Вивнале пламени јазици
до небо во небо на небо
од парче земја на која сам
и единствен човек
запалил огон на полноќ
снага да загрее
вивнале меѓу ѕвездите
а нему му се гледаат
како да ги поврзуваат
во сноп светлина што иде
од неговото срце
или од неговите мисли
за неразделноста
на земјата и небото
сеедно
ако треба ќе седи крај огнот
сè до рано утро подготвен
мигум да го угасне
за пламените јазици
до небо во небо на небо
да не ги изгорат
да не ги пеплосаат ѕвездите
сеедно дали се само негови
или на сите луѓе на светот
како него способни
да ги читаат загледани
во нивното постоење
и нивното сјаење
но што ќе се случи со него
ако пламените јазици
втонат во нив
та по рано утро него без огон
студ го заледи.
ОГОН ВО ПУСТОШИЈА, Огон, поетска студија, 48