Политика и политикантство      

Потребно време за читање: 2 минути

-Не ми збори за политиката и политикантсвото. Боктисано ми е од нив.

-Добро, не ти зборам, но зошто ти е боктисано кога не си влезен во нив? Кога упорно одбиваш да станеш политичар?

-Боктисано ми е зашто политиката е не само пресудна, туку кај нас од неа сосем зависи буквално сè. И поединечно и колективно.  Ај да е тоа во некакви подносливи рамки, во извесна смисла. Ама од неа ни зависи дури голата егзистенција…Политиканството, пак, стана наше секојдневје…А тоа што упорно одбивам да станам политичар…Ќе те поправам, одбивам да станам политикант. Инаку, знаеш дека ме привлекува и сум прилично навлезен во политикологијата.

-Добро, добро…Се знаеме одамна, цврсто е нашето пријателство…Јас сепак мислам дека не е буквално сè зависно од политиката…Добро де, од политикантството…На пример, тие немаат никаква врска со одбраната на личната слобода.

-Напротив, токму личната слобода обете, со заеднички сили ја поразуваат најпрво. Личниот интерес и со него најдиректно поврзаните послушноста, слуганството, платеништвото, крадењето, криминалот, мафијаштвото, во не мала мера и предавството суштински го деструираат, го деградираат животот…А мислиш дека нема никаква релација, наспоредност, меѓузависност меѓу политиката и политикантсвото?

-Не мислам, туку тврдам  и лесно можам да докажам дека политикантсвото најмногу ѝ должи на политиката.

-Особено кога е збор за простаклакот што го придружува кариеризмот.

-Што ти текна сега за политиката и политикантсвото? Бесцелно е да разговараме за нив. Не нè засегаат.

-Тебе ти е боктисано, но немој да мислиш дека и мене не ми е…А не прифаќаш дека твојот неуспех во бизнисот не е поради неспособност, бидејќи на твоја страна се знаењето, умеењето и пред сè искуството, туку затоа што политикантството ти е одвратно, а политиката е сведена на партиска манипулација. Уште ако се земе предвид твојата чеснот на пиедесталот…

-Батали…Туку, што да правиме јас и ти со нашиот независен проект за независен медиум?

-Однапред пропаднат. Дека е неприлагодлив. Освен ако…?

-Што освен?

-Освен ако формираме наша политичка партија која баш како нова брзо ќе влезе во власта, а можеби и да ја освои.

-Сериозен си?!

-Не сум.

МОЛКНАТИ ДИЈАЛОЗИ, раскази/ескизи, 19