Народна мудрост

ЗА ЉУБОВТА

Секогаш со љубов за љубов благородна и животворна. Што трае и ќе трае довека.

Македонски народни пословици и изреки

Лицето го покажуа срцето.

Како срце болело, така и очи плакале.

Старо љуби, ден си губи.

На лице светица, а на срце цела курва.

Една става рамна што ти има, како некоја селфија.

Една става што ти има, како некој фидан; како некоја гранка.

Една убаина што ти има, на целио век не се наоѓа.

Жена убаа со пари не се купуа.

Ашколсун на незината убаина што ја има.

Секој ашик је се чини на убаината незина.

Убаина куќа не крепи, ама пак убаина се бара.

Личотијата незина во цел град ја нема.

Личотијата незина во три градои ја нема.

Лична, лична, дури прелична.

Личната мома се големеит со личотата.

Личната мома со личотата се продаа.

Вати да шари со очите моето чупе, зер сака мажење.

Зрелите круши свињите `и јадат, и убаите моми лоши момчиња `и водат.

Која мома момче пребират, брго не ќе се омажит.

Која круша без опашка, да  момче без невеста?

Момче се жени кога да сакат, а  мома кога да ја сакаат.

Момче со мустаќи и мома со боски лесно не се учат.

Пословици и изреки од народи во светот

За некого да сакаме совршено, треба да го сакаме така како да ќе умре веќе утре. (Арапска)

Сакај ме малку, а сакај ме долго! (Еврејска)

Да се сака, а да не се биде сакан, е исто што и да се одзиваш, а никој да не те вика. (Еврејска)

Љубов што се одржува со подароци е вечно гладна. (Еврејска)

Во љубовта секогаш еден љуби, а друг подметнува образ. (Француска)

Првата љубов е слична на снег: ретко кога се задржува. (Финска)

Во љубовта единаесет е парен број. (Виетнамска)

Таму кај што владее љубов, нема ни големи ни мали. (Јапонска)

Љубовта за една ноќ е кадарна да изгради кинески ѕид. (Кинеска)

Кога сакаш и мајмунот ти изгледа убав; кога не сакаш, не ти е грижа ни за лотосов цвет. (Индиска)

Љубовта и мошусот не можат да се сокријат. (Индиска)

Љубовта и кашлицата не можат да се сокријат. (Турска)

Љубовната заклетва не важи. (Старогрчка)

Јас не знам што е тоа љубов зашто таа доаѓа не знам од каде и завршува не знам како. (Англиска)

Љубовта е како чорапи: морате да имате пар и мора да се сложуваат. (Италијанска)

Љубовта твоја е како сенка: ако трчаш по неа, нема да ја стигнеш никогаш; ако ѝ свртиш грб, ќе те следи непрестано. (Арапска)

Латински изреки

Кој во љубовта ќе се излечи прв, најдобро се излекува.

Прочитај и за ... >>  Зборови за разбирачка

Љубовта раѓа љубов. (Gratia gratiam parit!)

Кој не сакал никогаш нека сака утре, а кој сакал нека сака и утре.

Тешко е да се одрекнеш од љубов која траела долго.

За да бидеш сакан, сакај! (Ut ameris, ama!)

Љубовта победува сè. (Amor omnia vincit.)

Домисла, гесло, мисла водилка

Стави ме како печат на срце, како печат на мускул. Зашто љубовта е јака како смрт, а љубомората тврда како гроб. Жарта нејзина е како жар на оган и пламен божји.
Песна над песните

Ако зборувам јазици човечки и ангелски, а љубов немам, тогаш сум како ѕвоно кое ѕвони или прапорец кој ѕвечи. 
Библија

Љубовта долго трпи, таа е милокрвна; љубовта не завидува; љубовта не велича, не се надувува. Не прави што не чини, не бара свое, не се срди, не мисли за зло. Не се радува на неправда, а се радува на вистина. Сè сноси, сè верува, на сè се надева, сè трпи. Љубовта никогаш не престанува, а и ако престане пророштвото, ако и јазиците замолкнат, ако и разумот исчезне.
Библија

Дечиња мои! Да не се сакаме со зборови, туку со дело и вистина. А кој нема љубов, не го познава Бога, зашто Бог е љубов.
Библија

Во љубовните караници победува оној што попушта.
Курал, класичен текст на тамилски јазик

Народна мудрост

Прочитај и за ... >>  НАРОДНА МУДРОСТ

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.