МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Потребно време за читање: 4 минути

48.

Му го најдов, поточно му го открив вечното почивалиште на филозофот Павле од Огнен, пријател или само познајник на Ангел од Михаил (не ми кажа што; мислам и едното и другото). Воопшто не беше тешко тоа. Ми го задржа вниманието изделканото на надгробната плоча: Павле од Огнен, филозоф. Ниту ден, месец и година на раѓање, ниту ден, месец и година на негов последен издив! Под неговото име не баш успешно изделкани контури на буф, со мошне големи очи.

Ангел од Михаил ми нагласи дека починал ненадејно од сè уште незнајната сотирачка болест која во последниве година-две пустоши низ живиот свет, а проживеал педесет и шест години. Кога го здогледав крај гробот, му реков со извинување и жалење дека не го познавам лично и признавајќи му дека не сум прочитал, ниту сум проучил ниедно негово дело. Го прашав:

-Според што Ве знаат и ќе Ве паметат како филозоф?

Павле од Огнен:

-Бев професор на Филозофскиот факултет. Предавав филозофија, а мој особен интерес беше и е античката. Не знам дали знаете нешто за неа, колку знаете…Не напишав ниедно дело. Објавив во странски стручни списанија неколку есеи за модерната филозофска мисла…Вие сте ми познат, но не можам да се сетам од каде и според што.

Јас:

-Јас сум Ристо од Петар, сликар. Ме сметаат за апстрактен, иако лично апстрактната уметност не ја прифаќам како таква. Најмногу ми е прифатливо кога ме нарекуваат сликар на апстрактната конкретност.

Павле од Огнен:

-Да, Ве познавам…Еден од највидните во Страдец…Сум видел некои Ваши слики, а и поседував една во работната соба на мојот стан. Не знам што се случи со неа откако починав, како со сè друго. Но…Колку што знам, Вие сте уште жив!

Го очекував неговото ненадејно свестување дека сме различни, но не бев расположен за продлабочено објаснување:

-Другпат ќе Ви раскажам. Засега нека е доволно дека сум жив или мртов сеедно, односно мртов и мртов како жив меѓу молк и тишина или меѓу паметење и заборав. Туку…Вие сте умреле мошне млад. Не се ништо педесет и шест години. Да, сотирачката болест која пустоши низ живиот свет во последниве година-две…

Павле од Огнен:

-Сотирачката болест не избира, не води грижа за годините. Како чума е…Трујачка…Не е случајна…

Јас:

-Тоа е несомнено…Ви признав дека не знам многу, всушност ништо не знам за филозофијата воопшто. За античката имам нешто прочитано, ама…Кога е збор за неа, мене најпрвин ми се наметнува прашањето за корисноста од неа денес.

Павле од Огнен како да живна. Како да беше погоден во сржта на неговото постоење како мртов:

-Тоа не е прашање само за денес. Се поставува од самите нејзини почетоци. Можам надолж и нашир да одговарам, но не сум баш сигурен дека ќе Ви биде интересно и дали имате доволно време.

Јас го окуражив:

-Имам  доволно. Ве молам…Ве слушам внимателно.

Седнавме на клупата покрај неговиот гроб.

Павле од Огнен:

-Суштествено е дека благодарение на неа учиме да мислиме и да бидеме критични како спрема самите себе, така спрема други. Но, пред сè станува збор за љубов спрема мудроста.

Не знам дали ви е познато дека поимот „филозофија“ му се припишува на Питагора. Некој му рекол дека е мудрец, а тој одговорил: „Не, јас не сум мудрец, не сум софос, јас сум фило-софос, оној што ја сака мујдроста“.

Филозофијата нè учи да го почитуваме животот до неговиот последен издив, во сите негови пројави и опстојувања, а едновремено и да вреднуваме секој негов сегмент. Со еден збор, таа најнапред негува љубов спрема спознавањето. Нè учи да сакаме да знаеме зошто е животот, што е неговата смисла, кои се неговите цели. Многу е важно дека токму филозофијата нуди перпектива и ги доведува нештата во врска. Таа го оспособува човекот да ги гледа и согледува нештата од сите страни, токму благодарение на нејзиниот опфат на науката, уметноста, мистиката, социологијата, етиката. Токму таа целовитост ни овозможува да го разбираме животот осознавајќи ја комплементарноста на неговите содржини. Едновремено го определува нашето место во природата како свесни битија. Во тој контекст според мене е многу важно дека филозофијата го учи човекот како да владее со себе за да не го владеат. Со други зборови, таа поттикнува на самостојно мислење, овозможува развој на сопствени критериуми и нивна примена во личниот живот; пред сè способност за разликување и раздвојување на битното од небитното, вредното од безвредното. Не знам дали Ви е познато дека на влезот на храмот во Делфи, во Грција, пишувало: „Запознај се самиот себе и ќе го запознаеш универзумот“.

Има и многу други придобивки од филозофијата: интегрирање на нови идеи, значи да се биде пред своето време; не само да се запознаеме себеси, туку и да завладееме со себе, да се контролираме, да го хармонизираме нашето однесување со различните природи во нас; осознавајќи го светот во кој живееме и умираме, ние ја истакнуваме потребата од негово облагородување, богатење со добрина и постојано да го надградуваме; ни овозможува да стекнеме внатрешен мир и самодоверба. Мислам дека не треба многу да кажувам за остварувањето соживот со кој им се спротивставуваме на егоизмот, фанатизмот, злото, злосторството, непријателството. Поврзувајќи го минатото со утрешнината, филозофијата ја истакнува едноста, универзалноста на човечкото искуство, а притоа нагласувајќи ги важните елементи од паметењето на човештвото…Извинете, се расприкажав…Малку се занесов…

Јас, Ристо од Петар:

-Нема зошто да се извинувате, напротив…А од каде и зошто посебниот интерес за античката филозофија?

Павле од Огнен како да очекуваше да го прашам баш тоа:

-Античките филозофи први ги поставија „вечните прашања“ што произлегуваат од егзистенцијата на човечката цивилизација: раѓањето, смртта, слободата, судбината на човекот, убавината, мудроста, пријателството, љубовта, среќата, достоинството…

Сосем накусо:

Се изделуваат четири периоди на нејзин развој: космолошки-посветеност на светот, неговото постоење и опстојување; антрополошки-човекот е во центарот на вниманието на филозофите; систематски-оформување на големи системи како Платоновиот и Аристотеловиот; и хеленистичко-римски период-доминација на римски филозофи.

Од каде мој посебен интерес за античката филозофија? Најпрвин со оглед на нејзината поврзаност со Античка Македонија…

Ме изненади. Го допрашав:

-И Вие како јас сметате дека за развојот на човечката цивилизација воопшто клучна е македонската древност?

Павле од Огнен:

-Тоа е лесно докажливо. Само треба човек да ги надмине предрасудите, ароганцијата, лицемерието, да ги признае сопствените незнаења, заблуди и лаги, да почне своето знаење да го темели исклучиво на артефакти, видливи и несомнени траги, факти и аргументи, па сам ќе дојде до тоа сознание. Но, добро…Доста од мене…Ако не се лажам, Вие вечер отворате изложба во галеријата „Лично и единствено“?

Потврдив:

-Да. Ќе дојдете?

Павле од Огнен:

-Ќе бидам присутен…Станува збор за невидливи слики, нели?

Јас, Ристо од Петар, малку збунет од неговата информираност:

-Да…Моја нова сликарска фаза.

Тој:

-Мислам дека знам…претпоставувам за какви слики станува збор…Ви ја разбирам идејата, целта…Мошне интересно, мошне интересно…Секоја слика е невидлива, а станува видлива благодарение на човечките сетила…

Му влегов во зборот:

-Со допир…А нивната внатрешна енергија, која е и видлива и невидлива, просто блика од непорочна љубов меѓу молк и тишина или паметење и заборав, од живот до смрт, во смрт како живот.

Павле од Огнен стана. Се поздравивме. Со насмевка на усните повтори „Интересно, мошне интересно…Секако ќе дојдам!“ и влезе во својот гроб.

Leave the first comment