ПОЛНОТА НА ЖИВОТОТ, раскази/ескизи

Потребно време за читање: 3 минути

19. Пристоен живот

Илина Крстева живее пристојно. Таа е триесет и шестгодишна самохрана мајка, живее со осумгодишната ќерка Невена во стан од триесетина квадрати на седумнаесеттиот кат од единствената осумнаесеткатница во новиот дел на Засен, град што го освои осојот на планината Пивка. Невена ѝ е од двегодишен брак со Јон кој пред седум години не преживеа удар од шлепер на пешачки премин. Од неговата смрт таа немала маж, ниту помислува да има. Сексуалниот порив сосем го угаснала во себе, а со својот студен, рамнодушен однос одбива дури и блиска пријателска врска.

Илина е задоволна од пристојниот живот што го живее со ќерка си, во најголема мера суреден според постојан, секојдневен ред и ритам.

Пристојно се облекува, што значи ненаметливо, складно, со вкус, во што се чувствува комотно, секако и во тренд. Пристојно се однесува на работа, што значи секогаш навреме и беспрекорно ги исполнува работните обврски и е со почит, љубезност и достоинство спрема колешките и колегите. Тие ѝ возвраќаат еднакво, а кај оние со кои раководи ужива авторитет. Работи во Студио за архитектура и дизајн, како раководител на Оддел за ентериер.

Постојаниот, секојдневниот ред и ритам на животот на Илина и нејзината ќерка Невена може да се назначи и како затврден ритуал. Во работните денови: станување во шест и триесет, миење и суредување во бањата, појадок, одвезување на училиште па на работа; по завршување на работното време земање на Невена од училиште, дома ручек, попладневна починка; вечерно излегување-купување што-годе за обете во блискиот мол и супермаркетот, кино, театар, концерт, ликовна изложба или прошетка на плоштадот; дома-гледање телевизија, дружење на Невена со школските другарки преку мобилки, читање книга (секоја своја), заедничко играње видео игра, играње монопол или сурфање на Интернет (секоја во својата соба); заспивање точно во дваесет и еден часот и триесет минути. Во сабота и недела: станување во седум и триесет, миење и суредување во бањата, појадок; искачување на Пивка со чај во планинарскиот дом, возење велосипеди или прошетка во Градскиот парк со задолжителна посета на зоолошката градина; дома ручек, попладневна починка; вечерно излегување-прошетка на плоштадот, на кејот или на заедничка забава во луна паркот; дома-гледање телевизија, читање книга (секоја своја), заедничко играње видео игра или играње некоја друштвена игра (ретко монопол), сурфање на Интернет (секоја во својата соба); заспивање точно во дваесет и два часот.

Најмалку еднаш неделно, најчесто пополадне и вечер во сабота или недела, но некогаш и во работен ден Илина и Невена посетуваат свои блиски-мајка му на Јон, Зорица, татко му Илија и сестра му Дафина, на првите братучеди на Илина, Костадин и Славе, и првите братучетки Светлана, Надежда и Роза. Им се случува некоја вечер во некое кафуле или кафеана да поминат заедно час-два со колеги, колешки, пријателки и пријатели на Илина.

Освен секојдневните договорни полчасовни состаноци и понеделничкиот менаџерски, обата од девет часот и триесет минути, ништо друго не ѝ е повторливо на Илина Крстева на нејзиното работно место: телефонски контакти со заинтересирани за уредување или преуредување на нивните живеалишта, средби во нејзината канцеларија, осмислување и контрола на реализација на проекти (работа на терен), контакти со деловни соработници (набавка на материјали). Задоволна е од својата позиција и статусот во фирмата. Платата ѝ е повеќе од доволна за пристоен живот.

Илина со ќеркичката често го посетуваат гробот на Јон. На надгробната плоча, крај неговата фотографија оставаат рози и палат свеќи. Невена знае дека гробот е вечно почивалиште на татко ѝ, а мајка ѝ ѝ раскажа дека тој живее на небото, во нивните срца и мисли.

Секое лето неизоставно и зиме одвреме-навреме одат на годишен одмор во некој домашен, странски туристички центар или на пропатување низ светот преку туристичка организација (последно им е во Кина). Веќе се во интензивни подготовки оти за два месеца од денеска ќе тргнат на пропатување низ нордиските земји. Понуда на пријателот Стефан Урдаревски која Илина ја прифати по долго премислување. Нејзе тој ѝ се допаѓа, го прифаќа. Невена, пак, е весела и игрива кога се заедно, а е најсреќна кога ќе забележи дека тој и мајка ѝ се гледаат втренчено и си разменуваат топли насмевки.

Leave the first comment