МЕНЛИВИ И НЕМИНЛИВИ ДРЕБНАВОСТИ, раскази/ескизи

Потребно време за читање: 2 минути

22. Исполнителни

Знајни се од сите како мошне успешни и влијателни зашто се секогаш опкружени со исполнителни луѓе. Помеѓу нив најбројни средовечни, па млади, а само неколцина при крајот на работниот век.  Значи кои доследно, одговорно и докрај ги извршуваат своите обврски.

Сите внимание најмногу им укажуваат на две неспорни творечки личности-Јован Крајчески и Ивана Борјанова. Крајчески е светски познат скулптор, на свои шеесет и осум години, автор на голем број монументални скулптури изложени на отворено, под ведро небо во многу светски метрополи, а Борјанова е сопственик на мала компанија за компјутерско програмирање, во областа на аутсорсингот.

Јован Крајчевски има тројца постојани и од петмина до оссумина повремени исполнителни соработници. Првите заедно со него ги изработуваат скулптурите од скица до завршно обликување и поставување на основа, во последно време најмногу мраморни и месингани, а вторите ги ангажира при поставување на постојано место, во соодветен амбиент, или при отворање изложба. Сите меѓусебе се познаваат добро, па исполнителноста им е целосна, навремена, ефикасна и беспоговорна.

Ивана Борјанова, пак, има вработено дванаесетмина програмери. Од нив тројца се средовечни. Сите се исполнителни беспрекорно, и таа заедно со нив. Голем дел од работното време го споделуваат меѓусебно, а неретко и од слободното. Тоа е разбирливо со оглед на природата на работата, но и поради непосредната поврзаност на идеите, решенијата, особено при реализацијата на проектите.

За некои е очекувана, а за многумина изненадна заедничката работа, на Крајчевски, Борјанова и нивните исполнители, на проектот „Уметничка инсталација за простор кој е и голем и мал, а е нераскинливо соодносен со животноста на мраморни и месингани луѓе во минатото со вградена сегашност“.

Станува збор за плоштад кој ту се зголемува ту се смалува во постојан и неменлив ритам, со осум грамадни фигури на безлични мажи, жени и деца кои се движат следејќи ја сончевината, а чии сенки ту се издолжуваат ту прават голем круг околу песочен часовник. Од внатрешноста на мала бездна крај обелиск, испишан со писмо на мртов јазик, се слуша посмртна музика.

Проектот треба да биде поставен за два месеца на брегот на Бујна река.

(Автор на инсталацијата: Филип Бисли, Белгија)

Leave the first comment