fbpx Прескокни до главната содржина Opens in a new tab

Крсте Петков Мисирков и темелите на македонскиот литературен јазик

Крсте Петков Мисирков и македонскиот литературен јазик

Кога зборуваме за историскиот развој на македонскиот литературен јазик, едно од централните места му припаѓа на Крсте Петков Мисирков и на неговото дело „За македонцките работи“.

Во оваа целина од Аудио книга 4 од серијалот „Јазикот е мојата татковина“, вниманието е насочено кон Мисирковите ставови за основата на литературниот јазик, правописот, лексиката и улогата на централните македонски говори.

Особено место имаат изводите од статијата „Неколку зборои за македонцкијот литературен јазик“, во кои јазикот се определува како духовно богатство и наследство на народот, но и како задача што треба свесно да се развива, уредува и збогатува.

Оригиналниот текст од „Јазикот е мојата татковина“ – Аудио книга 4 го пренесуваме дословно, со задржување на историската јазична форма во цитатите од Мисирков.

Крсте Петков Мисирков

Продолжуваме со разглед на историскиот развиток на македонскиот литературен јазик:

Крсте Петков Мисирков

Авторот на првата книга за современиот македонски литературен јазик и правопис „За македонцките работи“ е едновремено и најкомплетниот македонски славист, фолклорист, основоположник на македонската национална историска наука, етнограф (составувач на првата македонска етнографска статистика во која Македонците се внесени со своето национално име), идеолог на македонскиот национален развиток, публицист, револуционер.

Најзначајното негово дело – „За македонцките работи“ напишано на „централното македонцко наречје, које за мене от сега на тамо имат да бидит литературен македонцки јазик“, како што напиша во својот „Предгоор“, односно главно прилепско-битолскиот говор.

Во ова знаменито Мисирково дело се поместени прилозите: „Шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред?“, „Имат ли се нужда од македонцки национални научно-литературни другарства?“, „Националнијот сепаратизам: земјишчето на које се имат развијено и ќе се развијат за однапред“, „Состауала, состауат и можит ли Македонија да состаит от себе одделна етнографцка и политична јединица?“, и „Неколку зборои за македонцкијот литературен јазик“.

Од нив, за нашиов разглед е особено значајна последната статија – „Неколку зборои за македонцкијот литературен јазик“.

Прочитај и за ... >>  Јазик, говор и писмо: кога македонскиот јазик е „во акција“

Неколку изводи од неа:

„Јазикот јет стредство, со кое није познааме, шчо мислит, шчо осеќат и шчо сакат нашијот собеседник. Во јазикот се имаат одделни гласовни знакои или зборои за сите мисли, осеќајња и сакајња на једен чоек, за тоа јазикот на једен народ јет негоо духовно богатство и наследство, во које се закључуваат, отпечатени во гласовни знакои или зборои, сите народни мисли, осеќајња и сакајња, со који имат живено и живит једен народ и који се предаваат, као нешчо свето от једно поколејње на друго…

…Благодарејње на приликите сега није си избираме за обшч литературен јазик, централното македонцко, т.е. Велешко-Прилепцко-Битољцко-Охридцкото наречие.

…Како шчо во једна држаа се имат држаен центр, кој шчо нај арно јет да се наоѓат во стредината на држаата и кон кој шчо се собираат сите конци од државнијот жиот, исто така и во јазиковните или области от сродни наречија требит да се имат једен центр, кој шчо по значејњето негоо требит да се односуват кон периферијцките наречија и гоори, као шчо се односуват центрат и столицата на држаата кон крајните окрузи и околији. Около централното наречие требит да се групираат сите наши научни и литературни сили, за да го очистат и обогатат со сокроишча од друзите македонцки наречија и да создадат од него једен убав литературен јазик.

…Није сега со брзина ке требит да разработиме нашијот литературен јазик, да устаноиме праопис и да создадиме једна наша литература, која ке одгоарат на сите наши нужди.“

Од приведените изводи е јасна главната заложба на Крсте Петков Мисирков: за основа на македонскиот литературен јазик да се земат централните говори.

Другите негови ставови, и во статијата „Неколку зборои за македонцкијот литературен јазик“, но и во другите прилози од книгата „За макдонцките работи“, се сублимираат во следното: правописот да биде врз фонетска основа, со мали отстапки пред етимологијата, а во лексиката да се вклучат елементи од сите македонски говори.

Прочитај и за ... >>  „Јазикот е мојата татковина“ повторно со нас - започнуваме 52 недели аудио содржини за македонскиот јазик

Поконкретно, тој во изговорот инсистира на испуштање на интервокалните в и х (чоек, жиот, дуот), ја антиципира мекоста (ќ и њ), ја застапува групата шч (шчо, обшч), групите стр, здр (сите случаи: стред, здрел), наставката -цки наместо -ски (македонцки).

Блаже Конески нагласува дека ваквите инсистирања доаѓаат од настојбата во својата книга да им даде што повеќе израз на оние јазични особености што ќе го изделуваат нашиот литературен јазик од другите јужнословенски јазици.

Дефинитивното нормирање на македонскиот јазик и неговото кодифицирање по Втората светска војна ги имаат за основа токму идеите и ставовие на Крсте Петков Мисирков.

Јазикот како духовно богатство и наследство

Во средиштето на Мисирковата мисла не стои само прашањето како треба да изгледа литературниот јазик. Во неговите зборови јазикот се појавува како простор во кој се зачувуваат мислите, чувствата и искуствата на еден народ и преку кој тие се пренесуваат од едно поколение на друго.

Заложбата за централните македонски говори, за фонетски правопис и за збогатување на лексиката со зборови од различните македонски говори претставува јасно формулирана замисла за развојот на литературниот јазик.

Токму затоа оваа целина од „Јазикот е мојата татковина“ не го претставува Мисирков само како историска личност, туку преку неговите сопствени зборови го покажува јазикот како духовно наследство што треба да се создава, развива и пренесува.

„Јазикот е мојата татковина“ – Аудио книга 4 продолжува.


Продукција: РТД Радио Гром
Автор: Љупчо Димитровски
Продуцент и тонски реализатор: Горан Димитровски
Стручен соработник: Стојка Бојковска, лингвист

@panoptikum-mk

За авторот: Горан Димитровски

Основач и извршен директор на Digital Media Creative Pro, со над 20 години искуство во дигитален маркетинг и визуелни комуникации. Специјализиран е за креирање ефикасни дигитални стратегии, проектен менаџмент и дигитализација на процеси во мали и средни компании.

За повеќе написи од авторот кликни тука.

Важна напомена: Сите права се задржани. Не е дозволено какво било преземање, копирање, објавување или преработка на делови или цели содржини од овој портал без претходно одобрение од авторот, редакцијата и/или издавачот. За секоја повреда на авторските и сродните права, Паноптикум го задржува правото да побара надомест и соодветна правна заштита.

Уредничка напомена: Во подготовката на содржината може да се користи дигитална/AI асистенција како помошна алатка за јазична, структурна, истражувачка или визуелна обработка. Финалниот текст е уреднички прегледан и објавен под одговорност на авторот и/или редакцијата. Главната илустрација на написот може да биде фотографија, авторска/архивска слика или AI-генерирана концептуална илустрација создадена за визуелна поддршка на текстот.