Мистериозни откритија кои не можат да се објаснат

Колаж од мистериозни древни откритија и необјаснети феномени

Колку навистина знаеме за светот што го наследивме?

Колку и да сакаме да се чувствуваме супериорни во однос на луѓето што живееле пред нас, некаде длабоко во себе мораме да признаеме едно – тие знаеле и умееле нешта што ние, со сета оваа модерна наука и технологија, сè уште не успеваме да ги објасниме. Зад себе оставиле предмети, структури и појави кои нè тераат да застанеме, да се замислиме и да си го поставиме непријатното прашање: дали навистина сме толку напредни колку што мислиме?

Интернет-магазинот „Cracked“ објави преглед на неколку откритија кои и денес, во 2026 година, остануваат на границата меѓу науката, мистеријата и човечката имагинација. Не затоа што нема обиди да се објаснат, туку затоа што ниту еден од тие обиди не е целосно убедлив.

Војничевиот ракопис – книга што одбива да зборува

Војничевиот ракопис е една од оние работи што изгледаат како намерно да ѝ се потсмеваат на човечката љубопитност. Станува збор за древна книга, создадена најверојатно во 15 век, која со децении ги поразува сите обиди за дешифрирање. Таа е систематски поделена на поглавја, исполнета со доследен текст и детални илустрации од растенија, астрономски дијаграми и фигури што не личат на ништо познато.

Се чини дека текстот е напишан на вистински јазик, со граматичка структура и повторливи шаблони, но на јазик што никој никогаш не го видел. Не се знае ниту кој го напишал, ниту со каква цел. Радио-карбонските анализи потврдуваат дека пергаментот датира од период меѓу 1404 и 1438 година, што ја исклучува можноста за модерна измама.

Од неговото „повторно“ откритие во 1912 година, ракописот бил предмет на анализа од врвни криптографи, вклучувајќи експерти кои работеле на воени кодови за време на Втората светска војна. Никој не успеал да прочита ниту еден сигурен збор. Дел од истражувачите сметаат дека станува збор за сложена измама, други зборуваат за т.н. глосолалија – пишување инспирирано од „виша сила“, а има и такви што сериозно размислуваат за изгубено знаење од непозната култура.

Прочитај и за ... >>  Пливачките костими LZR Racer - технологија, психологија и границата на фер играта

Ракописот го добил името по трговецот со книги Wilfrid M. Voynich, кој го пронашол, а денес се чува во библиотеката на Универзитетот Јејл.

Механизмот од Антикитера – компјутер пред компјутерите

Во 1901 година, при истражување на остатоци од антички брод во близина на грчкиот остров Антикитера, е откриен предмет што подоцна ќе биде наречен најстариот познат аналоген компјутер. Станува збор за сложен механизам од бронза, стар повеќе од 2100 години, составен од прецизни запчаници какви што науката дотогаш не очекувала во античкиот свет.

Денешните истражувања, вклучувајќи 3D-скенирања и X-ray томографија, покажуваат дека механизмот бил способен да ги пресметува движењата на Сонцето, Месечината и планетите, па дури и да предвидува затемнувања. Таква технолошка софистицираност повторно се појавува дури илјада години подоцна.

Иако инструкциите се на старогрчки, научниците сè уште дебатираат дали бил изработен во Грција или во некој хеленистички центар како Сицилија. Во секој случај, механизмот од Антикитера целосно ја менува нашата претстава за технолошките капацитети на античкиот човек.

Цевките од Баигонг – индустрија од каменото доба?

Во ненаселено подрачје на Кина, во близина на планината Баигонг и солено езеро, се наоѓаат стотици железни цевки, делумно закопани во земјата, дел во самото езеро. Некои од нив се со дијаметар и до 40 сантиметри и изгледаат како намерно поставени.

Анализите покажуваат дека цевките се стари неколку илјади години, а нивната состојба – без сериозни пукнатини – е збунувачка. Археолозите не можат со сигурност да утврдат која била нивната намена. Теориите одат од древен систем за вода, до астрономска опсерваторија, па сè до популарните, но недокажани идеи за вонземјанска активност.

Прочитај и за ... >>  Пациент и чудовиште

Камените кугли од Костарика – совршенство без објаснување

Во Костарика и околните региони се пронајдени стотици камени кугли со речиси совршена сферична форма. Некои се мали колку топка, други достигнуваат дијаметар од 2,5 метри и тежат неколку тони. Изработени се со неверојатна прецизност, без јасни траги од алат.

Иако денес се смета дека потекнуваат од претколумбиски култури, нивната точна намена останува непозната. Дали биле симболи на моќ, астрономски маркери или нешто сосема трето – никој не знае со сигурност.

Багдадските батерии – струја пред струјата

Таканаречените Багдадски батерии се серија глинени садови пронајдени во Месопотамија, кои датираат од неколку векови пред нашата ера. Во нив се откриени бакарни цилиндри и траги од корозија, што укажува на можно создавање електричен напон со помош на кисела течност.

Ако оваа теорија е точна, тогаш човештвото користело примитивна електрична енергија илјадници години пред официјалното „откритие“ на струјата. За што служеле – за позлата, медицински цели или нешто друго – останува отворено прашање.

Bloop – звукот што дојде од бездната

Во летото 1997 година, научници од NOAA регистрирале екстремно силен и необичен звук во Тихиот океан. Толку силен што бил снимен од сензори оддалечени илјадници километри. Наречен „Bloop“, звукот по карактеристики наликувал на нешто живо, но со димензии поголеми од синиот кит.

Подоцнежни анализи сугерираат дека најверојатно станува збор за звук од пукање на масивни ледени формации, но мистеријата никогаш не беше целосно затворена. Звукот никогаш повеќе не се повтори.

Секако, љубителите на мистерии ќе ти кажат дека тоа е гласот на древното подморско суштество Cthulhu, замислено од H. P. Lovecraft – затоа што, признаваме, светот е поинтересен кога не е целосно објаснет.

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.