Познава еден надежен, а не памети дека некогаш познавал друг. Некогаш самиот се прашува како е можно тоа, дали е можно, но не се ни обидува да си одговори. Го прифаќа одговорот од други дека е тоа неверојатно, незамисливо. Прифаќа и дека нема човек кој не бил и не е надежен, макар во некое време на верување, сомневање, исчекување; може и заблуда. Но е убеден дека познава само еден таков, а не памети дека некогаш познавал друг.
Друго е дали он бил или е надежен за себеси. Нема сомнение дека бил и можеби е. Ако не најпосле, согласувајќи се со мислењето дека надежта умира последна, тогаш додека случувал или му се случувало нешто добро, подобро, најдобро, нешто замислено, смислено, нешто навестено или најавено, нешто пресвртно или конечно постапно менливо. Впрочем, на мислење е дека нема човек кој надежно не го градел и надградувал својот живот во посакувана постојаност, во свет кој прилега на неговиот карактер, на неговата личност.
Што е со безнадежноста? Он ја признава или не? Бил или не бил никогаш безнадежен? Макар некое време, што значи дека надежта последна му умрела? Познава макар еден таков? Како се препознава безнадежниот?
Се обидува да си одговори:
Најпрвин се препознава според чекорењето. Имено, на безнадежниот тоа му е несигурно, колебливо. Ниеден стамен чекор во него. Со поднаведнато тело, наведната глава, свиткан грб, ситни чекори. Тивок, видливо плашлив говор на телото.
Потоа се препознава според говорот, гласноста и тежината на молкот. Имено, на безнадежниот говорот му е несигурен, неправилен особено кога е збор за правоговорот. Интерпункицијата не му е правилна. Гласноста му е нерамномерна и одблизу и оддалеку, па громогласноста трае кратко и неретко им е неподнослива еднакво на блиски и далечни, а тивкоста неретко му преминува во шепот и нечујност. Што се однесува на тежината на молкот, таа на безнадежниот му е неизмерна. Која, пак, иде најмногу од долготрајноста. Колку подолго трае, толку е молкот потежок. Безуспешни се какви било обиди на безнадежниот да му се влее нова надеж.
Од сè друго потоа посебно се изделува препознавањето на безнадежниот според изразите на лицето. Имено, лицето му станува избледено и некако стегнато од една страна, а од друга брчките на челото и околу очите му стануваат сè пошироки и подлабоки. За многумина околу него таквиот израз е првично чуден, но набргу потоа се забележуваат некако измешани страв, рамнодушност и незадоволство. Сè поочигледно доаѓаат до израз изгубеноста и поразеноста. На многумина околу него им се присторува дека лицето му оддава израз на стравопочит, но тоа само им се присторува затоа што се знае дека безнадежноста е директно спротивна на почитувањето. Станува збор за израз на беспомошност.
Он нерадо зборува за безнадежен, а радо, неретко со возбуда, неретко и со восхит зборува за надежен. Исто така нерадо дека надежта умира последна, а радо за неа како засолниште од сомнежи, стравови, заблуди.
Теодор Вишен за себе вели дека е надежен човек, сепак или и покрај сè. Неретко наспоредно оптимист. Често им истакнува на блиски и далечни: „Сонцето огрејува секого“ и „За секого има место под сонцето“.
Во неговото сè уште необјавено дело „Жива мисла“:
Цветот на надежта не венее додека сонцето изгрева и зајдува.
Подготвен си да не се повтори. Еднакво веруваш и се надеваш.
Надежта го продолжува стравувањето.
Ти расте надежта затоа што си незадоволен од постигнатото.
Вербата ја следи надежта додека е жива. Таа, пак, ја брани од колебливост.
Кога умира надежта, умира животот.
Надежта трае сè додека има смисла да се живее.
Не разбираш што се прави, но се надеваш дека е за добро.
Со богатењето на знаењето се богати надежта.
Веруваш, значи и се надеваш непоколебливо.
Надежта во тебе помага да истраеш до твојата цел.
Моќта на надежта е неизмерна, а неа најмногу ѝ ја должи на желбата.
Врвицата на надежта е послана со ведрост и спокојност.
Те измамила надежта? Внимавај да не пак.
Најмногу од тебе зависи дали твојата надеж ќе има еден или повеќе цветови.
Надежен не го забележува надоаѓањето на смртта.
Надежта му помага на човекот да надмине глад и жед.
Надежта дарува спокоен сон.
Подготвен си за нов ден кога заспиваш и се будиш со надеж.
Надежта придвижува напред, но не со последни сили.
Секогаш е посилна надежта за утре од надежта денешна.
Последно надевање на човек: дека по смртта нема брзо да биде заборавен.
Не е надежта една за сите. Довербата е.
Откривањето и осознавањето најмниогу ги поттикнува надежта.
Во каква било лична борба надежниот верува дека најмногу му помага надежта.
Зракот на надежта ту ти се доближува, ту ти се оддалечува.
Нема одговор на прашањето што е тоа надеж.
Оди некако благодарение на надежта.
Надежен не дозволува да го порази безнадежноста.
Најтешко ѝ е на надежта во празнотија и мрачнина.
И надежта се троши. Внимавај како и на што ја трошиш.
Јас верувам, јас се надевам, јас одам напред.
Надежта чека да ја зграпчиш и да продолжиш заедно со неа.
Надежта живее додека е човек животворен.
Не почнувај да работиш што било без надеж.
Надежен предводник предводи народ.
Штом излегла од безнадежен, надежта веќе не се враќа во него.
Возвишен човек ги сплотил творечкиот дух, знаењето и надежта во себе.
Надежта не е за одложување, туку за продолжување.
Можеш и две работи, ако си ги поврзал со надеж.
Надежта во тебе помагана од надежта на други.
Надежта на творецот твори незапирно.
Биди секогаш крајно одговорен спрема надежен.
На човек му помага надежта да издржи докрај.
Се надеваш дека ќе биде додека не бидува.
Треба надежно и денес и утре.
Залудно се лечиш со надеж.
Со најголема и најсилна надеж против очај.
Безнадежен бара своја изгубена надеж.
Си изгубил сè, но сè уште имаш надеж дека ќе стекнеш одново.
Едни се надеваат и стравуваат, а други стравуваат безнадежно.
Каква е врската меѓу љубовта надежта? Нераскинлива.
Се надева на малку зашто изгубил многу.
ЖИВА МИСЛА, мислечко-поетичен роман, 38




