НЕКОГАШ ПОНЕКОГАШ ИГРА, поетска студија за играта

Потребно време за читање: < 1 минута

13. Сега за нас од добрина?

Нужно е да догледаме добрина
во сокриена страна на око
сонцево,
во време од вчера со утре.

Потоа да почекаме
да се вратат старите скитачи
низ моите и твоите дребулии
во сонувањето;
па со нив да ја дочекаме.

Тогаш сум сигурен дека
ќе откриеме
што се случува со фрлена
гранка во матна река,
изгубена пред некој бран,
како да е на давеник;
или само брза и бистра вода
да откриеме.

Само така и толку спокојни
ќе засадиме спитомена трева
во наш круг
за проштална песна,
легнати во неа.

Нужно е да се вратиме
на она место
под кое застанаа птици
во лет на небото
колку да се одморат
од високи шуми
многу постари од нас;
потоа да ја оставиме
устата на ветрот
со свои убави топлини
во многу бои,
настрана од мирисот
на нови есенски земји
што сме ги освоиле
во меѓувреме,
пред да ни дојде зимата.

Тогаш ќе ја рашириме
чергата со продадена
скитничка
само затоа што мајка ѝ
израснала во колиби
од многу минати лета
сушни.

Да, точно е, така е,
сега чекаме голо пладне
за голо да заживееме,
конечно со мудрост,
без оглед што не мислам
на сон по преумора,
а на нешто друго.

Сега сме на голема ливада
за игри
сосе дамнешни години,
идилично,
со почит кон прагови
на домашни огништа
в пазуви,
во насмевки
на простосрдечни луѓе
со самостојни чекори.

Нужно е да догледаме добрина
во сокриена страна на око
сонцево,
на избран за почит,
за достоинство,
неименуван за никој
да не го порази,
за до смрт да го држи
во заточение.

Зашто на оваа голема ливада
веќе горат куќи градени
со спомени на наши татковци,
за наши деца,
во насмевки
на простосрдечни луѓе
со самостојни чекори.

Плунката в уста побара
високи горештини;
да се соблече крај извори,
крај реки помеѓу улици,
до нов отворен прозорец,
до долго ѕидани и соѕидани
високи порти
од камен и сува земја.

Сѐ да е за нас
или само за нас,
сосе сите пред нас
и зад нас и под нас;
сосе сите во нас.

Leave the first comment