fbpx Прескокни до главната содржина Opens in a new tab

Кој е поербаплија?

Басни без наравоучение

Се сретнале на полпат зајак и желка и зајакот ѝ рекол на желката:

-А мори, желко една ко ниедна, ти се чудам и никако не можам да ти се изначудам. Животот од ден на ден брза сè повеќе, та нè тера да трчаме за да не нè престигне и да не сме му по мерата, а ти ко да ич си немаш гајле. Си одиш лека-полека накај што си наумила, па кога ќе стасаш-тогаш. Не бидува така.

Желката му одговорила на зајакот:

-А бре зајко, ветрогону, тебе никако да ти дојде умот. Мислиш оти ќе можеш уште долго така, со трчаница да стасуваш кај што ќе ти текне, и баш ти е гајле дали ќе стасаш. Мислиш оти нема поербаплија од тебе во животов наш насушен. Ќе видиш ко ќе снеможеш, ко ќе остариш…

Зајакот ѝ влегол во зборот:

-Знаеш што, желко стара, за никаде и до никаде? Тебе никако да ти текне оти твојот еден и единствен проблем во одењето низ животот е куќата што си ја носиш на плеќи. Јас трчам лесно зашто ни на крајот од умот не ми паѓа да си најдам една куќа за скрасување, па згора да ја носам на плеќи. Едно ќе ти речам, а ти или памти или заборави: најважно во животот е да стасаш навреме кај што си наумил, дури и предвреме, а притоа да внимаваш од кај дува ветрот.

Прочитај и за ... >>  Партиски кокошарник

Желката малку се подумала, па му вратила прекорно:

-Знаеш што, зајаку ветрогону, бездомнику? Куќава што ја носам на плеќи е моја куќа-мој дом. Друга немам, ниту помислувам да имам оти не ми треба. И за во време и за во невреме. Поготово ко ќе се уморам од одење или работа. Ќе си се пикнам во неа и никој на ништо не може да ме натера. Ај ти прашај се колку живеам јас, а колку ти. Јас и повеќе од цел век претурам пчреку глава, а тебе секој миг ти виси животецот на конец. Памти или заборави што ќе ти речам: твојот проблем е токму што си ветрогон и саде вардиш од кај дува ветрот. Не ни помислуваш оти ветрот сè почесто дува од кај што ќе му текне. Може затоа во последно време ми се гледаш ко изгубен, ко дезориентиран. Ти препорачувам и да провериш да не те зел некој на нишан.

Прочитај и за ... >>  На коњ

Зајакот се сетил на басната за наттрчувањето на зајакот и желката и ѝ предложил:

-Ајде, желко моја пријателке, јас и ти да се наттрчуваме, па да видиме кој побрзо ќе стигне на последната цел во животот. Ама да не мислиш на итроштината од басната која сигурно и ти ја паметиш, па на целта однапред да сокриеш некоја од твоите другачки желки, иста ко тебе, и така да ме зафркнеш.

Се разбира, желката не ја заборавила познатата басна, па му го одбила предлогот:

-Ти, зајко трчи-лажи, ко да си заборавил дека ниедна итроштина не минува двапати. Не ми паѓа ни на крајот од умот да се наттрчувам со тебе. Знаеш зошто? Затоа што јас си одам по свој пат, кој нигде не се вкрстува со твојот. А згора ни целта никогаш не ни била, ниту може да ни биде една.

Зајакот и желката се разделиле пријателски.

БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 37

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.

Важна напомена: Сите права се задржани. Не е дозволено какво било преземање, копирање, објавување или преработка на делови или цели содржини од овој портал без претходно одобрение од авторот, редакцијата и/или издавачот. За секоја повреда на авторските и сродните права, Паноптикум го задржува правото да побара надомест и соодветна правна заштита.

Уредничка напомена: Во подготовката на содржината може да се користи дигитална/AI асистенција како помошна алатка за јазична, структурна, истражувачка или визуелна обработка. Финалниот текст е уреднички прегледан и објавен под одговорност на авторот и/или редакцијата. Главната илустрација на написот може да биде фотографија, авторска/архивска слика или AI-генерирана концептуална илустрација создадена за визуелна поддршка на текстот.