Народната приказна „Царската ќерка и еќимот“ тргнува од едно едноставно, но длабоко сознание: човекот понекогаш не страда од болест на телото, туку од мисла што не му дава мир. Царската ќерка слабее, гасне и не наоѓа лек, иако околу неа се најдобрите царски еќими. Тие го лекуваат телото, а вистинската причина останува недопрена – она што ја мачи однатре.
Токму тука се појавува стариот, заборавен еќим. Неговата мудрост не е во посебни билки или во тајно знаење, туку во способноста да разбере што навистина ја разболува девојката. Наместо лек, тој ѝ дава прстен со една реченица: „Сѐ што било – поминало, и сѐ што ќе биде – ќе помине“. Во неа е собрана целата поука на приказната. Она што нè повредило припаѓа на минатото, а она од што се плашиме сè уште не се случило. И едното и другото, колку и да ни изгледаат големи, не се вечни.
Прстенот затоа не е магичен предмет. Тој е потсетник. Секогаш кога лошата мисла ќе се врати, царската ќерка треба повторно да ја прочита реченицата и да размисли за неа. Оздравувањето започнува кога таа го менува начинот на кој ја гледа сопствената мака. Народната мудрост овде многу рано ја препознава врската меѓу мислата и телото: грижата може да го исцрпи човекот, а спокојството да му ја врати силата.
Особено значаен е ликот на стариот еќим. Светот го заборавил поради неговата старост, но токму човекот кого сите го оставиле настрана го наоѓа вистинскиот лек. Приказната така тивко предупредува дека знаењето не секогаш се наоѓа кај најгласните, најпознатите или најмоќните. Понекогаш највредното искуство го носи оној што другите веќе престанале да го забележуваат.
„Лоша мисла – цела болест“ затоа не е само приказна за една царска ќерка. Таа зборува за една човечка слабост што не старее – навиката да остануваме заробени во она што поминало или да се плашиме од она што допрва доаѓа. А лекот што го нуди приказната е едноставен и тежок во исто време: да се сетиме дека ништо не трае засекогаш и дека понекогаш промената на мислата е првиот чекор кон оздравувањето.
Лоша мисла — цела болест
Царската ќерка и еќимот
Eдна царска ќерка боледувала од некоја мисла што имала. Сите царски еќими ја фатиле да ја лекуваат и никој лек не беше нашол. Од ден на ден сѐ полошо се чинела и на лице гинела.
Чул еден стар еќим, што бил заборавен од светот поради староста што ја имал, никој не беше го викал.
— Ја чекај — рекол сам со себе — да појдам кај царската ќерка, да ја видам што болест има и да ја оздравам.
Пошол и се претставил пред царската ќерка. Откога ја испрашал заради болеста од секаде што е и што ја боли, го нашол лекот.
— Мнозина еќими — ѝ рекол стариот еќим — те лекувале и билки ти давале и пак не те оздравеле, ќерко. Јас без билки ќе те оздравам, да ме паметиш и да велиш Бог да го прости стариот еќим што ме оздраве без билка.
— Оф, бре дедо — му рекла нажалено царската ќерка — ако можиш да ме оздравиш, јас ќе му речам на татка тебе да те стави прв еќим на престолнината и голем бакшиш ќе ти дадам.
Откако чул еќимот тие зборови, отишол при куменџијата и направил еден позлатен прстен со плочка одозгора. На плочката беше пишал вака: „Сѐ што било — поминало, и сѐ што ќе биде — ќе помине“.
Ѝ го донесол еќимо прстенот и ѝ го ставил на прстот.
— Еве ти го лекот, царска девојко — и рекол еќимот — секој саат и секој ден, кога ќе ти дојди лошата мисла што ти го мачи срцето, ќе го читап напишаното и ќе го поразмислиш тоа што ќе го прочиташ. Така ако го читаш и размислиш, до четириесет дни ќе оздравиш, бездруго те уверувам и со глава моја ти гарантирам: ако не оздравиш, да ми ја пресечите.
За вистина, царската ќерка беше оздравела, побргу од четириесетте дни, од болеста што ја имала во мислата. Таа оздравела и еќимот на голема чест беа го ставиле.
Запишал Марко Цепенков










