2. Вториот чекор
Дали задолжително
по првиот следува
вториот чекор?
На пример пред
една ваква прозрачна
слика, ситуација:
бреза со расплетена коса
како причина за осама
и замолк,
како повторно раѓање,
почеток и обнова
по зимска смрт на воин
(чисто и невино со усна
разнесена во крв
како на лице
стогодишно).
Можно ли е по првиот
што со сенка
ја раскорила,
ја соголила
жалната, белата,
северната бреза,
со јасна цел
да се направи вториот,
макар безволно,
макар рамнодушно?
Тоа што воинот
е избеган
од некоја војна
во стари векови,
значи дека коњот
под него
не може да го направи
вториот чекор!
Оти и самиот не памети
кога го направил првиот,
па е само коска и кожа,
па најверојатно скоро,
веројатно
во следниот миг ќе падне
со последен здив.
Му се обраќам бидејќи
го догледувам
на хоризонтот,
зад брезата во мојот
недоглед.
И сакам, и многу сакам,
да го пречекам свечено,
во свечена облека,
пред химна и знаме
што се вее над народ
победен или победнички.
Ама тој колку што
ми се доближува
има сѐ посуви раце.
Јасно е дека одамна
нема своја земја
како човек,
та затоа е подобро
за него
да остане само
со првиот чекор;
дури да се врати назад
во зачекорот.
Оти децата сѐ уште мртви
лежат во трева обична
и убава,
како трева што ја газат,
а никој да ја помилува.
Јас сум со нив,
помеѓу нив,
ранет, со скршена коска
која, како што разбрав
од учени,
брзо заздравува кога
ќе ја залепат со врел песок,
никако не од пустелија
денес или утре.
Воинот избеган од некоја
војна во стари векови
во меѓувреме заспал
на коњот
од умора и крв,
па се обидувам
да го разбудам
поради брезата
со расплетена коса
како причина за осама
и замолк,
како повторно раѓање,
како почеток,
како обнова
по зимска смрт.