МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Потребно време за читање: 2 минути

10.

Размислувам за нешто што на живите како сѐ уште да не им е прифатливо. Во исто време забележувам дека во последно време го прифаќаат, но не баш радо: смртта на видни, заслужни, големи личности и творци е „нешто друго“, различно од на обичните луѓе, оние што го одживеале својот живот незабележливо, кои со ништо и според ништо не се издвоиле од „просечноста“. Јас како за едни одамна, а за некои ближни сѐ уште од неодамна мртов, не се обидувам никого ниту од светот на мртвите, ниту од на живите да убедувам или да разубедувам дека кога е збор за смртта нема никаква разлика; таа само потврдува дека завршил животот. Ништо друго. Таа некогаш, а можам да речам во последно време, како што е случај со мене, сѐ почесто и значи и не значи премин од светот на живите во светот на мртвите. Сакам да речам дека не ги разграничува строго зашто мртвиот продолжува да живее и како жив. Да, најчесто меѓу молкот и тишината на двата света.

Ќе се земам себеси за пример, иако ми е малку непријатно и можеби не баш соодветно.

Како што е познато, јас сум сликар кој создал многу дела, ни самиот не знам колку на број, а додека бев жив важев за еден од позначајните и повидни уметници. Не е нескромно, туку е потврда на самосвесност кога некогаш истакнувам дека оставив своја трага, свој печат во модерното сликарство и извршив прилично големо влијание врз творештвото на многумина мои современици. Кога разбрав дека ми почна претсмртниот час, оставив завештание: во „вечното почивалиште“ да ме „преселат“ само моите најближни И тоа-преселувањето да не се обзнани колку може подолго време. Притоа со нагласување: моето „вечно почивалиште“ да биде мојот односно семејниот гроб, а не некој нов во Алејата на великаните. Благодарен сум им што тоа го исполнија.

Досега не сум ја спомнал Алејата на великаните? Многу се извинувам. Ветувам дека многу скоро ќе раскажувам детално за неа.

Да се вратам на смртта на видните, заслужните, големите личности и творци, и на „обичните луѓе“, оние од „просечноста“. Реков дека смртта не е ништо друго, освен потврда дека завршил животот. Сега ќе дополнам: смртта е истовремено потврда дека на некои, кои се во последно време сѐ повеќе на број, им продолжил животот во неа. Како? Зошто? Многу едноставно: тие продолжиле да живеат затоа што живееле. Треба да образложувам детално? Мислам не.

Ќе завршам со следнава моја домисла:

Жив или мртов, човек кој живеел не умира, туку умира продолжувајќи да живее со своето творештво во светот на мртвите и живите, меѓу нивниот молк и нивната тишина.

Leave the first comment