28. Стамени чекори
Првиот е таков пред
самоти проодување,
во игра, со игра,
за игра
и во лет, со лет,
за лет на небо.
Го знам тоа, го паметам,
но знам и дека е прв,
дека не им претходи
на оние што во радост
и спокој
не се ни за напред,
ни за стоење во место,
а назад нема.
Го знам тоа, го паметам
сега, кога последниот
што ќе го направам
спроти пресилен ветер,
спроти пустелија,
спроти бестрага,
спроти смрти
и мојата единствена
мора да биде ист,
стамен;
како сите пред него
меѓу будења и здивања,
меѓу шумори, звуци,
крици и строги песни.
За да ми паметат
макар миг
како цел живот со мои
предци и потомци.