! Ни одделно, секој за себе, ни заедно.
Бисера и Пламен ми напишаа ист статус на мојот e-mail:
„Не станува збор за самост. Имам пријатни луѓе и колеги околу себе, неколкумина пријатели, но нема ден и ноќ да не чувствувам дека ми недостасува нашето сопатништво. Некои велат дека е тоа осаменост, а јас се плашам да не е почеток на оддалечување едни од други. Многумина нашинци овде ми се жалат на далечината од родната грутка која просто им го разнишува здравјето. Јас тоа нема да си го дозволам!“