ПОЛНОТА НА ЖИВОТОТ, раскази, ескизи

Потребно време за читање: 3 минути

25. Стокмено време

Леон Зорев е најстар и од народот најпочитуван учен. Го викаат Мудрецот, а тој не знае зошто, како, поради што. Не кажува до кај стасал со формалното образование, вели „Тоа и кога требаше никому не му значеше ништо“. Ниту, пак, сега нему. Но, гордо вели дека има прочитано многу и катадневно чита, а неговиот еднособен стан е преполн со книги. Додека била жива неговата друшка, Босилка, живеел, со неа, без рожба, во двособен, а по нејзината смрт го продал и купил еднособен стан оти му е доволен. Не ни помислил дека многу брзо, за само две години на неговите книги ќе им стане премал. Во него освен книги има само уште железен кревет, масичка со две столици и орманче.

Често се среќаваме во Градскиот парк и разговараме за различни нешта. Најмалку за дневната политика. Просто ја избегнуваме, согласни сме дека е толку непредвидлива и валкана што воопшто не го заслужува нашето внимание.

Вчеравечер есенското време беше необично мирно, тивко, ведро, со топол ветрец. Како да е пролет. Баш тоа некако само по себе ни се наметна.

Леон Зорев:

-Дали се расипа времево или јас веќе не сум за него? Не можам да му се прилагодувам? Не можам да го издржувам? Да не сум станал зависник од него, метереопат? Не ќе да е ништо од тоа. Да не веќе нема мое време во него?

Човек сум во години, сум минал и паметам секакви времиња. Долги, кратки, предвидливи, часкум променливи, ненадејни, знајни, незамисливи. А ова ми е многу чудно. Како стокмено по нечија мера, потреби и цели.

Ме изненади:

-Како стокмено?! Какво е такво?!

Тој:

-Нели се согласуваме дека денес нема ништо случајно? Дека е сè однапред планирано, насочувано, местено, преместувано? Освен времето?! Просто невозможно! Тоа едно. А друго, зарем не си забележал некои нешта пред него, во него, па и по него, значи последично, кои никако не се, ниту можат да бидат природни? Не мислам на годишните времиња, тие се сè уште според редот. Можеби пократки или подолги, ама уште се чинат „нормални“.

Јас:

-Конкретно?

Леон Зорев:

-Прво небото.Ту ведро, ту облачно, ту сино, ту прошарано со тенки и бели траги, којзнае што намерно испуштено од авиони, ту на залез жолтоцрвено, ту жаровито црвено. И тоа само во еден ден. После температурата. Ту несвојствена за овој или оној дел од сезоната, ту поднослива, ту нормална, ту константна, ту променлива. А не знам што да мислам за утрата, пладнињата, квечерите, претполноќните и пополноќните часови.

Јас:

-За тоа си сосем во право. Се разбира, сето тоа и тоа како се одразува на нашето расположение и нашето здравје. Ама не сум убеден дека некој такво го стокмува. Да, човекот ја загадува, ја деградира, ја уништува природата. Со сето тоа ја менува климата, ја прави сè понеповолна, понеподнослива, но тоа е долгорочен процес, во голема мера незабележителен од неуки и неопитни луѓе.

Тој:

-Не дојдов до главното. Да не веќе нема мое време во него? Да не нема твое? Да не нема никој свое? Мислам дека тоа е најважно, клучно за личната и колективната егзистенција на светот. Тоа најмногу ме загрижува кога е збор за времето. И ова: ако има мое, твое, секој свое време во времето, без оглед на возраста и годините, тогаш зошто сè помалку заедно и одделно влијаеме врз него? Толку е неконтролирано од нас, што дури неретко паѓаме во очај.

Леон Зорев како намерно да го наметна за разговор времето знаејќи дека не бев баш подготвен. Побрзав да ставам крај:

-Добро, така е и тоа е тоа.

Тој прифати збунувачки:

-Знаеш зошто сè повеќе го промислувам времето? Зашто сè повеќе ме загрижува состојбата на земјата. Не знам дали и ти, ама јас од ден на ден сè повеќе забележувам дека се пустоши, ја запустуваме. Сè повеќе е неплодна, каменита, мртва. И сè повеќе ја покриваме со асфалт и бетон. Сè до непрепознавање. Јас мислам дека мое, твое време, сечие во времето има сè повеќе под земја одошто на земја. Не мислам како мртви. Сакам да речам дека нè брза времето и во него сè побрзо старееме.

Leave the first comment