II
Уште од дете Колумнистот секого прашува за што било, а од одговорите заклучува дали треба да допрашува или да прашува друго. Не толку од љубопитство, колку за да провери колку знае. Уште од дете просто се радува кога ќе му се потврди дека знае доволно, ама треба да научи уште многу за да не греши премногу промислувајќи, заклучувајќи и градејќи свои ставови за што било.
Во врска со него, како колумнист познат и афирмиран меѓу мислечките и творечките личности, едно нешто е неизменливо до ден-денес: погрешните одговори на негови прашања не зависат ниту од допрашувањето, ниту од новите прашања и одговори. Имено, досега ниедна од неговите колумни, уште од почетокот на неговата „колумнистичка“ кариера, никогаш не била со продолжение како дообјаснување или премислување. Затоа многумина читачи и проследувачи неговите досегашни осум книги-збирки на колумни, со заеднички наслов „Мислам и домислувам“, ги сметаат за своевидни сведоштва за времево, процесите и собитијата што ги уназадуваат, забавуваат или придвижуваат напред животот и соживотот.
1. Политика и политиканство
Јас за политиката и политикантството не знам многу, но мислам доволно. Затоа не сум се занимавал, не се занимавам, ниту помислувам да се занимавам со политика. Особено ми е туѓо, можам да речам и презирно политиканството. Затоа не можам ни да се замислам себеси на пример министер за надворешни работи кој учел да биде хирург и не се знае колку изучил или правник од кого зависи развојот на земјоделието.
За политиката и политиканството знам колку што знам и за да не дозволувам некој да ми го меле умот со неа или со него:
Политиката е за носење одлуки заедно со други луѓе.
Меѓутоа, не кои било и какви било, туку кои се однесуваат на владеењето и водењето на државата и општеството. Пред сè на власта и моќта. Знам и за двете форми на владеење-централното и локалното кои овозможуваат федерално владеење, што се спроведува преку извршна, законодавна и судска власт или конфедерално во кое нема судска власт. Политиката на владеење се разликува од политиката како наука. Вторава го изучув стекнувањето и применувањето на моќ.
Кога е збор за политичките партии и нивните идеологии, во современиов свет сè повеќе надвладува поделбата на левица, десница и центар. Стожерна заложба на левицата е реформи и рамноправност-општествена демократија, на десницата традицијата и поделбата на општеството на слоеви според моќта и економската состојба-регулиран капитализам, а центарот баланс меѓу левицата и десницата.
Актуелна е и поделбата на политичките системи на авторитарни и либерални, која најмногу се однесува на личната слобода. Во првите (врв е тоталитаризмот) таа е најмногу зависна од групните цели, а во вторите (врв анархија односно целосно укинување на државата) се негира и не се дозволува државната сопственост.
Политиканството значи доминација на интригите, измамите за постигнување лични односно себични интереси и кариеристички амбиции. Тоа е најчесто „комбинација“ на продавање магла, партизирање, политизирање, демагогија, лицемерство, додворување, сплеткарење, без`рбетништво, профитерство, расипништво, шарлатанство.
Посебен проблем на актуелната политика е политичката корупција со која се означува користењето на законодавната моќ на власта за незаконска лична корист односно злоупотреба. Поконкретно, станува збор за постапка директно поврзана со извршната функција. Главни форми: поткуп, изнудување, кронизам, непотизам, покровителство, мито и проневера на пари. Добро е да се знае и дека неограничената политичка корупција се нарекува клептократија, што значи владеење на крадци-мафијаши.
Мене не ми е прифатлива раширената дефинија на политикатс дека е таа вештина на можното. Затоа што како дејствувањ, не е никаква вештина, поготово ако е во рамките на своја јасно дефинирана идеолошка матрица. А која од своја страна, пак, го ограничува можното. Може дури и да го негира со своја затврдена беспоговорна постојаност. Не сметам ни дека политиката не е наука, туку уметност на „рационално управување со човечките ирационалности“. Прва „проста“ причина е бидејќи уметноста создава вонвременски вредности, вредности на творечкиот дух, а политиката гради и надградува секојдневен живот.
Имајќи ја предвид Аристотеловата дефинција дека човекот според природата е политичко животно, јас искажувам став дека на човек како политичко животно не му треба политичка партија во која ќе дејствува и преку која ќе владее или влијае лично, како единка.
Важно е дека секогаш, во секое политичко милје во минатото и денес, а нема сомнеж и утре, на посветените на уката и науката, како и на постојаното богатење на личното знаење и усовршувањето во професијата не им треба политика. Од друга страна, таквите посветени им се најголеми противници, па и непријатели на политичарите, особено на политикантите.
2. Стабилна или авторитетна Влада
Се чини дека кај нас е неможно она што би требало да биде нормално: по парламентарни избори да се формира авторитетна Влада, која како таква ќе биде стабилна. Која не со „бумби и патрони“, а со знаење, мудрост и искуство ќе ја води Македонија со сигурни чекори кон сопствена иднина. Ниту балканска, ниту европска, ниту светска. Зошто?
Најпрвин затоа што при авторитетна Влада нема место во власта за политикантите. На ниедно нејзино ниво. Тоа едновремено значи дека партиите кои учествуваат на парламентарни избори ќе предлагаат свои кандидати-авторитетни личности. А кога би биле „принудени“ на тоа, во монентов сигурно партиите за многу брзо време би се броеле со прстите од едната рака. Едноставно, невозможно е да се „најдат“ толкав број такви личности, згора „распоредени“ во голем број партии. Особено затоа што повеќето од нив се сведени на „еден човек-партија“.
Во овој македонски „демократски“ момент е невозможно да се формира авторитетна Влада (на која било партија или на каква било коалиција) затоа што политиката ја разбираме како најлесен пат за остварување лични, во најголема мера кариеристички амбиции. Да, мислам на непотизмот, клиентелизмот, платеништвото, подаништвото…кои, пак, не се „слабости“ на демократијата, туку суштина на партократијата!
Да, партократијата е таа која не го дозволува мерит системот, која прави карикатура од власта и владеењето.
Уште нешто мошне важно:
Зачудува како „меѓународниот фактор“ не знае или „моментно“ заборавил дека стабилна Влада не е исто што и компромисна. А се знае дека компромисот има значење и вредност само ако не е резултат на „победници“. Македонија можат да ја извлечат од дното на кое е предолго потоната единствено бескомпромисни „борци-владетели“.
Или е тоа можно само во функционална правна држава?
3. Видокруг
Судејќи според мои ептен блиски извори до „врвовите“ на која било партија-победник на парламентарни избори, за состав на нова Влада, но и за втор, трет, ќетврти итн. „ешалон“, најактуелен е видокругот, особено во која боја е обоен. Некои ме убедуваат дека е тоа сосема нормално.
Мене лично никогаш не ми се допаѓале, ниту многу-многу сум ги третирал видокрузите. Некои мои добронамерни пријатели ме убедуваат дека е токму тоа причината што сум на дереџево на кое сум. Демек, никогаш не сум знаел, ниту сум се трудел да научам да се местам на „видно место“, поточно навреме да се сместам во видокругот на оној што „се грижи“ и дошол во позиција да „згрижува“.
Знам само едно: ако не си му во видокругот на оној од кого нешто (или се- скраја да е) ти зависи, твојата зависност губи на сила и вредност, па со текот на времето може да ти се случи да станеш делумно (или тотално-дај Боже!) независен. Да, тој е многу важен, во „дадени“ моменти и пресуден за стекнување на лична, а потоа и колективна независност.
Дали сум му во видокругот на идниот стар или нов „згрижувач“?
За мене лично е одамна познато дека сум „тотално“ независен мислечки човек и творец-креативец. Па кога се поставува видокругот како тема за промислување, од претходното е сосема јасно како сум се изборил за таквиот статус. Се разбира, со сите последици што ги трпам јас, но и мојата најблиска „природна“ средина и околина.
Значи, да се повторам: не сум му бил во видокругот на никој од претходните, не сум се местел на „видно место“, па со текот на времето (стажот и стареењето) сум станувал сè повеќе независен. Сè додека не сум станал тоа во тотална смисла. Каква ми е сегашнава, моментнава позиција?
Не знам дали не ќе е предоцна, ама сум решен да слезам од височинава на која сум одамна и да вложам максимални напори да му влезам во видокругот на идниот „згрижувач“. Во која било боја да е обоен. (Поточно е да се нарече „местач“, ама тоа ми звучи некако грубо и простачки.)
Мислам дека ми е дојдено последното време за некое министерско место. Мислам дека би бил најсоодветен за министер за култура, уметничко творештво, образование, наука и едукација. Може и за нешто „поскромно“, од вториот ли, третиот, четвртиот итн., кој да е „ешалон“. Се разбира, како тотално независен!
А има ли некој во мојот видокруг? Баш ќе проверам. Би морало да има.
4. Заедништвото и различноста
Младите имаат еден интересен „културен“ израз (не сум сигурен дека треба да биде во наводници), односно прекор за оној што зборува глупости:
„Не треси зелени“.
Всушност, тој е со многу „пошироко“ значење: не ги опфаќа само глупостите (без притоа да биде навреден тој што ги кажува), туку и кажаните незрели и недозреани нешта. Во Собранието на Македонија, а најмнoгу во предизборна кампања досега сме се изнаслушале, а за жал или за смеење сè уште се изнаслушуваме „зелени“. Нивното тешко „тресење“ веќе научивме, веќе навикнавме лесно да го издржуваме.
Притоа, воопшто не е од значење „положбата“ на тој што тресе; дали е седечка, лежечка или коленичарска. Дури одвреме-навреме, прилично неочекувано, оние кои се на седечка или лежечка многу повеќе „тресат зелени“, отколку оние на коленичарска. Што е, меѓу другото, мошне податливо за социолошки, па и психолошко-психијатриски анализи.
Европските политичари, особено водечките, имаат големи проблеми со нашиве. Никако да бидат „правилно“ разбрани. Тие ќе кажат едно, јасно и гласно, а нашиве ќе слушнат друго, најчесто како што им се прислушува и „во рамките“ на она што сакаат да го слушнат.
Едно од таквите „круцијални недоразбирања“ е пораката во врска со нашето поблиско и подалечно минато, особено поврзаното со нашиот идентитет:
„Заборавете го минатото, свртете се кон иднината“.
Со повеќе зборови:
„Оставете им го минатото на историчарите. Вие работете за сегашнината и иднината на вашата земја и вашиот народ“.
Имено, нема потреба да читаме меѓу редови, зашто тоа Европејците не го ни сакаат, за да ја слушнеме и разбереме мошне јасната порака:
Не да се заборави минатото или, недај Боже, да се „пишува“ ново, „заедничко“ со „добрососед“, туку да не се враќаме на неговите темни страници. Не тие да се заборават, најмалку да се избришат, туку да не се повторуваат во денешнината. Бидејќи со тоа, така, не заборавајќи, не оставајќи, не ќе можеме да напишеме ниту една страница од иднината.
Не е никаква доблест или неоптовареност ако се знае и брани сопствената историја. Европската унија не бара искривување или „допишување“, односно фалсификување на историјата. На тоа мисли кога бара да го оставиме минатото. Затоа што различни народи имаат различно минато. Таа бара еднаквост во различноста. Како сопствено богатство.
Опасно загрозувачка по идеднтитетот на македонскиот народ е конкретизацијата на една не само истресена зелена, нејзина тековна реализација:
Зрели квазиисторичари, поточно политиканти и предавници пишуваат „заедничка историја“ со источниот „добрососед“ во името на иднината!
Први прашања на секој што знае за историјата:
Историјата се пишува (и брише) или се создава? Која историја е и може да биде заедничка? „Заедничка историја“ или „споделувачко во историјата“?
Бидејќи, нормално, какви било одговори не може да се бараат од оној што „тресе зелени“, нив ги даваат учени, мудри и разумни. Па оној што „нешто од нешто“ знае, лесно ги наоѓа следниве одговори:
Историјата ја создаваат творци, личности и дела, а ја пишуваат победниците како „потврда“ на победата над поразените. Историјата ја пишуваат и бришат оние што се сметаат себеси за „исторични“, а се всушност маргинални, безначајни, ништожни, кои времето ги прегазува уште во нивното. Вистинската историја е онаа што се потпира исклучиво на факти и аргументи. Сè друго е легенда, митологија, „лична творба“.
Нешто споделувачко во историјата е или може да биде единствено во рамките на една заедница, држава, ентитет, идентитет (национален). Заедничка не може да биде помеѓу два народа, две држави, два ентитета односно идентитета. Може да им биде заедничко само она што било дури биле (ако биле) заедно. И не „пишување“, туку корегирање на дел од созадената историја (испишаното во неа) која се однесува на ентитетите, националностите („мнозинската“ и „немнозинските“ заедници) во една држава!
Почитуван читателу, ти кој никогаш не „тресеш зелени“ кога не знаеш, туку се трудиш да научиш и разбереш, прости ми што те потсетив на некои ноторни нешта кои сигурен сум дека ги знаеш уште од мало дете. Едноставно, морав поради опасноста од пречестото „тресење зелени“. Поради загрозувањето на нашиот опстанок!
5. Знаење и стручност-импровизација и волунтаризам
Интересно и чудно: многу ретко се зборува и пишува, јас ниту сум слушнал, ниту прочитал подетална анализа за ангажирањето на знаењето, стручноста-на стручни, учени луѓе и експерти во сите области на нашето работење и дејствување, особено во политиката; наспроти импровизацијата и волунтаризмот кои се темелат на незнаење, неукост, па и елементарна неписменост. Белки нема некој што тврди дека таква споредбена анализа не ни е потребна и оти состојбите на тој план кај нас се мошне „благопријатни“. Со други зборови, дека стручњаците и компетентните постојано се консултираат и се послушуваат, а импровизацијата и волунтаризмот се присутни во безначаен процент (бидејќи не можат сосем да се елиминраат).
Меѓутоа, прашање е дали ни се воопшто потребни такви, темелни анализи за да го аргументираме ставот дека состојбата на тој план кај нас е катастрофална. Била во минатото, е сега и најверојатно ќе биде и во „поблиска“ иднина. Освен ако, на пример, на политичката сцена не се појави партија која својата активност ќе ја темели исклучиво на стручноста, знаењето, искуството, со директно и индиректно ангажирање на личности со потврден, неспорен авторитет.
Дека искажаниов став нема потреба да се елаборира, доволен е следниов аргумент: една „ветувачка“ програма на „голема“ партија наводно ја подготвувале 200-300 „експерти“, а според оценки токму на експерти (без наводници), нјо и на „обични“ луѓе во многу сегменти е крајно дилетантска.
Во сите партии, без исклучок, има по некој експерт-конултант кој нема „лидерска харизма“, ама им е „при рака“ (приврзок) на оние што, наводно, ја имаат („дадена од Господа“?).
Прашање со претпоставен одговор:
Колкумина во врвовите на политичките партии се дипломирани политиколози (значи, учени на факултети-универзитети по политички науки во светот), со завршени дипломатски школи (не неколкумесечни курсеви)?
Да повторам, не станува збор само за (не)ангажираноста на знаењето, односно стручноста во одделни сегменти (на пример, политиката), туку во сите клучни, од кои зависи нашата перспектива.
Мислам дека не треба да се трошат зборови за погубноста на импровизацијата и волунтаризмот во сите сегменти на нашето живеење. Тие се „највиновни“ за живуркање на народот пропаста на неговата држава.
Го делам мислењето на некои наши експерти дека најобразовани кадри, стручњаци и научници во една земја треба да се во категоријата членови на законодавни тела, државни функционери, раководни државни службеници, дипломати и директори.