Мигновени животи

Потребно време за читање: 3 минути

Дури пред самоти исчезнување откри во себе ретка, можеби единствена дарба на светот: да живее и одживува мигновени животи на сè живо што случајно или намерно го здогледува, всушност го среќава на својот пат. Таа дарба колку што го радува, толку го оспособи да ја изедначи од една страна со целосна слобода на духот и телото, а од друга да ги создава и надградува различните светови во единствен. Истовремено да ја восприма природата со својот причинско-последичен опстанок. Медѓутоа, таа во не мала мера, некогаш дури многу го растажува докажуваји си на себеси дека сечиј живот од раѓање до смрт е мигновен. Што значи и неговиот. Одвреме-навреме само по себе му се наметнуваше прашањето зошто дури сега, пред самоти исчезнување ја откри таа своја дарба. Зошто не многу порано, на пример додека се извишуваше со своите дела и дејствија? Не се ни обидува да си одговори. Едноставно, смета дека тоа прашање не заслужува никаков одговор.

Прво се изненади, дури се вџаси кога откри, поточно сфати дека живееше и го оджиеа мигновениот живот на пчела. Се преобразил во пчела?! Не, туку само мигновено го живееше и го одживеа нејзиниот шестнеделен живот. Бидејќи доста знае за пчелите, но не е сигурен дали некогаш бил пчелар, заклучи дека станува збор за пчела работничка, а годишното доба пред неговото исчезнување беше пролет, лето или есен. Имено, тој добро знае дека зиме таа жиее четири до пет месеци, матицата живее од три до пет години, а трутот умира наскоро по парењето, околу четири месеци. Откако ќе избоде човек со своето осило, пчелата работничка веднаш умира затоа што тоа останува заглавено во неговата кожа; таа се обидува да одлета, па го остава тој нејзин орган…

Се вознемири од човек при полетувањето од кошницата, па го избоде? Да.

Потоа меѓу една и друга сенка на неговиот пат во беспатје, му беше најсоодветно исчезнувањето да го изедначува со беспатје, живееше и одживеа мигновен живот на волк самотник. Да, во слобода која му ја овозможува токму самотата, но и во заедница со затврдена хиерархиска структура која наметнува соодветно однесување и е предуслов за меѓусебно разбирање. Што е, пак, поврзано со прриврзаноста и лојалноста.

Мигум завиваше како волк, како да е пред мистичен и заумен свет.

Колку траеше неговото мигновено живеење и одживување како волк самотник? Доволно долго за да преиспита: колку е слободен и независен, дали е сè уште подготвен да се соочува со суров стварен свет, притоа во извесна мера потпирајќи се на инстинктот за опстанок, како и дали е доволно мудар и опитен за совреме да ја наоѓа вистината.    

Од другите многубројни негови мигновени животи, тој сам радо го издвојува оној на столетен даб. Како цврст, храбар, истраени и со извор во неговото подножје. Разбирливо, истовремено мигум се доживеа себеси како свето дрво што му припаѓа на врховниот бог-громовникот Перун. Веројатно и затоа што ја има солидно проучено неговата докажана поврзаност со неброените удари на громови. Во неговиот живот огнови на љубовта, постојаноста, животворноста , а пред сите други огновите на неговите извишувања.

Посакува ли во мигов да живее и одживее мигновено на нешто живо, кое случајно или намерно го здогледува, всушност го среќава на својот пат, пред своето исчезнување? Да!  Посакува да живее и одживее мигновен живот на желка. Најмногу поради сетилата со кои таа се ориентира во средината: во мрак гледа подобро од луѓето, подобро од луѓето ги разликува боите односно брановните должини на светлината, има извонредно развиено сетило за мирис, слушање звуци низ воздухот односно длабоки вибрации што се пренесуваат низ земјата или водата. За него од голема важност е и нејзината ориентација според магнетното поле кон север и југ и создавањето магнетна мапа која ѝ помага да се ориентира кон сите четири страни на светот.

Наспроти очекувањето на оние негови блиски и далечни, кои не само што знаат за дарбата да живее и одживува мигновени животи на сè живо што случајно или намерно го здогледува, всушност го среќава на својот пат, неговото посакување да живее и одживее мигновен живот на желка е најмалку предизвикано, поточно поттикнато од нејзиниот долг живот-подолг од сто, а еден нејзин вид и над двесте години. Зошто? Само затоа што никогаш не ни размислувал, камо ли да посакувал да живее долго. Особено не без своја трага во за него минатото свршено време, еднакво во неговово и во неизвесно идно.

Самиот тој често нагласува дека мигновените животи му помагаат да ја развива самосвеста, да се осознава себеси и умно, трпеливо и доблесно да ги надминува собитијата што веќе ги надминал, оние што не престануваат да му се испречуваат и опстаночните проблеми. Со гордост повторува дека е секогаш подготвен да се соочува со премрежињата кои може да ги предвиди или насети.   

ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ, роман, 34