fbpx Прескокни до главната содржина

Пред исчезнување, роман

73. Со ближни кога се далечни

Мене ми е сè уште сосем неразбирливо зошто досега се сретнав само еднаш со Волфганг Амадеус Моцарт, и тоа на едно многу необично место и во негово време-дури беше уште жив. Веќе не сум сигурен дали тоа се случи на ден-два пред тој да почине во Виена. Всушност, по неа сè до денес се среќаваме често, некогаш со денови на ред, но не физички. Најточно е дека тој се среќава со мене физички, а јас со него како со негова сенка чудно оформена од неговата „Мала ноќна музика“, познатата серенада број 13 за гудачи во Ге-дур. Иако не е најпрецизно, ќе речам метафизички.

Притоа, треба да се има предвид дека самиот Моцарт на ниедна од тие наши средби, сè до последната вчеравечер не го ни спомнал Антонио Салиери; камо ли да расправаме за неговата улога во неговиот живот. Признавам, јас одамна радо би зашто мислам дека тој нема никакво значење и треба едноставно да се збрише како да не постоел никогаш. Некако спонтано успеав да му ги изнесам фактите, а тој да ги потврди со молчење или со кимање глава.

Вчеравечер имаше големо невреме, па цело време преседовме под стреа на одамна напуштена, мртва куќарка неколку метри по почетокот на уличката.

Го прашав дали тој и Салиери воопшто не биле смртни непријатели, туку биле професионални ривали кои меѓусебно се почитувале. Познато е дека Салиери присуствувал на премиерата на Моцартовата опера „Волшебната флејта“ и јавно ја пофалил со зборовите „тоа е ремек-дело“. Ми потврди со кимање глава. Го прашав дали е вистина дека Салиери директно или индиректно учествувал во труењето и неговата забрзана смрт, а тој негираше решително со молк. Му реков дека мене ми е познато оти тој бил познат и признат учител, ги учел Франц Шуберт, Лудвиг ван Бетовен и Франц Лист, а по неговата смрт му бил учител и на неговиот помлад син Франц Ксавер Волфганг Моцарт. Ми потврди со простодушна насмевка. Очекуваше, како да знаеше дека знам: заедно,тој и Салиери компонирале едно дело, кантата наречена За оздравената Офелија“.

Во врска со јас со него како со негова сенка: како оформена од „Мала ноќна музика“ секогаш сум расположена за ведрост, радост и спокој, наспоредно со неговиот младешки занес. Не знам дали и какво значење има тоа што сите наши досегашни средби се случија како само една, но си зададов задача последната, вчеравечер да ја искористам за досогледување и дообјаснување на дружбата со ближни кога се далечни. Не знам зошто, а можеби знам. Всушност, знам ама не знам. Можеби затоа што немам никакво сомнение: нема да ми се случуваат идни со него во калдрмисана пуста уличка, слабо осветлена со канделабри прилично оддалечени една од друга. И без никакво сомнение: таа повеќе уличка за сенки и сеништа одошто за живи и мртви луѓе.

Со Волфганг Амадеус Моцарт разговарав молчешкум. Што е вообичаено меѓу жив творец од дамнина до денес и негова сенка оформена од негово дело. Се разбира дека живо се сеќавам на разговорот за ближните воопшто. Конкретно: дали човек може да живее без нив додека е жив и дали на сегашни и идни потомци треба да им го завешта она што го создал? Прашање кое има своевидна тежина, особено ако се постави во однос на творечката оставина за човештвото, а како дел од духовното богатство на човечката цивилизација.

Прочитај и за ... >>  ШТОМ ЗАОДЕВ, СЕКАКО ЌЕ ДООДАМ или СЕКИДНЕВНИ НАСТАНИ И ДОЖИВУВАЊА ВО ЖИВОТОТ НА КОРЕН СТАМЕНОСКИ СО ПРЕКАР ИМЕ, минијатурен политички роман

-Ти кажав за татко ми и мајка ми, па немој сега пак за нив. Многу време по мојата смрт сме заедно, како со ближни кога се далечни. Тие немаат којзнае каква врска ни со мене ни со моите дела.

Волфганг Амадеус Моцарт се замисли, па одмавнувајќи со рака, како да се ослободува од некаква пајажина околу себе, рече отсечно:

-Сега доаѓа она што го очекуваш, како потврда на твојот став:

Откако починав, мојата љубов Констанца се исплаши дека ќе ѝ ги бараат парите назад, па го замоли мојот ученик Јозеф Еиблер да го доврши Реквиемот. Тој оркестрира само дел од мојата скицирана музика. Го предаде на друг мој ученик, Франц Зисмаер. Тој го заврши, но при комплетирањето на делото своерачно ја препиша целата партитура и му ја предаде на нарачателот. Тоа за да не се знае дека во него има нешто вградено од него.

Да, точно е дека непознатиот нарачател беше грофот Фон Велсег-Ступах, кој често им плаќаше на композитори да му напишат музика која потоа ја објавуваше како своја. Тоа беше чудно, за мене бесмислено, но ние музичарите го прифативме како особеност на неговиот карактер…Реквиемот го нарача во знак на сеќавање на неговата покојна сопруга. Познато е и дека деценија ѝ беше потребна на Констанца за да го убеди грофот да ме признае мене како вистински композитор.

Јас:

-Моцарт, зошто е како проклетство сиромаштијата врзана за творците, особено за генијалците како тебе, со огромно, неизмерно творештво? Не прифаќам дека токму таа е поттикнувач, дури услов без кој тоа не е можно. Во суштина, нема непосредна врска со ближните или без нив. Има посредна. Има примери во историјата кога тие го користеле, па и го злоупотребувале заработеното од делата. Творци кои биле богати, а сиромашни…Твојот случај е специфичен…

Моцарт:

-Да, со мене ситуацијата е мошне специфична. Познато ти е дека со мојата музика заработив многу пари, а бев и до смрт имав големи финансиски проблеми. Се согласувам, тоа е парадоксално. Заработував и по 10.000 флорини годишно, а само за една концертна изведба ми плаќаа дури 1.000 флорини. Што е во моето време двојно повеќе од просек за средно богата класа. Во Виена ме сметаа за еден од најбогатите…Во меѓувреме се променија времињата, музиката стана маргинална, дури безначајна. Згора на сè, ми се разболе Констанца, мојата најголема и најсилна љубов…Мораше често да се лечи во скапи бањи, па морав да позајмувам пари…Да не беше мојата Констанца, која набрзо оздраве, фала му на Господа…Се докажа како вешта во финансиите…Трошевме без мера…Особено кога мене почна забрзано да ми паѓа здравјето…

Не, воопшто не ѝ забележувам дека по мојата смрт таа се оддаде на луксуз. Имаше само 29 години кога остана вдовица со две наши мали деца, во голема болка…Што нашите деца? Наше потомство како на секои други…Констанца успеа да ги исплати сите наши долгови, да објави неколку мои дела, да организира серија меморијални концерти во моја чест и од австрискиот император да издејствува мала доживотна пензија за семејството…За останатото кој сака може да прочита во мојата биографија што ја напиша нејзиниот втор сопруг, данскиот дипломат Георг Нисен…Како умрев, во големи маки и болки, болен или отруен…Тоа е друга приказна…

Пред да ја завршиме нашата средба во калдрмисаната пуста уличка, слабо осветлена со канделабри, прилично оддалечени една од друга, што, патем, ја правеше уличка повеќе за сенки и сеништа одошто за живи луѓе, тој ме изненади:

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), IV, роман

-Не знам што ти е на ум во врска со ближните и без нив. Н,о јас сакам да обрнеме внимание на една од моите сестри, постарата-Марија Ана Валбурга Игнатија Моцарт. Како дете, уште на единаесет години таа настапуваше како пијанист на моите концерти  низ Европа. Ги свиреше со мене најтешките сонати и концерти за пијано. Својата музичка кариера ја заврши како многу ценета професорка по пијано, а ослепе на седумдесет и четири години. Што се однесува на мојот став за ближните…

Му наметнав свој став:

-Јас мислам дека обусловеноста на животот на творецот особено од најближните, како и нивното влијание на создавањето дела, на такви каков што си ти, гениј, се неминовни, но не пресудни. Мислам дека тоа во најголема мера се однесува на животната егзистенција, а во најмала на поттикот и инспирацијата за создавање дела. Тие се внатрешни, во човекот… Творечки дух и творечки сомнеж…Не случајно те избрав токму тебе, Волфганг, за да си докажам на себеси дека творецот никогаш ништо не им должи на ближните, а неговите потомци не може автоматски, значи и незаслужено да ги живеат благодатите на неговото творештво. Ако не им го оставил да го чуваат како завештание, тоа не му припаѓа никому. Значи, треба да исчезне пред неговото исчезнување.

Ми го пресече промислувањето со прашање:

-Зошто толку навалуваш со ближните пред исчезнување на творец? И тоа против не најближни кои се обидуваат и некогаш успеваат на некој начин да присвојат негово дело, да го прогласат како свое?

Јас:

-Мислам дека е лесно да заклучиш: ближните можат да сведочат додека се живи, ако веќе не успеале совреме да спречат нешто такво или слично на тоа. И мислам дека тие го прифаќаат тоа не како товар, туку како должност. Должни се следејќи го сè до неговото конечно исчезнување.

Моцарт замислено:

-Знам дека знаеш, па само да те потсетам дека близоста не е близост без искрена и длабока љубов. Мислам на нераскинливата близост. Која ништо не може ни да ја разниша, а камо ли да исчезне со или по исчезнувањето на вистински ближен…Мојата Констанца го докажа тоа и по мојата смрт. Сигурен сум дека ја препознаваш и денес, по векови без нас во нас.

Јас замислено:

-Од твоите ближни прва е Констанца?

Тој отсечно:

-Да…Најпрва…Најголема, единствена љубов…Ѝ должам многу…Најмногу…Багодарение на неа мојата музика…

Му го продолжувам исказот:

-…Е таква каква што е. Доказ на мојот став дека творецот треба да биде без ближен сè додека твори, но и во меѓувреме, меѓу создадено и дело во создавање. Всушност, најдобро и без ближни и без далечни. Како пред самоти исчезнување. А државата? А општеството? Твојот случај многу кажува…Величање на творец починат во беда…Лицемерие, бесрамие…

Последни зборови на Моцарт за мене, пред Констанца, неколкумина прријатели и колеги музичари да го испратат во заедничка гробница на сиромашни:

„Жалам што нема ништо важно или интересно за затврдување и надградба на твојот став за ближните на творецот и неговото творештво пред исчезнување. Сеедно е дали ќе им остави или не завештание со неговото исчезнување да исчезне и сè што создал. Или, пак, ќе дозволи тие да имаат каква-годе полза од него“.

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.

Важна напомена: Сите права се задржани. Не е дозволено какво било преземање, копирање, објавување или преработка на делови или цели содржини од овој портал без претходно одобрение од авторот, редакцијата и/или издавачот. За секоја повреда на авторските и сродните права, Паноптикум го задржува правото да побара надомест и соодветна правна заштита.

Уредничка напомена: Во подготовката на содржината може да се користи дигитална/AI асистенција како помошна алатка за јазична, структурна, истражувачка или визуелна обработка. Финалниот текст е уреднички прегледан и објавен под одговорност на авторот и/или редакцијата. Главната илустрација на написот може да биде фотографија, авторска/архивска слика или AI-генерирана концептуална илустрација создадена за визуелна поддршка на текстот.