ОГНИШТЕ, роман во продолженија

Потребно време за читање: 2 минути

109.

Син ми исчезна, замина за мене незнајно каде, а во мене горат неговите зборови при последното, прошталното видување. Решил да исчезне оти останал без своја рожба, син му си има свој живот и комуницираат сѐ поретко; Долно Дивјаци е мое родно огниште, но не и негово како семејно, како најдлабок корен. Во мене горат тие негови зборови, отвораат неизлечива рана што крвави и ќе крвави сѐ додека не искрвавам. Па ми е син, единец! Па едно е родното огниште, и мое и негово и семејно! Каков опстој помеѓу раѓање и умирање без најдлабок корен?

На ум ми се индивидуалното и колективното исчезнување. На син ми се обидов да му докажам дека не е можно да замине во друг, непознат свет оти и во него совреме ќе го запознаат и ќе го препознаваат. Тоа не е исчезнување, ами бегање од себеси.

Не сакаше да ме слуша, а сакав да му образложам дека тоа го предвестуваат само самонегирањето и смртта. Единствено тие се заеднички за индивидуалното и колективното исчезнување. Да, сѐ друго им е различно, и причинско и последично.

Успеав уште да потенцирам дека самонегирањето и смртта се непосредно поврзани и со родното и со семејното огниште, но најнапред и најмногу со најдлабокиот корен.

Немаше трпение да ме дослуша за индивидуалното самонегирање, дека е неминовна последица од немање самосвесност, самопочит и лично достоинство, еднакво инфериорност и кукавичлук; ниту за колективното што е несомнено злосторно, со злонамера, можно само насилно и  предавничко.

А кога станува збор за смртта како заминување без трага, како непостоење во вчерашнина, еднакво во сегашнина и утрешнина, таа индивидуално е најмногу зависна од создавачкото во животот наспроти минливото и безначајното. Смртта како предвесник на колективното исчезнување, пак, е долготрајна и сотирачка, агресивна, безогледна и освојувачка.

Заклучи дека конечно го разбрал моето занимавање со древните цивилизации, со нивниот просторно-временски опстој, трагите и паметењето. Ме праша дали е можно притоа природни непогоди и епидемии на разни болештини да ги довеле до раб на егзистенцијата. Му одговорив дека не оти ги довеле до него, туку многу од нив токму такви турнале в бездна.

Како по исчезнувањето на син ми јас останав сам, а со мојата Госпоѓа?! Нешто не е в ред со нашите односи? Пријателството и меѓусебното спомагање не ни е на нужното ниво? Не, никако! Се разбира, помеѓу луѓе во години емотивната врска се затврдува многу повеќе одошто во млади години со заедничко време сосе заеднички интересирања, а кои ги богатат спокојот и ведрината на живеачката. Ние ги имаме на обострано задоволство. Од друга страна, во нашиот однос е сосема непотребно содржинско и какво било друго разграничување помеѓу самоста и осаменоста. На обајцата ниту едната, ниту другата не ни се товар, не се до  таа мера јаки и долготрајни што да ја загрозуваат психофизичката рамнотежа.

На ум ми е ова: празнината што син ми ја остави во мене по своето исчезнување, како и неизлечивата рана што крвави и ќе крвави сѐ додека не искрвавам, од ден на ден ме прават сѐ поснеможен и понем. Ме оставаат без зборови и без желба да се посветам едновремено на себеси, на нашата заемност и нашата близост. Сѐ тоа како моја сѐ поголема самост.

И јас скоро да исчезнам? Ненадејно? Без збогување макар само со мојата Госпоѓа? Што знам…Можеби…Ако скоро не заминам со неа во моето Долно Дивјаци, ако заминам сам…Ако не заминам…

Leave the first comment