Негде

Потребно време за читање: < 1 минута

И над и под и во и со
и пред и зад и од и до
и на и по и кон и вон
пустошија
близу до живот и смрт
далеку до смрт и живот
далеку од живот за смрт
близу до смрт за живот
еден огон гори
негде меѓу огнена земја
и далечно огнено небо.

Кога не личи на ништо
многу личи на човек
кој се препознава себеси
во човек
кој никако да узнае
кој бил или што ќе биде.

Сè уште никој не доумил
дека огнов меѓу
огнени земја и небо
неминовно ќе биде сегде
откако во камен
ќе се вкорени семе кое
потоа ќе заживее будно
па ќе расте внимавајќи
да не наиде некој ветар
та да го одвее негде.    

Чуден некој огон крвав
што се однесува
како веќе да нема каде
да вивне своја искра.

ОГОН ВО ПУСТОШИЈА, Мразнина, поетска студија, 58