70. Залудо создавај си
Таа е единствена што деноноќно му ја крепи снагата, се грижи за неговото здравје и внимава да не му откажат нозете, та да залегне во постела. Го поддржува на секој чекор, во секоја негова замисла, во сè што прави и создава. Со еден збор, нејзината доверба во него е безгранична. Откако се заедно, веќе повеќе од половина век. Споделуваат и добри и лоши моменти во животот, во убави и грди собитија. Таа живее само за него? Така не може да се нарече нејзината предаденост и пожртвуваност. Дека ѝ е најголема, може и единствена љубов? Таа си знае, а нему не му паѓа на памет да ја праша. Нему му е најубаво кога се сами, спокојни, кога се радуваат заедно и целосно, неретко нежно и страсно се предаваат еден на друг во нивно заедничко време.
Тој и таа имаат свои ближни, близу и далеку. Одржуваат контакти со нив, се јавуваат и им се јавуваат одвреме-навреме, а понекогаш се среќаваат и се дружат. Притоа, најмногу внимаваат да не им се натураат и да не им одземаат премногу од нивното време. Ниту да им отстапат од своето повеќе од што сметаат дека е доволно.
Во последно време најчесто расправаат за залудоста. Не се сосем согласни во мислењата и ставовите, но никогаш не се расправаат, никогаш не си противречат еден на друг. Според него, залудоста не е исто што и бесцелноста, иако при обете може да се троши еднакво време. Залудоста може да има цел која е однапред недостижна, може и недогледна и недосеглива, па се „искажува“ единствено во лично или заедничко, моментно, долготрајно, може и трајно задоволство. Бесцелноста, пак, најпрвин значи лунѕање, дури изгубеност во време и простор. Кога е збор за создавање или работа, таа е обесхрабрувачка, непоттикнувачка, ненапредувачка ами назадувачка. Според неа, суштинскиот проблем на создавањето или работата не е бесцелноста, прашање е дали таа може да се изедначи со нив, постојано да им е придружена, туку залудоста сфатена како непотребно трошење на творечка енергија или на психофизичка сила. Инсистира на прифаќање на од неа за него прилагодената народна изрека „Залудо работи, залудо не седи“: залудо создавај си и не се оптоварувај со тоа што по време ќе остане од тебе создадено. Притоа, никогаш не заборава да додаде дека веќе не му треба од никого никакво признание за создаденото, за она што го создава и што ќе го создаде допрва.
Обајцата се во длабока старост.