МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Потребно време за читање: 3 минути

11.

Меѓу молкот и тишината, како и меѓу животот и смртта, како и меѓу стварниот и заумниот свет, стои љубовта заедно со паметењето или со заборавот. Ова можам јас, Ристо од Петар, да го потврдам и како жив и како мртов не само со мои доживелици односно преживеалици, туку и со на многумина други во блиски и далечни гробови.

Мојата долгогодишна љубов со мојата животна сопатничка, Јасна од Спасе, која сè уште живее сама, е неугаслива. Сосе минатото, сегашноста, а секако и сосе иднината. Веќе имам кажано, поточно поткажано дека е без наша рожба, но со дела во кои се вградивме заедно, секој со свој неминовен дел; јас како сликар, таа како вајар. Некои мои пријатели и познајници мртви, а и некои блиски живи кои не ме забораваат благодарение на тоа што имаат некое мое, поточно наше дело, можам да го наречам сликарско-вајарско, знаат дека токму тие се содржината на мојата смрт што живее и на нејзиниот живот што умира.

Љубовта заедно со паметењето или со заборавот меѓу молкот и тишината, како и меѓу животот и смртта, како и меѓу стварниот и заумниот свет, јас и Јасна од Спасе сме ја искажувале во спокојство над немир и возбуда, без оглед на промените на времето и годините. И можам да раскажам како нив успеваме да ги одржиме, во ниеден момент да не изгубат од силата што нè одржува заедно. Нагласувам дека искрено ме радува што и нејзината болка предизвикана од мојата смрт дури по цели девет години не само што ја поднесува полесно, туку лека-полека и ја надминува. Ме спокои дека скоро ќе сретне некого со кого ќе почне нов живот. Несомнено, таа мора да продолжи со мојава смрт како живот со неа и во неа. Ако нешто би спречило тоа да се случи, тоа би значело негација на нашата љубов. Значи или не била единствена, следствено непорочна, или во меѓувреме почнала да се ослободува од нас, едновремено да исчезнува; односно, како што би рекол поетот, да се преселува во бесконечноста. Меѓутоа, тоа би значело и дека нејзе нема да ѝ дојде време за живот во смрт, погребана ни во мојов ни во гроб на некој друг.

Да раскажам:

Мене и на Јасна од Спасе воопшто не ни пречеше, воопшто не нè оптоваруваше тоа што љубовта ни беше без наша рожба. Напротив, сега мислам, исто мисли и таа, дека тоа од една страна правеше да се чувствуваме слободни, но од друга ни дозволуваше да се изразуваме самостојни. Да, мислам на нашите творештва. Имено, во нејзините вајарски дела јас ја олткривав силата на автентичноста, а таа во моите сликарски стремежот да ја совладувам безграничноста. Се разбира, слободата и самостојноста некако природно им ги наметнувавме на блиските и пријателите. Тие, пак, спрема нив се однесуваа со особена чест, па и восхит. Поради сето тоа цврсто сум убеден, мислам и таа, дека нашата љубов не можеше и не може ништо да ја загрози, камо ли да ја разниша.

Откривам една за мене и за Јасна од Спасе суштествена содржина на нашата љубов, која ќе остане бележита и неповторлива во живот и во смрт: необуздана страст и секс до изнемоштеност. Не можам со зборови да ги опишам, но откривам едно мое платно пред кое и жив и мртов забележувам дека никој не е рамнодушен. Станува збор за слика во посед на Јасна што ја нареков „Вулкан“. Насликан е богот Вулкан со оган наместо лице, а божицата Венера е гола магма крај него во пенлив морски бран. И сега не знам, никако не можам да сфатам зошто во десниот долен агол, далеку од нив го насликав богот Марс во невидлива мрежа. Мислев на кажувањето на Хомер за нејзината изневера со него? Не верувам. Можеби замислата или поточно очекувањето што и мртов ме спокои-дека скоро ќе сретне некого со кого ќе почне нов живот, над немир и возбуда, без оглед на промените на времето и годините.

Морам да нагласам дека мојот брак со Магда од Насто, која ме напушти, просто исчезна едно утро оставајќи ми го Јане на две години, не беше во љубов заедно со паметење или со заборав. Особено не достојна да стои меѓу молкот и тишината, како и меѓу животот и смртта, како и меѓу стварниот и заумниот свет. За мојата таена љубов, пак, веќе раскажав.

Leave the first comment