fbpx Прескокни до главната содржина

Раскажување

Дребнавости на дребнав човек

Ми побара да раскажам за залезот воопшто или за залез на што било, по мој избор.

Реков дека за жал не можам, поточно не знам да раскажувам, па нема што да избирам. Може да верува или да не верува, но јас никогаш во животот никому не сум му раскажувал за ништо.

Ме погледна сомничаво и рече дека не ми верува. Тврдеше дека раскажувањето воопшто не е тешко, особено ако има за што. Очигледно, всушност не сакам да раскажувам. Просто е неверојатно да не знам, а сум познат писател.

Укажав дека греши, никогаш ниту сум раскажувал, ниту раскажувам. Да, јас сум познат поет и прозаист, за едни подеднакво едно и друго, за други повеќе прозаист одошто поет, за трети повеќе поет одошто прозаист, но не сум раскажувач. Не ме бидува. Кога се соочувам со таква нужност, значи не можам да одбегнам, се трудам да употребам што е можно помалку зборови, два-три, ако може само еден, или само да нагласам некој детаљ кој може да биде почеток, некаква иницијалност за раскажување.

Пак рече дека не ми верува. Што се стотиците испишани страници наслови, скици, раскази, новели, романи, детално опишани состојби, собитија, мисли, промислувања, согледби, слики, ако не се раскажувања?  

Разочарувачки констатирав дека очигледно нема ништо прочитано од испишаното од мене. Кој прочитал што-годе, знае дека никогаш не сум се ни обидел да раскажувам.

По малку нервозно, па и налутено праша што е испишаното од мене за љубовта, за сексот, за некој меѓучовечки однос, некое доживување, преживување, изразување емоција, конечно доживување или случување. Патем реков весело дека еднаш во едно мое дело, веќе не паметам кое, сум се обидел да раскажам за една љубов со многу секс, па сум избришал оти поради некои детални описи излегло многу будалесто. Сум оставил само една реченица: „Тоа беше голема љубов, со многу секс“.

Речиси извика, како да реши да го прекине разговорот:

„Добро, ај сега раскажи ми нешто за залезот на твоите години!“

Прифатив да завршиме само за да не се раскараме. Кажав рамнодушно:

„Залезот на моите години почна од пред половина век, кога уште бев снажен и никогаш не премалував ниту од, ниту поради нешто. Тој според ништо не се разликува од на другите луѓе на моја возраст и воопшто не е интересен за следење. Баш годинава почна самракот“.  

ДРЕБНАВОСТИ НА ДРЕБНАВ ЧОВЕК, наративна поезија, 19

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.

Важна напомена: Сите права се задржани. Не е дозволено какво било преземање, копирање, објавување или преработка на делови или цели содржини од овој портал без претходно одобрение од авторот, редакцијата и/или издавачот. За секоја повреда на авторските и сродните права, Паноптикум го задржува правото да побара надомест и соодветна правна заштита.

Уредничка напомена: Во подготовката на содржината може да се користи дигитална/AI асистенција како помошна алатка за јазична, структурна, истражувачка или визуелна обработка. Финалниот текст е уреднички прегледан и објавен под одговорност на авторот и/или редакцијата. Главната илустрација на написот може да биде фотографија, авторска/архивска слика или AI-генерирана концептуална илустрација создадена за визуелна поддршка на текстот.