Престан за мене, престан за тебе, престан за него, без престан сите. Но, не е збор за кого сè, туку за престанот кој се посакува, а никако да се има, да се најде, никако да се дојде до него. Затоа што е веќе доста или е веќе неиздржливо постојаното.
Престан за секој оној што е на работ на можностите и способностите или предолго мисли, дејствува, најмногу придвижува непрекинато. Престан или сопирање? Да, сè додека нема што и нема кој да сопре.
Се знае зошто без престан: затоа што има навик на било што, на ред, на ритам, на идења на стварности и заумности, на будност и сонување.
Не е престанување на нешто, со нешто, при нешто, во нешто или со што-годе. Ако престанува, значи нема сила повеќе да продолжи. Престанало, значи нема смисла да продолжи. Или значи дека се престанало од што не се сака да се продолжи.
Интересно е: си престанал оти веќе ти било неиздржливо без престан. Уште е поинтересно кога на други им било неиздржливо од тебе. На пример смеење, ридање, на пример сакање, тлеење на љубовен жар, на горење пред изгор. Сè тоа и сè друго што престанува оти било доста. Може и што прекинува оти не можело, не требало, не сакало, просто не било за почнување.
Исто е со времињата и невремињата кои нема како да се запрат. Исто е со изворите кои пресушиле, на кои суша им секнала сила, исто како со водите кои се изгубиле во длабини зашто им станало неподносливо на поврвнини.
Престанот крај? Зошто крај?! А што е со престанот меѓу две продолженија на една постојаност? Не престан на минато со сегашност без иднина, туку престан меѓу минати, сегашни и идни корења кои длабеле и се ширеле, се раѓале и умирале сè додека не стасале до плодно семе на самодокажување.
Еден творец твори без престан и без престан продолжува да живее неговото дело.
ДРЕБНАВОСТИ НА ДРЕБНАВ ЧОВЕК, наративна поезија, 22




