Мајмунското потекло на човекот

Потребно време за читање: 3 минути

Опколиле мајмуни од сите видови човек, со нескриена намера да му докажат дека неговото мајмунско потекло во најмала рака е сомнително. Напротив, нивниот заеднички став бил дека не само што е тоа спорно, туку и не го заслужува по ниеден основ. Имено, некои од нив, авторитетни историчари на развојот на човечката цивилизација од памтивек до денес, аналитичари и критичари на човечкиот развој, особено на улогата на човечкиот мозок, истакнувале според нив еден клучен аргумент: нема пример на преобразба на мајмун во човек, а се неброени примерите на обратен процес-од човек во мајмун. Во тој контекст најчесто го приведуваат човекот како политичко суштество.

Му се обратил еден од помладите мајмуни, во средните зрели години, облечен по последна мода:

-Господине човек, мислам дека е крајно време да сфатите и прифатите дека Вие и целата човечка раса никогаш не сте биле, ниту можете да бидете мајмуни. Не како што сме ние. Со други зборови, не постои никаков артефакт, трага или каков-годе знак, ниту ќе се открие допрва дека потеклото на човекот е мајмунско. Тоа што сте научиле да се правите мајмуни во секакви ситуации, поготово во политиката, притоа тврдејќи парадоксално дека човекот отсекогаш бил и е политичко животно најблиско до мајмунот, воопшто не ве прави ни близок до нас, мајмуните.

Опколениот човек од мајмуни му се свртел и му одговорил отсечно:

-Не можам да разберам, млад мајмуне, што ти текна да се фатиш со мене за темата потекло на човекот. Но добро, ја прифаќам за расправава во надеж дека конечно ќе ги расчистиме сите прашања, дилеми, трилеми и полилеми во врска со директната и индиректната врска меѓу човекот и мајмунот, односно меѓу мене и вас, мајмуните.

Ај одговори ми на следново прашање:

Зарем не ти е противречна ситуацијава во која сум, односно ме ставивте вие без да ме прашате дали се согласувам; имено, да бидам опколен од вас, претставници на сите видови мајмуни на светот? Чуму тоа, ако затоа што сум ви близок, па како таков ви требам, со тоа изразувате асимилаторски аспирации, односно и јас како претставник на човечкиот род да бидам дел од вас, конкретно да станам мајмун?

Прочитај и за ... >>  Мајмуни во кафез

Младиот мајмун не си дозволил да се збуни:

-Како прво, искажувате основна човечка некултура со тоа што јас Ви се обраќам со Вие, а Вие ми се обраќате со ти. Што е сосема спротивно од мајмунската култура.

Како второ, што оставате вие, човеците, вашата божемна човечка цивилизација, зад секакво ваше дејание, активност, работа, создавање? Свртете се зад себе и наоколу, па ќе видите какво сè не ѓубре има зад Вас лично. Такво нешто нема, ниту може да се случи ни како исклучок ни инцидентно во мајмунскиот свет. Ај тоа, не ни знаете да живеете чисто, уредно, квалитетно. Туку…

Младиот мајмун зел здив па продолжил:

Што е со вашата политика? Убедени сте дека е таа типично мајмунска? Јас ќе Ви одговорам: вашите мајмунлаци во дневната, среднорочната и долгорочната политика немаат никаква врска со нашата мајмунска. Затоа што најпрвин сите сме еднакви во слободите, правата и одговорностите, без оглед што имаме разлики како мајмунски раси. Сетне, нашата политика се темели пред сè на суштествените животни потреби како на единката и во апсолутно подеднаква мера на заедницата. А најсетне, таа никогаш не ни е насочена против, туку секогаш за, и тоа во најголема мера за сестран напредок на нашата-мајмунската цивилизација. Да не ја спомнувам, а ќе ја спомнам човечката агресија со која нè одбивате, просто постојано нè држите на дистанца нас, а богами и сите други животински видови.

Останатите мајмуни со мајмунски гестови, палавости, ведри насмевки и понекое ракоплескање изразија целосно одобрување на искажаното од младиот мајмун.

Прочитај и за ... >>  Говеда и магариња

Човекот, пак, се замислил некое време, па решил расправата да ја сведе на една веќе начната тема-човечката и мајмунската политика. Го смислил овој непореклив став:

-Очигледни се твоите политички амбиции, млад мајмуне. Мене тие не ми значат ништо. Дури сум спремен да ти ги поддржам како било. Меѓутоа, според мене е недозволиво човечките мајмунлаци во политиката да ги третираш како различни од мајмунските. Не велам дека тие го докажуваат мајумнското потекло, тоа е неприфатлива симплификација, но имај на ум дека човекот како политичко животно не е животно, туку свесен политички ориентиран или попросто речено бојосан човек. Ни случајно политикантско. Во тој контекст човечките мајмунлаци според ништо не се раликуваат од мајмунските. Па ледствено, во некоја напредна демократска фаза стануваат идентични. Што, пак, сугерира дека дамнешното, не скорашното потекло на човекот од мајмун е можно, би рекол веројатно.

Имај ги на ум и веќе откриените коски и черепот на човеколикиот мајмун. Јас сум речиси сигурен дека многу скоро ќе бидат откриени и коски и череп на мајмунолик човек и тогаш нашето заедничко потекло ќе биде докажано за сите времиња. Да, за тоа досега не постојат артефакти, некакви траги, знаци или други несоборливи аргументи и факти, но заради заедничката иднина мислам дека и луѓето и мајмуните треба трпеливо, интензивно и напорно да работат заеднички на тој план.

Конечно, што се однесува на твоите политички амбиции јас само едно ќе ти доречам:

Не велам оти не се може без мајмунлаци во политиката. Меѓутоа, на крајот на краиштата тие треба да  ги престориш, сочуваш и применуваш колку можеш повеќе човечки. Пред сè за да ти трае што подолго политичката кариера.                      

БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 61