НА МОИ ГОДИНИ, Почетни песни, стихозбирка

Потребно време за читање: < 1 минута

7. Замислен

Замислен сум сè подолго
и сè подлабоко
пред сè што се случува
за да се случува нечие,
некаде сечие
постоење како непостоење
во простор и време
исполнети
со празни зборови
громовни на небо,
со неизмерни тишини
безобѕирни,
со непрегледни мрачнини
огнени.

А веќе сум немошен,
веќе ме налегнаа години,
сè повеќе
свеста ми ја обзема
бесцелноста.

А не догледувам,
а не среќавам
знаен или незнаен
што ќе ме дослуша,
па ќе ме послуша
да фати единствен пат
кој ќе го одведе
до спокој и ведрост
на личниот опстој.

Замислен сум сè подолго
и сè подлабоко
дека скоро ветар некој,
ветар нечиј
силен, нескротлив
ќе ми ги расфрла коскиве
во пустошна земја
потоната, заборавена
од сиот жив и нежив свет.

Leave the first comment