Судејќи според последните „светски чуда“ во пливачките дисциплини, очигледно е дека тие се нешто „посебно“: направија и пливањето да станува зависно од технологијата, а во скорешна иднина најверојатно таа ќе биде пресудна за постигнување на врвни резултати.
Имено, сѐ е поголем бројот на оние што тврдат дека пливачите кои пливаат во Speedo-овите костими LZR Racer се во голема предност. Се разбира, по претходниот „услов“: да се биде врвен, светски пливач. Главен аргумент: од 14 последни светски рекорди, дури 13 се постигнати во нив.
Оние што го пробале, кои веќе настапиле во новиот костим, тврдат дека тој е навистина добар односно најдобар од сите досегашни. Секако се работи за напредок во технологијата. Трикото им овозможува на пливачите повеќе да не мораат да се бричат, го намалува триењето на телото и водата, го зацврстува телото и го држи покомпактно, макар што сите и досега користеа- користат костим што им е тесен затоа што тоа ги држи мускулите во тонус, подобро ги загрева.
Меѓутоа, некои пливачи мислат дека се работи за плацебо ефект. Тоа го поткрепуваат со податокот дека големиот пливач Александар Попов пливал 50 метри слободно за 21,6 секунди во гаќички за капење, а овие сега со костимите пливаат 21,5.
Дека костимот игра голема психолошка улога, тврди и Австралијката Stephanie Rice, светска рекордерка на 200 метри мешано:
„Костимот врз спортистот може да има голем ефект. Ако знаете дека е тој најдобар на светот, тогаш тоа пред трката ви дава голема самодоверба“.
Канаѓаните одлучија да реагираат со забрана на LZR Racer костимите на своите олимписки квалификации, а тоа би можело да се случи и на американските универзитетски натпревари.
Светската пливачка организација ФИНА спроведува истражување на костимот инеговиот тенок материјал.