fbpx Прескокни до главната содржина

Народни кучиња и последен карван

Басни без наравоучение

Во пустошна земја тргнал последниот карван во непознат правец, поточно таен. И одблизу и оддалеку било мошне видливо дека е најголем, најдолг и со преполни дисаѓи украдено азно од народот. Што е најинтересно од сè, на народните кучиња им се гледал некако најприкриен, најтаинствен, најнепрепознатлив. Некои биле убедени дека станува збор за домашен измешан со странски или за чисто странски. Некои качени на коњи, кобили, магариња и магарици им заличиле на познати домашни, од предавничките и велепредавничките политиканти, пратеници и поранешни властодршци. Значи, им биле мошне сомничави. Но, биле толку добро маскирани што сепак поверувале дека не се од нив. Впрочем, тие и таквите одамна не му се прикажувале на народот со вистински лица, па народните кучиња одамна не лаеле на нив.

Нужно е да се нагласи дека народните кучиња не биле толку наивни и невнимателни. Напротив. Се загледувале во преполните дисаѓи украдено азно од народот. И оддалеку и одблизу им се гледале преполни. Коњите, кобилите, магарињата и магариците како одвај да оделе, како во секој момент да ќе се струполеле наземи под нивната тежина. Згора на тоа, карванот се движел најбавно од сите досегашни. Повеќе како застрашен, одошто како преуморен и претоварен. Па некое од народните кучиња, преуморно од лаење при врвење на претходните карвани ќе залаело, но тоа повеќе било лавкање.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), XIV, роман

Накусо речено, како што вели народната изрека „Кучињата лаат, карванот си врви“, народните кучиња брзо сфатиле дека би им било џабе лаењето, па замолкнале од прво до последно.

Во меѓувреме, од доверливи извори се дозна дека последниот карван минал без ниеден лаеж на народните кучиња. А според некои непотврдени извори, некои од нив му се придружиле молчешкум и со подвиткани опашки.          

БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 49

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.

Важна напомена: Сите права се задржани. Не е дозволено какво било преземање, копирање, објавување или преработка на делови или цели содржини од овој портал без претходно одобрение од авторот, редакцијата и/или издавачот. За секоја повреда на авторските и сродните права, Паноптикум го задржува правото да побара надомест и соодветна правна заштита.

Уредничка напомена: Во подготовката на содржината може да се користи дигитална/AI асистенција како помошна алатка за јазична, структурна, истражувачка или визуелна обработка. Финалниот текст е уреднички прегледан и објавен под одговорност на авторот и/или редакцијата. Главната илустрација на написот може да биде фотографија, авторска/архивска слика или AI-генерирана концептуална илустрација создадена за визуелна поддршка на текстот.